Наменски оптимизам во Грција: Кризата е надмината? | Економија | DW | 23.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Наменски оптимизам во Грција: Кризата е надмината?

Грчкиот парламент го изгласа буџетот за 2018 година. Доколку сѐ оди по планот, ова е последниот кризен буџет -нешто што владата во Атина одамна го најавува.

Веќе десет години економските прогнози, врз кои грчката влада го планира буџетот, не биле толку оптимистички: за 2018 се очекува раст од 2,5%, пад на невработеноста на 19,2%, а примарниот суфицит во буџетот, значи без да се земат предвид трошоците за долговите, би изнесувал најмалку 3,8% од грчкото економскио постигнување. Со ова, оваа високо задолжена земја во 2018 ќе има многу повеќе приходи отколку расходи. И тоа е итно потребно, бидејќи налето завршува економската програма за спас на меѓународните кредитори во висина од 86 милијарди евра и Грција потоа сака да се реактивира не финансиските пазари.

Меѓутоа, конјуктурните прогнози на владата во Атина во минатото постојано беа ревидирани и намалувани. Дали овојпат навистина им оди подобро? „Како што тоа често се случуваше во изминатите години, економската прогноза се чини премногу оптимистична, но основната линија е исправна“, вели за ДВ Панајотис Петракис, професор по економија на Универзитетот во Атина. Грчката економија е на пат да се опорави, оценува тој.

Повеќе на темата:

Грција парализирана од штрајк

Ципрас дели божикни подароци

Сепак, според Петракис, растот следната година веројатно ќе изнесува два процента, што е нешто помалку од владината прогноза. И примарниот суфицит оже да биде помал отколку што првично се проценува во Атина. „Грчката економија се враќа во нормала, но ќе ни треба уште најмалку две или три години за луѓето да се чувствуваат безбедно, да ги вратат своите заштеди во банките и повторно да имаат доверба во иднината на својата земја“, вели овој експерт.

Пресвртница - август 2018 

Во моментов премиерот Алексис Ципрас би сакал работите да одат најбрзо што е можно. Во август 2018 година, Грција конечно ќе ги напушти програмите за спас, ќе застане на сопствени нозе и ќе се движи без надзор на донаторите, постојано ветува владата во Атина. „Нашата земја има долга и болна авантура на која никој не сака да се сеќава“, рече Ципрас на неодамнешната дебата за буџетот.

Griechenland Parlament billigt Haushalt 2017 (Reuters/A. Konstantinidis)

Грчкиот премиер Ципрас ветува: Грција набрзо ќе стои на свои нозе

Лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис има поинаков став. Според него, Буџетот 2018 е повторување на „рецептот кој еднаш беше неуспешен - се заснова на штедење и го спречува економскиот развој“. Покрај тоа, средната класа повторно ќе се оптовари со бескрајни даноци, коментира Мицотакис.

Како и да е: фактот што Грците ги рефинансираат своите долгови во догледна иднина, се чини не е погрешно. Тестот направен минатиот јули, кога на пазарот на обврзници беа собрани три милијарди евра, мина успешно. Покрај тоа, земјата погодена од кризата на крајот на ноември со замена на обврзници доби дополнителна ликвидност во висина од над 25 милијарди евра. Меѓутоа, критичкото прашање е кои каматни трошоци ќе се појават со рефинансирањето, вели професорот Петракис: „Со размената на обврзници во ноември е извршено делумно рефинансирање, но тоа беше сторено со една не мала каматна стапка од 3,5 до 4,2 проценти, во зависност од рокот. Ако од летово го снема чадорот за спас и ако треба да има дебата околу тоа дали Грција треба да се врати на својата стара должничка политика, тогаш може да се соочиме со повеќе тешкотии“, вели Петракис. Тој додава дека товарот на долгот во Грција се намалува бавно и веројатно и во 2018 ќе изнесува речиси 180 отсто од економското постигнување. Малку е веројатно дека ќе има брз излез од презадолженоста: „Од големиот долг ќе можеме да се ослободиме само со пораст и ново богатство во Грција“, нагласува Петракис.

Symbolbild Griechenland Schuldenkrise (Getty Images/AFP/P. Huguen)

Oстанува нејасно дали во 2018. ќе има дополнителни мерки за штедење

На повидок умерен напредок

Грчкиот водечки институт за економски истражувања ИОБЕ, на работите гледа слично: „Буџетирањето за 2018 година се заснова првенствено на мерки на штедење и кратења. Но, подобрување на нашите економски податоци ќе видиме само ако има нов раст“, опомена директорот на одделот за истражувања, Ангелос Цаканикас, во интервју за телевизискиот канал Скај. Грчката економија бележи умерен нагорен тренд, вели овој економист. Сепак, потребни се многу повисоки стапки на раст, за земјата во криза да може конечно да ја остави рецесијата зад себе.

Засега останува нејасно дали во 2018. ќе има дополнителни мерки за штедење. Во секој случај, професорот Петракис опоменува дека треба да се биде воздржан при трошењето на државните пари. Ризици за државните финансии може да донесат особено на нови вработувања во јавните дејности, објаснува овој експерт. Политиката не реагира на ваквите предупредувања: само во декември, владата најави 200 нови вработувања на државната телевизија ЕРТ.

DW.COM

Реклама