1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудроста на Сартр и мојата наивност

10 ноември 2021

Четири години брзо минуваат. Некои од вас ќе бидат повторно избрани, некои нема. Затоа запомнете, немојте да правите ништо за партијата. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/42naP
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Никола Тодоров е поранешен вицепремиер и министер за здравствоФотографија: DW/B. Gerogvievski

Секој искажан збор има своја последица, секое молчење исто така. Вака нѐ научи Жан Пол Сартр и нѐ замоли секогаш кога сакаме да кажеме нешто, да бидеме свесни за последицата што со тоа ќе ја предизвикаме, но уште повеќе нѐ учи дека никогаш не треба да молчиме кога со нашиот збор можеме да спречиме нешто неповолно. Свесен дека и мојот напишан збор ќе има своја последица, за жал повторно по мене, потпирајќи се на Сартровата мудрост, кај мене претежнува прифаќањето на последицата по мене од искажаниот збор во однос на последицата по сите од моето молчење. 

ВМРО победи на локалните избори. Градоначалниците и советниците на ВМРО почнаа да ги преземаат функциите. Тука се случи нешто кое не можам да го одмолчам. Знам дека е многу подобро за мене да си молчам, да ги оставам, да не се мешам. Зошто побогу да им оставам простор на оние кои се плашат, да ме прогласуваат за предавник и да ме линчуваат по социјални мрежи. Молчи си, свиркај си, остави ги. Но, тогаш на ум ми доаѓаат овие зборови на Сартр кои мораат да бидат водилка на секој слободен човек. Молчењето ќе има последица за целото општество, за секој оној кој непромислено делува, за партијата ВМРО-ДПМНЕ и за мојата држава. Од друга страна кажаниот збор ќе има последица само по мене. Јавниот интерес преовладува.

Нашето уставно име е Република Северна Македонија. Таа реалност мораме сите да ја прифатиме, сите наши градоначалници, сите наши советници. Некому не му се допаѓа, некој е згрозен, некој повреден, некој неволно поминува преку тоа. Веројатно никој тоа не го сака. Ниту мене не ми се допаѓа, ниту јас не сум среќен што моравме да го додадеме она „Северна“ на името Македонија, но, од друга страна, тоа е реалноста која ни овозможи да станеме дел од НАТО и тоа е реалноста која треба да ни ги отвори вратите кон ЕУ. За жал, сѐ уште не ни ги отвори и до овој момент останавме изиграни. Меѓународните односи, за жал, сѐ уште почиваат на сила и интерес. Сила немаме, а интересот кон нас не е преголем. Малку сме, слаби сме, геостратешки сме далеку помалку важни од тоа што ние сметаме дека сме, поделени сме, со многу проблеми и со неразбирлива потреба целиот валкан веш и сите домашни проблеми да ги покажуваме надвор.

Без покажување среден прст 

Затоа запомнете, бидејќи немаме сила, нема потреба никому да покажуваме среден прст. Зошто покажувањето на среден прст има своја консеквенција исто како и кажаниот збор. Не смееме да покажуваме среден прст во услови кога немаме крила. Ако нѐ исфрлат, ќе треснеме на земја, нема да полетаме. Затоа мудро, без непотребни гестикулации и вишок зборови. Еуфоријата на победата ќе помине, проблемите повторно ќе навјасаат, а искажаниот збор и покажаниот среден прст ќе останат во нечија меморија. Ќе имаат своја последица. Тоа не е покажување пркос. Тоа, во услови кога што и да направиме нема шанси оваа реалност да ја смениме, е само провокација која може по сите нас и по секој еден од вас да има сериозна последица. Секој кој барем малку рационално расудува, знае дека тоа е завршена работа. Секој знае дека до ова мораше некогаш да дојде и дека шансите Грција да се премисли и да го прифати името Македонија, без каква било придавка, беше невозможно. 

Не потпишувајте ништо!

Вашата работа е сега друга. Вашата работа како нови градоначалници и советници е да ја покажете разликата. Да покажете дека ВМРО-ДПМНЕ подобро работи за својата држава од своите политички ривали. Во тој правец ќе ви дадам неколку многу важни совети:

Прво, немојте ништо лично да потпишувате, зошто сега мислите дека сте јаки и никој ништо не ви може, ама не е така. Дури и да сте најчесни во намерите, сѐ додека постои кривичното дело злоупотреба на службена положба, секој, во секое време, може многу лесно да ве намести. Затоа делегирајте ги потписите на раководителите на сектори. Поставете систем на „ex ante” контрола, па секој документ пред да биде потпишан од раководителот на сектор да помине низ постапка на т.н.претходна ревизија. Кој било документ да се потпишува само доколку внатрешниот ревизор  потврди дека сé е согласно со закон. Особено потребна е ваква ex ante контрола кај набавките и исплатите. Направете тримесечен план за реализација на проектите од програмата, па врз основа на тој план направете неделна и дневна агенда. Секое утро пред да дојдете на работа подгответе листа на дневни обврски во согласност со неделната агенда. Што и да се случува, никако немојте да отстапите од дневната агенда. Успехот е резултат на мали дневни чекори, не на големи амбиции. Давајте отчет пред граѓаните на секои три месеци. Доколку немате реализација од најмалку 70% од тримесечниот план, до вас е. Коригирајте се по првите три месеци затоа што нема втора шанса за прв впечаток. Вклучете ја опозицијата во донесувањето на одлуките, зошто и опозицијата е дел од власта. Тие се тука да ви помогнат да не згрешите. 

Не за партијата, туку за државата 

Четири години брзо минуваат. Некои од вас ќе бидат повторно избрани, некои нема. Затоа запомнете, немојте да правите ништо за партијата. „За партијата сум спремен сé да направам" е најглупавата премиса и позиција која можете да си ја прифатите. После вас ќе дојдат други кои исто така ќе се колнат во партијата, ќе сметаат дека е нивна и дека сé од нив почнува. Ќе зборуваат дека никој пред нив ништо не направил, дека 35 години државата тапка во место и дека баш тие се политичката генерација која ќе ја донесе промената. Така е тоа во политиката, па онаа „дај друго дете“ е, за жал, лошата константа. Затоа, мудро. Не за партијата, туку за државата. Ако правите сé за партијата, државата ќе ве казни, а партијата ќе ве заборави. Ако правите сé за државата, така правите и сé за партијата, па не е важно што државата или партијата можеби ќе ве заборави, туку важно е што нешто добро ќе направите. Последно, но не помалку важно, запомнете - секој е заменлив на секоја функција, освен на таа во своето семејство.

Ќе завршам со една стара мудрост: Тајната на промената е да ја фокусирате целата ваша енергија не на битка со старото, туку на градење на новото.