1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија ѝ се неопходни доселеници

Сабине Кинкарц
17 декември 2019

Кога Ангела Меркел свикува „самит“ во својот кабинет, тогаш проблемот мора да е голем. Недостатокот на стручна работна сила всушност станува сè поголем. Нов закон треба да помогне во надминување на проблемот.

https://p.dw.com/p/3UwRc
Deutschland ymbolbild Junge Ausländer bei Ausbildungsbeginn
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

430.000 бегалци најдоа работа во Германија во изминатите четири години. Но, тоа е далеку од доволно за да се задоволи недостигот на висококвалификувани работници. За секоја втора компанија во Германија, недостигот од квалификувани работници веќе стана најголем од сите деловни ризици. Германската индустриска и трговска комора, големо стопанско здружение, го утврди ова во својата анкета.

А на повидок нема подобрување. Напротив: во наредните години, може да се предвиди дека во Германија ќе се пензионираат толку многу работници што до 2030 година ќе недостасуваат 6 милиони работоспособни. Во моментов  во германските занаетчиски претпријатија има недостиг од 250.000 работници кои би можеле веднаш да добијат работно место.

Згуснување на редовите на највисоко ниво

Проблемот е толку голем што Ангела Меркел вчеравечер организираше самит за стручна работна сила во својот кабинет. Покрај министрите и политичарите од сојузните покраини, на маса седнаа и претставници на водечките здруженија на германското стопанство, германскиот сојуз на синдикати и сојузната агенција за вработување.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц зборуваше за далекусежен чекор во историјата на Германија. За првпат во неговата долга политичка кариера, рече Шолц, се случува буквално сите да се согласат дека е потребна имиграција и дека е само прашање како тоа може да се организира што е можно подобро. Претседателот на здружението на работодавачи Инго Крамер додаде: „Ретко имало толкав консензус."

Deutschland Berlin Gipfel Fachkräfteeinwanderung | Horst Seehofer, Hubertus Heil, Angela Merkel, Olaf Scholz, Peter Altmaier
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Macdougall

Промена на парадигмата

На 1 март 2020. година во сила стапува законот со кој треба да им се олесни на квалификуваните професионалци од земјите кои не се членки на ЕУ, меѓу нив и од земјите од Западен Балкан, да се преселат во Германија. „Законот е промена на парадигмата во начинот на кој сакаме да ѝ пристапиме на стручната работна сила надвор од Европската унија“, рече канцеларката Меркел.

На самитот стана збор и за тоа како законот може да се прилагоди за да дејствува што е можно побрзо. „На економијата тоа ѝ е неопходно“, потенцира претседателот Крамер. Не смее да има долги бирократски процедури, повеќемесечно чекање на термин и процедури за проверка.

„Неопходни ни се процеси со кои јасно ќе покажеме дека сме заинтересирани за тоа луѓето да доаѓаат кај нас“, рече канцеларката.

Повеќе на темата:

-Меркел: Итно ни требаат стручни работници од земји надвор од ЕУ

-Новите закони за доселување и престој во Германија денеска во Бундестагот

-Новиот побрз пат до работа во Германија сѐ уште не е истапкан

Меѓу другото, одобренијата за доаѓање во Германија треба забрзано да се обработуваат. Ова го вети министерот за надворешни работи Хајко Мас, кој сака да ги зголеми капацитетите за издавање визи и да ги дигитализира процесите. На тој начин, апликациите сѐ повеќе може да се обработуваат и во Германија, а не само во германските амбасади. Од 2021 година, оваа задача ќе ја преземе нова сојузна канцеларија за надворешни работи.

Најголем проблем останува јазикот

Исто така, треба да се подобри и признавањето на професионалните квалификации. Бидејќи не се секогаш споредливи со германските дипломи, економијата треба да помогне кај квалификациите со сопствени образовни институции и со поддршка во компаниите. Програмите за учење на германскиот јазик треба да се прошират, бидејќи недоволното познавање на германскиот јазик сè уште е најголем проблем. Според германскиот министер за труд Хубертус Хајл, не се потребни студии по германистика, но важно е познавање на германскиот јазик доволно за доселениците да се снајдат во стопанството и во општеството.

Германскиот министер за економија Петер Алтмајер е сигурен дека германските компании во кои англискиот работен јазик, ќе  регрутираат стручни работници кои ги исполнуваат овие услови.

Само намалување на бирократијата не е доволно

Настрана од сите мерки, според Ангела Меркел навистина важно е Германија во трети земји да се претстави како космополитска, како заинтересирана земја. „Германија мора да нуди атрактивни услови за работа, но и атрактивно социјално опкружување“, рече канцеларката.

Но, токму тоа често не е случај. Според студијата на фондацијата Бертелсман и ОЕЦД, Германија не е особено привлечна за странските академици. Во рамките на 36-те членки на ОЕЦД, Германија се наоѓа на 12-то место. Австралија, Шведска и Швајцарија се на врвот на листата на најпривлечни земји за иселување.

Поуверлива култура на добредојде

Постојат многу причини за тоа. Во Германија платите се помали отколку во другите земји на ОЕЦД. Ако се земат предвид даноците и нивото на цените, Германија е на 25-то место. Покрај тоа, не е сосем едноставно да се започне кариера во Германија со странска факултетска диплома или професионална квалификација. Додека 77 проценти од луѓето родени во Германија со академски степен работат во висококвалификувана професија, бројката за доселеници од земји надвор од ЕУ со странски дипломи кои работат во таква професија е само 40 проценти.

На крајот од краиштата, одлучувачки фактор во прв ред е интеграцијата во општеството. „Ако луѓето треба да останат тука, важно е тие овде да се чувствуваат како дома по одреден временски период“, смета претседателот на здружението на работодавачи Крамер. На Германија ѝ треба поубедлива култура на добредојде. „Мораме да се подобриме во тоа“, заклучува Крамер.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ