Мнозинството Германци сфати дека без доселување не се може | Свет | DW | 18.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мнозинството Германци сфати дека без доселување не се може

Луѓе кои од странство доаѓаат на работа во Германија - ова долго беше чувствителна тема во општеството. Сега фактите се толку неспорни, што земјата мора итно уште повеќе да ги отвора вратите за нив, смета Јенс Турау.

„Толкав консензус немало никогаш“, рече претседателот на Здружението на работодавачи, Инго Крамер, во понеделникот во кабинетот на канцеларката. Се мисли на консензусот меѓу речиси сите релевантни политички и економски сили во Германија околу тоа дека на земјата ѝ е потребна стручна работна сила од странство. И тоа не само од ЕУ, туку и од други земји.

До 2030 година, велат експертите, на Германија ќе ѝ недостигаат шест милиони работници. Се алармира со години, особено во секторот на занаетчиството, каде актуелно неостигаат околу 250 илјади работници. Една од причините е што популацијата во Германија константно старее, но другата страна е тоа што занаетчиските професии за многу Германци не се доволно атрактивни, или се недоволно платени. Трет фактор е што економијата во извозно ориентираната Германија и натаму е успешна. Па така, тивко и преку фактите се завршува една културолошка борба во Германија која отсекогаш имала апсурдни примеси.

Предизборен слоган „Деца наместо Индијци“

Пред само 20 години конзервативните политичари во Германија водеа предизборни кампањи користејќи го стравот на Германците од доселување за работа. Политичарот на ЦДУ, Јирген Ритгерс, на пример, кој неколку години подоцна стана и премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија, во едно интервју своевремено рече: „Наместо Индијци, треба нашите деца да седат пред компјутерите!“

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау

Обете нешта не се случија. Обидот за привлекување на индиски ИТ-експерти од страна на тогашната црвено-зелена влада остана без позначаен ефект. Но, и германските деца не беа подобро школувани за работа со компјутери, најмалку во училиштата. Причина за таквата чудна дебата во основа беше тоа дека германските политичари никогаш немале храброст во јавноста да го изговорат тоа што одамна беше факт: Германија е веќе подолго време доселеничка земја. Во 1960-те години, делумно и порано, во земјата доаѓаа многу Италијанци, Турци, Португалци и Грци, и тие свесно беа оквалификувани како „гастарбајтери“, со што се искажуваше очекувањето дека некогаш и ќе ја напуштат земјата и ќе се вратат дома. Но, тие тоа не го сторија, останаа, раѓаа деца и нивните деца подоцна исто така. Многумина од нив сепак никогаш вистински и не се интегрираа во новата земја, бидејќи недостигаше недвосмислената порака дека се долгорочно посакувани. Тоа создаде проблеми кои до ден денешен ја мачат земјата.

Германија важи за умерено привлечна дестинација

Оваа културолошка борба трае до ден-денес, но сега се префрла на друга сцена: улогата на ксенофоби и непријатели кон странците ја преземаа десните популисти „Алтернатива за Германија“ (АФД), а, од друга страна, етаблираните елити во земјата се здружуваат против. Заслуга и на трезвената канцеларка и нејзината партија ЦДУ е признавањето на позитивната улога на доселениците. Ангела Меркел веќе подолго време е цврсто убедена дека земјата може да го задржи својот просперитет само преку натамошен прилив на работници од странство.

Сега земјата мора да делува согласно утврдените факти – меѓу водечките индустриски земји Германија, која важи за најсилна економска сила во ЕУ, е делумно привлечна дестинација за доселување. Бирократските процедури се непотребно компликувани, а заработувачката во другите земји во просек е подобра. Често недостасува и култура на гостопримство. Исто така и извештаите за десноекстремистички и антисемитски напади ги одвраќаат потенцијалните доселеници.

Сѐ повеќе бегалци наоѓаат работа

Дебатата за бегалците е секако различна од, сега надалеку познатиот, факт дека на Германија ѝ е потребна работна сила од странство. Откако во 2015 и 2016 година во земјата влегоа многу луѓе, земјата ги заостри процедурите за азил. Но, од друга страна и бегалците придонесуваат со пополнување на отворени работни места: во изминатите четири години речиси половина милион од нив веќе си најдоа работа во Германија. Во блиска иднина и многу Британци, шокирани од излегувањето на нивната земја од Европската унија, ќе сакаат да дојдат во Германија, а многу од нив се очекува да останат засекогаш. Земјата ќе продолжи да се менува, ќе стане разнолика и пошарена. И покрај „хистеријата“ на десничарите, пред фактите сите молчат – се чини дека мнозинството во Германија сега тоа конечно го сфати.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама