Многу бабици | Северна Македонија | DW | 09.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Многу бабици

Постои сериозен ризик како општество да станеме толку цинични, апатични, па дури и летаргични, што потоа е можно ни „со пинцета“ да не може да се состави енергија за промени кон подобро. Пишува Петар Арсовски

Во последниов период имам впечаток дека влегуваме во некаков вртлог на настани, кои ги влошуваат перцепциите, но и го засилуваат и онака високото ниво на незадоволство кое владее кај граѓаните. Некако, сите посериозни проекти од кои ни зависи иднината, како да тапкаат во место, со сериозна неизвесност и без реален епилог. Ако ваквите тенденции продолжат, постои сериозен ризик како општество да станеме толку цинични, апатични, па дури и летаргични во односот кон заедничките вредности и проекција за иднината, што потоа е можно ни „со пинцета“ да не може да се состави енергија за промени кон подобро.

Првиот пример за ова ми е реакцијата на јавноста конпописот. Во основа, за пописот во Македонија, и за оценка на неговиот квалитет, меродавни се две институции: EUROSTAT, и UNECE. Првата е европско тело за стандарди во статистички операции, а второто е негов пандан на ниво на организацијата на Обединетите нации. Двете институции го набљудуваа спроведувањето на оваа операција и излегоа со оценка дека, статистички, пописот е спроведен согласно сите светски и европски стандарди. Наспроти тоа, домашната јавност, па дури и некои интелектуалци, а антизападните партии секако, побрзаа да го прогласат за вештачки, наместен, неточен, и генерално лошо спроведен. Пазете која иронија, во основа поразителна за нас: потребни ни се „странците“ да ни кажат дека пописот е добро спроведен. Тие имаат повеќе увид и верба во нашиот капацитет барем една операција да спроведеме колку-толку пристојно. Ние велиме: „Не нѐ бива“, а тие нѐ тешат: „Ве бива, ве бива“. Ужас.

Petar Arsovski

Петар Арсовски

Инаку, да сме на јасно – пописот е спроведен согласно стандардите, но сепак, применети во македонски услови. Неговиот квалитет не може да избега од општото ниво на квалитет со кое се спроведуваат сите проекти кај нас, значи со значителна доза на импровизација. Но, дали има какви било докази дека е „штиман“? Не. Дали има индиции дека има сериозни грешк? Не. Дали, соодветно на тоа, бројките реално (во рамки на претходно споменатиот низок праг на професионализам, секако) ја отсликуваат состојбата во државата? Да. Фактот што истите оние кои повикуваа на бојкот (со изговор дека бројките се „штимани“) сега, поради сопствената кусогледост, ќе мора да се соочат со фактот дека бројките кои не им се допаѓаат се такви по нивна сопствена вина, е секако истовремено и трагичен и комичен.

Феноменот на бегство од вистината

Конечно, вкупниот амбиент е еден на општа недоверба, на замена на наука со теории на заговор, на ниско општо ниво на еманципација и нагласен недостаток на желба за вистина – оние кои не веруваат во пописот не ни сакаат да се впуштат во аргументација за неговиот квалитет, исто како што не сакаат да слушаат за вакцини, за фактите дека нема харпови и кемтрејлс, дека Бил Гејтс навистина „го заболе“ каде се движат и дали ги следи, дека Македонците во еволуцијата на видовите не се појавиле пред амебата, и така натаму до бескрај. Овој феномен на бегство од вистината, која секако е прозаична и помалку интересна одошто теориите на заговор, е истовремено загрижувачки параметар за тоа колку енергија ќе можеме да собереме за да ги направиме неопходните, но болни реформи, од кои првата е трансформацијата на нашата свест.

На нашата држава и општество ѝ следуваат нужни промени. Светот забрзано се менува, и ние со тие промени мораме да фатиме чекор. Сепак, како што глобалните промени забрзуваат, кај нас како паралелено да се случува еден обратен процес, наместо нашиот капацитет за такви промени да расте, тој се намалува. Уште повеќе од тоа, и желбата за напредок како да замира. Во секоја вест ние го гледаме најлошото, за ништо немаме ентузијазам, во никого немаме доверба.

Бадијала преговори ако...

Втор пример за ова е нашиот однос кон преговорите со Бугарија и ерозијата на поддршката за ЕУ и НАТО. Се разбира дека дел од таа фрустрација е оправдан, и меѓународната заедница има значаен дел од вината за изневерените очекувања на македонските граѓани, но ние како да се откажуваме од планот А, а немаме план Б. Последните случувања во Украина би требало на сите да ни предочат дека во моментот не постои подобра вредносна, идеолошка, па и морална алтернатива на „западните демократии“. А ние за нив имаме сѐ полошо и полошо мислење.

- повеќе од авторот: Дали имаме нова шанса со Бугарија?

Проблемот не е во разочараноста како сентимент, туку во фактот што таа резигнација може да нѐ направи неволни да инвестираме во сопствената иднина. Зашто, без оглед кој што мисли за ЕУ или НАТО, факт е дека реформите кои овие организации ги наметнуваат, конечно значат бенефит за нас самите, и барем тој дел не треба да биде спорен. Ние, пак, како што поминува времето и се доближуваме до можен почеток на преговори, стануваме сѐ поразединети, сѐ поскептични и сѐ повеќе склони на заговори. Мислам дека длабоката поларизација на општеството, во кое главните политички актери не разменуваат информации, немаат инклузивен процес на создавање заеднички позиции, е исто така значајно виновен за тоа.

- повеќе од авторот: Дали во војна имаме право на цензура?

На крајот, бадијала ние ќе почнеме преговори, ако во меѓувреме го потрошиме и последниот атом енергија во општеството за промените кои тие преговори ги бараат. Затоа, малку повеќе треба да вложиме во дијалог, а не да бидеме упорно исплашени едни од други. Доволно се мразиме и онака.