Надмината и последната бариера за пописот
21 јануари 2021Надмината е и последната препрека за пролетниот попис во Северна Македонија, откако пратениците денеска со 62 гласа „за“ го поддржаа Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Со помош на гласовите на Алијаса и Алтернатива, владејачкото мнозинство обезбеди кворум. Немаше воздржани и гласови „против“. На седницата не присуствувал и пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, кој објави дека е позитивен на Ковид-19. Отсутни биле и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, но и лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата пред гласањето. Со тоа се отвора патот да се заокружат подготовките за спроведувањето на пописот кој ќе се спроведе од 1 до 21 април. Станува збор за најобемната статистичка операција којашто по 19 години ќе се одржи во земјата.
Не стивнуваат реакциите
ВМРО-ДПМНЕ денеска го повтори ставот дека овој закон не е во согласност со европските регулативи, па оттаму нема да биде реален. Тие обвинуваат дека власта го истуркала решението на сила, поради што оваа операција од статистичка станува политичка. Партијата неодамна започна со иницијатива за собирање на 10 илјади потписи од граѓаните со која најавуваа дека ќе бараат поништување на Законот за попис откако тој ќе биде донесен.
-повеќе на темата: Попис со врзан потпис
„Го истуркавте ова законско решение на сила, со скратување на постапките и без јавна дискусија и јавни дебати. Не беа прифатени 26-те амандмани од ВМРО ДПМНЕ, односно 37 на целокупната опозиција и ефектите од ваквото законско решение ќе се видат наскоро од страна на граѓаните, а одговорноста ќе биде ваша. Затоа што ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да гласаат за ваквото законско решение“, рече Мицевски од собраниската говорница.
Како еден од клучните проблеми тие го посочуваат врзаниот потпис на директорот на Државниот завод за статистика и неговиот заменик. Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели целата идеја со врзани потписи е произлезена од пржинските договори. „Врзаниот потпис е измислица на Пржино и уште тогаш укажував дека како резултат на Пржино ќе направиме излезно решение со формирање на Специјално обвинителство кое што ќе нѝ се крши од глава на сите нас и сфативме дека нѝ се крши од глава. Меѓутоа, се случи Пржино и сега тоа како пракса е воспоставено“, рече Џафери.
Партизирањето на пописот е штетно
Од владејачката СДСМ преку соопштение порачаа дека надлежните институции се подготвени да спроведат попис по сите меѓународни стандарди и препораки на ЕУРОСТАТ. „Никој не смее да го партизира спроведувањето на пописот, а повиците за негов бојкот се повици за кршење на законите. Одново се поразени деструкциите и обидите за блокади на антидржавното и антинародно ВМРО-ДПМНЕ предводено од докажаниот губитник Христијан Мицкоски“, велат од партијата.
-повеќе на темата: Попис од 1 до 21 април - иселените над една година не се резиденти
Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски го поздрави донесувањето на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2021. Според него, со усвојувањето на Законот создадени се нормативните услови да се реализира оваа важна статистичка операција, после 19 години. „Институциите се подготвени, ќе имаме попис по меѓународни стандарди. Концептот е професионален и одговорен, без политички влијанија, да имаме точни, веродостојни статистички податоци и да го спроведуваат стручни лица. Според критериумите на Евростат и меѓународните стандарди. Партизирањето на пописот е штетно и целосно непотребно, тоа е статистичка операција, неопходна за да се планира развојот на државата“, вели Николовски.
-повеќе на темата: ДУИ лицитира, Заев смирува за пописот
Пописот ќе се спроведе од 1 со 21 април. Државјаните коишто живеат надвор од земјата ќе можат да ги внесат своите податоци преку апликацијата што од 1 март ќе се најде на веб страницата на Државниот завод за статистика. За оние кои ќе дадат лажни податоци ќе има казни. Со законот е предвидено глоба во износ од 200 до 300 евра да плати оној што ќе одбие или ќе даде неточни податоци. Наредниот месец ќе бидат објавени Методологијата и другите акти за спроведување на оваа операција. За спроведување на најобемната статистичка операција ќе бидат вклучени над 5 илјади попишувачи и инструктори распоредени во 50 пописни региони. Пописот ќе ја чини државата 8,5 милиони евра. Последниот попис во Северна Македонија беше спроведен во 2002 година, откако пропадна обидот за пребројување на населението и домаќинствата во 2011 година поради политички несогласувања.