Морија, пекол на земјата | Свет | DW | 10.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Морија, пекол на земјата

Најголемиот бегалски камп на грчкиот остров Лезбос изгоре, исто како и европската идеја. Крајно време е за заеднички европски договор, смета Јанис Пападимитриу.

Дали станува збор за намерно подметнат пожар, немарност или само за ужасен случај? Тоа уште не го знаеме. Но, не е потребна ни некоја посебна мудрост за да се види очигледното: ако повеќе од 13.000 луѓе се збиени на место предвидено за најмногу 2.500 лица, тогаш атмосферата е вжештена, понекогаш еве и буквално. Во кампот Морија и порано имаше пожари, во 2016. и 2019. година.

Оваа среда беше уште полошо. Потпомогнат од ветрот кој дуваше и до 70 километри на час, огнот беснееше со часови. И уништи некои делови од кампот, уште повеќе што пожарникарите беа принудени да гаснат и еден шумски пожар.

Морничавите слики од Морија

Веќе со години во преполнетиот бегалски камп Морија на Лезбос се гледа како на „срамот за Европа". Но, ни Грција не може да се пофали. Напротив, политичари од сите кулоари во Атина постојано ветуваа дека ќе ја решат таа срамота и дека Морија ќе биде затворен. Но, тогаш бегалците и мигрантите требаше да се сместат некаде на друго место во земјата, тоа очигледно никој не сака.

Jannis Papadimitriou für App PROVISORISCH

Јанис Пападимитриу

Притоа Грција во изминатите години од ЕУ доби финансиска помош од повеќе милијарди евра за да обезбеди сместување и храна за новодојдените. Меѓутоа, властите во Атина направија премалку. Уште се чека и на забрзување на постапката за добивање азил, како што беше најавено. Оној кој ќе стигне таму, по правило чека преку една година на термин во службата надлежна за азил.

ИЕвропа немо посматраше

Толку за околностите во Грција. За жал, и остатокот од Европа предолго немо посматраше. Така се поставува прашањето, кој е всушност тука „Европа"? Со успех сите сакаат да се китат, а кога работите ќе тргнат наопаку, никој не се јавува. Притоа, суверените земји-членки на ЕУ се тие кои во Брисел го одредуваат тонот, иако формално секогаш Европската комисија излегува со предлози. Истите тие земји-членки, кои потоа не се придржуваат на она што е договорено.

Повеќе:

Фотографија на денот: Гори бегалскиот камп Морија

Бегалска криза: Спасете ги конечно децата!

Тензии на Лезбос: „Повторно ќе дојдат многу луѓе“

Срам за Европа

Пријатен придружен ефект на таа пракса е што за успесите радо се презема „одговорност", а за сѐ друго се вперува прст во Брисел. Најдобар пример е бегалската политика. Сите држави-членки упорно се противат на заедничка линија и не само што ги игнорираат одлуките донесени на највисоко ниво, туку и пресудите на Европскиот суд на правдата. Со тоа се нанесува сериозна штета на европската идеја. Дури кога на телевизиските екрани ќе се повторат ужасните слики од Морија, следат изјави со кои се изразува загриженост и кои лесно течат преку усните.

Преполн камп како средство за заплашување?

Оној кој еднаш го посетил кампот, знае дека сликите не се она најлошото во тој пекол на земјата. Не, најлоша е смрдеата, мешавина на скапано ѓубре, чад, пот и човечки измет, кој веднаш ве зграбува и веќе не ве пушта. Тоа е смрдеа на смртта, која илјадници луѓе среде Европа мора да ја поднесуваат. А понекогаш тоа веќе не можат.

Но, можеби баш таква била намерата. Можеби некои во Европа барем премолчено прифаќаат пекол како Морија како средство за застрашување заради запирање на миграцијата: погледнете што ве чека ако дојдете кај нас, така гласи девизата. Иако, не може да се очекува дека тоа ќе има ефект на заплашување. Зашто, со оглед на судирите кои продолжуваат во Сирија и во Авганистан, бескрајното чекање на островот Лезбос и натаму е подобра опција.

Реклама