Моја Европа: Татковината како одраз на загубениот рај | Свет | DW | 21.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: Татковината како одраз на загубениот рај

Што е татковина? На тоа прашање многумина одговараат автоматски, сметајќи дека на сите им е јасно. Дана Григорчеа пак има своја констатација: татковина е првенствено местото каде нешто можеш да постигнеш.

„Од каде доаѓам, од Исток или од Запад?“- ме прашаа студенти на една забава по повод падот на Берлинскиот ѕид во Саксонија. Стануваше збор за студенти од швајцарскиот кантон Граубинден, дојдени во партнерска посета на универзитетот во Митвајда. За потребата на забавата на кампусот, диско-клубот со ѕид од стиропор беше поделен на две половини - во едната се пушташе „источна“ музика, шлагери и маршеви, а во другата музика од „западните“ 90-ти, рок, поп, Петер Мафај. На влезот секој беше прашуван од каде доаѓа - од Исток или од Запад? Во зависност од одговорот, секој добиваше соодветен печат на рачниот зглоб и беше упатуван во „неговата“ половина на салата. На полноќ, со голема еуфорија, ѕидот беше отстранет и изгазен, Исток и Запад се помешаа и сите почнаа да играат на иста музика - најнови хитови.

Се враќам на почетокот. Кога ме прашаа од каде доаѓам, за мене беше јасно: родена сум во Романија, во комунистичкиот источен блок, значи доаѓам од Исток. Добив и адекватен печат и се упатив на „источната“ половина од салата. Опуштено играв на музиката на маршевите, чии патриотски текстови ме веселеа, но знаеја и да ме трогнат. Во еден момент погледнав кон вратата и здогледав мои студенти како се обидуваат да преговараат со редарката. Тие ја одбиваа целата игра со печатите и сакаа дозвола да играат во двете половини на салата. „Ние сме од Швајцарија“, рече еден од нив, повеќе сериозен отколку на шега: „Ние сме неутрални“. Им реков да одат во „западната“ половина, зашто на полноќ и онака сите повторно ќе се сретнеме и заедно ќе играме.

Но, студентите се налутија на мене. Зашто, јас дозволив да им удрат печат пред да се консултирам со нив. Зашто, јас бев една од нив и требаше прво да ги консултирам за да најдеме решение кое сите ќе ги задоволи.

„Секој човек има различни идентитети“

Оваа епизода ме натера на повторно дефинирање на поимот „татковина“: од другата страна на печатот и патриотската музика, татковината е место на кое нешто може да се постигне, на кое некој е активен граѓанин. Како личност со двојно државјанство (романско-швајцарско), овде радо би ја цитирала дефиницијата на татковината која ја даде Канцеларијата за интеграција на мојот град Цирих: „Секој човек има различни идентитети и различни татковини...Задача на Швајцарија е да сака да биде татковина...Потребни ни се бројни Швајцарки и Швајцарци, сеедно е што уште се тие.“

Штета е што Швајцарија не е дел од ЕУ. Во швајцарската демократија се изнедруваат млади граѓани кои во актуелната дискусија за татковината, која се води ширум Евтопа, би можеле да дадат солиден придонес. На пример, дека татковината во прв ред претставува заедница на вредности. 

Deutschland Mauerfall Grenzöffnung Berliner Mauer mit dem Brandenburger Tor (picture-alliance/dpa/W. Kumm)

Падот на Берлинскиот ѕид како инспирација

„Заостанување зад реалноста“

Како Швајцарка, и благодарејќи на романското потекло, граѓанка на ЕУ, се чувствувам во привилегирана положба, да можам да преземам улога на мост. Моментно сме сведоци на тешка криза, нашите општества се постојано задишени и изложени на каприците на политичкиот пазар. Она што во овој момент е потребно, е култура на дебатирање. Поимот татковина во нашиот наводно цивилизиран свет во јавниот дискурс е проследен со конотации какви што нема во религијата: постои понизност, и секогаш се присутни оние кои се во потрага, но мнозинството говорници сака со прегнантни реченици да ја опфати темата одеднаш, како нивниот став да е општоважечки, и се лутат на незнаењето на оние кои не се согласуваат со нив.

Тие кои зборуваат во свое име претендираат да зборуваат во името на сите, дискурсот е обележан од стравови и желби, а јазикот не соодветствува со реалноста, полн е со изрази кои го отежнуваат диференцирањето, на пример „земја од која се доаѓа“, „втора татковина“ или „нови граѓани“.

Во нашето културно наследство веќе постојат одлични дефиниции на татковината. Мене многу ми се допаѓа пристапот кон темата во филмот „Граѓанинот Кејн“ - во него е раскажана приказната за медиумскиот могул Чарлс Фостер Кејн, од неговото детство, преку социјалниот и политички подем, неговите врски и љубови, сѐ до смртта која ја дочекал како пребогат, но и осамен човек.  Но, репортерот низ чие раскажување го следиме животот на Кејн, никогаш нема да го сфати значењето на последните зборови на Кејн: „розина пупка“. Зашто, „пупката на розата“ беше негова татковина, татковината која ја здогледа во своите последни моменти, пред таа, во форма на стара санка од детството, заедно со останатите предмети кои се сметале за безвредни, да заврши на клада.

Тоа чувство на припадност кон татковината кое го опишав и во мојот последен роман „Првобитно чувство на невиност“, раскажува за тоа што можат да направат татковината и емоционалната топографија. „Пупката на розата“ кај секого има различна форма. Понекогаш се будам среде ноќ и во мракот ја барам едноножната масичка на мојата баба, на која стоеше кристален бокал со вода; водата светеше и фрлаше светли зраци на ѕидовите. Сѐ беше тивко и можев повторно да се препуштам на сонот.

Никогаш повторно не го пронајдов мирот на тие ноќи. Израстуваме од примарното чувство на невиност и пријатна наивност, но затоа стануваме некој кој светот може  да го обликува според сликата на загубениот рај: татковината може да се најде - насекаде.

Дана Григорчеа е швајцарско-романска книженичка. Во 2011 година на германски јазик го напиша својот прв роман „Баба Рада". Нејзиниот последен роман „Првобитно чувство на наивност" е објавен 2015 година.

 

DW.COM

Реклама