Можеби ќе има вето за ЕУ, ама нема за Европа | Северна Македонија | DW | 23.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Можеби ќе има вето за ЕУ, ама нема за Европа

Со оглед на наклонетоста на Македонците да се доживуваат себеси како жртва на историјата, во овој миг е неопходно очајот и разочараноста од ветото од Бугарија да се преобрази во стремеж за промена. Пишува Кица Колбе

Кога македонскиот премиер по овие „денови на искушенија“ едно утро би се разбудил со сознанието дека можеби навистина ќе има вето за ЕУ, ама нема за Европа. Кога би им кажал на граѓаните дека  на патот, на кој европските вредности би почнале да цутат и во Македонија, не може да им стави никој друг вето, освен тие самите. Тогаш тоа би било еднакво на „коперникански пресврт“ во македонската транзициска историја! Тогаш  на сите би им  станало  јасно дека  никој не може да ги блокира доколку навистина  посакаат  Македонија да стане вистинска европска земја. Дури и да почекаат некое време  да почнат пристапните преговори со ЕУ, македонските граѓани, предводени од одговорни политичари, можат уште во овој миг да почнат да ја градат својата европска иднина  - во  својот  дом!

Процесот на европската интеграција почнува дома, а не  во Брисел

Со оглед на  познатата наклонетост  на Македонците да се доживуваат себеси како жртва на историјата, која на Балканот е еднаква на судбина, во овој миг е неопходно очајот и разочараноста  од ветото од Бугарија да се преобрази во стремеж за промена. Во консолидирање на силите, во сеопфатен план за  преобразба на општеството во сите сфери. Процесот на европската интеграција почнува дома, а не  во Брисел. Првиот чекор во тој процес е сознанието дека Македонците се дел од Европа. Иако самите најчесто не се свесни за тоа.  Добро би било, додека  чекаат да почнат пристапните преговори со ЕУ, македонските граѓани да сфатат дека   Македонија, како земја на Балканот,  припаѓа на југоисточниот дел на европскиот континет. Македонските граѓани не се чувствуваат во самоперцепцијата како Европејци. Има бездруго многу причини за амбивалентниот однос на сите жители на Балканот во однос на јасната припадност на Европа. Затоа што за Балканците   Европа  е само  тоа што не се тие самите! За нив е Европа тоа што во Југославија се нарекуваше „Запад“. Југославија и тогаш беше мост помеѓу Ориентот и Окцидентот, меѓу Западот и Истокот, како што впрочем е целиот Балкан. Меѓутоа тогаш Европа, како Запад, не  им се чинеше на Југословените толку далечна, како што им се чинеше, на пример, на Бугарите, на Романците, на Унгарците. Тоа покажува колку е значајна јасната самоперцепција и за државите. Тоа што го знаеја југословенските  граѓани, а го заборавија македонските, беше сознанието дека  темелите на Европа се културните и хуманистичките вредности,  слободата и одговорноста, човековите права и владеењето на правото, еманципираниот, мирољубив дух. Југословенските граѓани тогаш сметаа дека тие вредности се и нивни. Затоа  му се восхитуваа на Западот. Се мереа според западните критериуми на вредност и се трудеа истите вредности да ги  донесат и дома.

Други колумни од авторката:

Присутноста во мајчиниот јазик

Големата сликарка Маријане фон Верефкин

Бугарскиот страв од македонско малцинство

Аушвиц, „граѓанското студенило“ и Бугарија

Се чини дека  македонската јавност никогаш не била толку далеку од сознанието дека  Македонија  припаѓа на европскиот континет, како во последениве три децении. Можеби тоа чувство на граѓаните им го сугерира реториката на политичарите. Тие, имено, за пристапните преговори со ЕУ често велат: „Сакаме  да одиме во Европа!“ Небаре, за да бидат Европа, Македонците би требало да отидат некаде. Напротив, дури и кога  Република Северна Македонија  ќе стане членка на ЕУ, таа нема да отиде никаде. Таа ќе остане таму, каде што е и сега. А дали тогаш Македонија ќе биде  навистина свесна дека  припаѓа на Европа ќе зависи од тоа  дали во неа самата ќе владее  европскиот дух.  Тој дух таа може да почне да го гради  уште сега. Кога македонските политичари би ги сознале овие нешта во овој миг, тогаш  би им помогнале на граѓаните очајот да го преобразат во надеж и  во  енергија за реформи. За тоа македонските политичари треба конечно да почнат со неопходните реформи. Сигурно  тој процес би одел малку полесно кога би се вршел под „рефлекторите“ од Брисел. Меѓутоа, ако македонските политичари и сите македонски граѓани не можат да сторат ништо по свое убедување и по својата слободна волја, туку само од присила и под контрола, тогаш нема фајде и од идното членство во  ЕУ. Без промена на начинот на мислење и однесување нема напредок кон европската перспектива.

Макотрпни реформи

Патот на кој Македонија еден ден  ќе стане  европско општество нема да биде ниту лесен, ниту кус, меѓутоа тој е  патот  што го поминале сите европски општества по војната. А пропаста на еден политички систем е секогаш разорна.  Последиците може да се надминат само со заеднички напори, со заеднички стремеж за промена. Нема преобразба на општеството без промена на менталитетот. Нема  реформи без болна и макотрпна промена на навиките, на менталните матрици. Конечно, реформите не се возможни без многу работа, самопрегор, дисциплина и морален интегритет. Во секој миг во Македонија може секој политичар, секој стопанственик, секој граѓанин да се однесува според европските мерила за ефикасноста   во работата.  Тоа што ги спречува  најголемиот дел од луѓето во Македонија  да  поверуваат дека е можна Европа во Македонија е нивната изгубена надеж дека воопшто може нешто да се смени. Затоа што предолго чекаа да почнат вистинските реформи во општеството. Очајот кај многу чесни, достоинствени македонски граѓани произлегува од тоа што тие повеќе не веруваат дека нивното општество има сила да се промени. Не веруваат дека има македонска политичка партија која има потенцијал да ги започне реформите за темелна преобразба  на општеството. Човек навистина добива впечаток дека, без членството во ЕУ, македонските политички партии немаат друга краткорочна стратегија за подобрување на животот на граѓаните. А токму затоа во овој драматичен миг на Македонија и‘ требаат политичари со висок морален интегритет  кои  ќе имаат смелост да започнат со темелни промени.

Тогаш  македонските граѓани ќе сфатат дека Европа не е нешто далечно. Премногу долго тие се  препознаваат себеси само во Балканот, но не и во Европа. А се препознаваат во Балканот преку улогата на жртва на историјата. Токму затоа имаат и амбивалентен однос кон Западна Европа, во исто време чекајќи помош од неа во секоја криза во односот со своите соседи. Токму затоа Македонците за Балканот зборуваат како за нешто што е туѓо на Европа, иако и тој е дел од неа. Но, зарем тоа  ги спречува  да почнат да се однесуваат во Скопје небаре се граѓани во Берлин, доколку навистина се стремат кон европските вредности? Мерилото на нашето мислење и однесување можеме да си го поставуваме и самите. Кога повеќе луѓе ќе посакаат да се однесуваат според европските принципи во Македонија, тогаш тоа ќе ги поттикне и останатите во општеството да го следат нивниот пример. Промените не почнуваат само од врвот, од политиката. Тие почнуваат и со промената во однесувањето на секој граѓанин. Секој од нас познава личности кои во најмрачните времиња останале верни на своите морални принципи. Тие луѓе се потоа светилници  и патокази за идните генерации. Такви луѓе  и‘ требаат насушно на Македонија во овој миг. Луѓе кои со својата личност, мислење и постапување ќе бидат живо сведоштво за тоа дека европската  естетска, вредносно-етичка и политичка култура може да биде   остварена и во Македонија.