Можат ли младите да ја променат ЕУ? | Свет | DW | 25.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Можат ли младите да ја променат ЕУ?

Младите луѓе низ цела Европа го свртија вниманието врз себе барајќи ги своите права- за Брегзит, климатските промени или заштита на податоците. Можат ли нивните гласови да влијаат на изборите за Европски парламент?

„На овие избори решавате за животните услови на човештвото" – ова јасни зборови Грета Тунберг им ги упати на членовите на Европскиот парламент во април. Нејзиниот штрајк инспирира секој петок стотици илјади тинејџери на протести за заштита на климата.

Со своите 16 години Швеѓанката е премлада за самата да може да гласа на претстојните европски избори, но многумина нејзини истомисленици оваа година првпат ќе го остварат гласачкото право. 28 милиони гласачи кои првпат даваат свој глас имаат можност да ја променат европската политика.

Младите Европејци излегоа на улици...

Со околу 400 милиони граѓани со право на глас, изборите за Европскиот парламент од 23 до 26 мај се второ по големина демократско изјаснување во светот, по Индија.

Токму пред европските избори, бројни млади Европејци излегоа на улиците за да ги изнесат своите барања. Во Германија тие протестираа против новата регулатива на ЕУ за авторските права. Во Велика Британија демонстрираа против планираното заминување на Обединетото Кралство од ЕУ, за кое покрај британскиот, треба да гласа и Европскиот парламент.

Deutschland RWE Hauptversammlung in Essen Fridays-for-Future-Proteste (picture-alliance/dpa/R. Weihrauch)

Заштитата на климата ги мобилизираше младите во цела Европа

Но, колкаво влијание има гласот на европската младина на изборите? Европските избори се одржуваат секои пет години. Оние кои првпат го остваруваат гласачкото право се на возраст меѓу 18 и 22 години. Анализата на Дојче веле покажува дека бројот на оние кои првпат ќе гласаат во ЕУ изнесува меѓу пет и осум проценти. Заедно со гласачите кои имаат помалку од 30 години, европската младина изнесува една петтина од граѓаните со право на глас.

Но, дали ќе излезат на гласање?

Младите гласачи често се сметаат за непотегливи. Тоа може да се потврди и на овие избори. Прогноза на тинк-тенкот Европски совет за надворешни релации вели дека излезноста на младите ќе биде меѓу најниските од сите старосни групи.

Но, доколку го остварат своето законско право, младите можат да имаат релативно големо влијание врз распределбата на мандатите, првенствено во джавите од ЕУ каде политичките определби меѓу генерациите драстично се разликуваат.

„Чешката Пиратска партија е двојно поомилена кај младите избирачи отколку кај другите чешки гласачи“, објаснува Павел Церка од Европскиот совет за надворешни релации. И полската партија Виосна (Пролет) постои само од почетокот на годинава, ама според прогнозите, со десет проценти би можела да освои до шест места од полските седишта во Европскиот парламент.

Меѓутоа, не секоја партија која се обраќа претежно кон младите избирачи има успех. Европската младинска партија на пример, која постои низ цела Европа- Волт, според анкетите нема изгледи да освои места во ЕП. А во Велика Британија нагласено проевропските партии кај избирачите кои првпат го остваруваат своето право се зад Лабуристичката партија, која е неодлучна во поглед на прашањата околу Брегзит.

За младите гласачи Европа не е само мировен проект

Причината е што младите Европејци имаат сосем поинаков поглед врз ЕУ од нивните родители и баби и дедовци. Тие не познаваат друг живот без ЕУ. Некои од нив никогаш не добиле џепарлак во друга валута освен во евра. Тие се родени во обединета Европа, но израснати во од кризи тешко погодената Европа. Финансиската криза ги уништи економските перспективи во прв ред на младите Јужноевропејци. Бидејќи никогаш не доживеале воен конликт или Студена војна, за младите Европејци нивната иднина има поголема важност од минатото, вели Церка. „Тие не ја прифаќаат безусловно идејата за ЕУ како мировен проект.“

Ним им е важна првенствено нивната професионална и еколошка иднина. Партиите со вакви перспективи поентираат кај нив. „Тоа важи најмногу за Зелените во Германија, Австрија, Франција, Шведска и Холандија“, истакнува Церка. Токму овие земји уште на минатите избори испратија по повеќе од еден пратеник во ЕП и овојпат можат да имаат уште поголем успех.

Niederlande | Thierry Baudet | Forum für Demokratische Republik (FvD) | Uitslagenavond (picture-alliance/dpa/ANP)

Десничарските популисти исто така можат да ги воодушеват младите: Форум за демократија, десничарска партија во Холандија

Исто толку омилени кај младите луѓе меѓутоа се и популистите. „Во некои држави нагласен број млади луѓе се чувствува привлечен кон десничарските или антиграѓанските партии“, потенцира Церка. Младите ја претпочитаат на пример партијата Јобик во Унгарија, Вокс во Шпанија или Котлеба во Словенија.

Промена на европскиот политички пејзаж

За младите гласачи не се важни само изборните програми, туку и изборните плакати. Во изминатиот легислатурен период просечната старост на европратениците изнесуваше 55 години. Најмладиот пратеник имаше 28, најстариот- 90 години. Просечната старост на пратениците во ЕП сега може да се намали, барем ако се имаат во предвид годините на водечките кандидати. Француските десничарски популисти дури на својата кандидатска листа како прв  имаат номинирано еден 23- годишник - Жордан Бардела.

Повеќе:

Дојдени за да останат: Изборите во Европа и мигрантите

Европската младина сака да ѝ се чуе гласот

Нервоза во Берлин пред европските избори

Придобивањето на денешните млади избирачи е одлична долгорочна инвестиција за политичарите. Определбата на првото гласање може решавачки да влијае врз подоцнежните политички ставови, како што констатираа политиколозите на Истражувачкиот центар Пев во една долгорочна студија. Политичките навики, гласи нивниот заклучок, ретко се менуваат во текот на животот. Тоа значи, она што оние кои првпат избираат ќе го заокружат на своето гласачко ливче, може на долги патеки да го промени политичкиот пејзаж на ЕУ.

DW.COM

Реклама