Интерпол ќе трага по Мијалков, Стејт департментот го следи случајот | Северна Македонија | DW | 22.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Интерпол ќе трага по Мијалков, Стејт департментот го следи случајот

Од синоќа трае потрагата по екс шефот на тајната полиција на кој викендов му се губи секаква трага. МВР го бара во земјата, Интерпол ќе истражува дали ја напуштил границата.

Screenshot von Fahndung gegen Saso Mijalkov

Националната потерница по Сашо Мијалков во меѓувреме стана меѓународна

Стејт департментот го следи развојот на ситуацијата по бегството на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, по кој се трага и во земјата, но и во странство. „Свесни сме за овие извештаи и ја следиме ситуацијата одблизу“, изјави кусо портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка, по повод бегството на Сашо Мијалков.

Во тек се обемни истражни дејства - се повикуваат членови на семејството, припадници на обезбедување на Мијалков, негови познаници и лица коишто би можеле да откријат детали кои ќе помогнат за негово лоцирање и пронаоѓање.

Извори од истрагата посочуваат дека сослушувањата во полициската станица Пролет ќе продолжат и во текот на ноќта. Се пребаруваат возила, се одземаат лаптопи и телефони, но се вршат и дополнителни проверки на повеќе локации, откако полицијата вчера „дежураше“ пред неговиот дом, како и пред хотелот „Мериот“ во Скопје. Се бара каква и да е трага којашто ќе ја одведе полицијата до Мијалков. Има индиции дека тој се' уште би можел да биде во земјата, но не се отфрла можноста и да ја преминал границата. Токму затоа МВР попладнево националната потерница ја смени со меѓународна, па сега и Интерпол ќе трага по него. 

Ветуваше дека нема да побегне

Судот во петокот ги сослуша завршните зборови на обвинетите во случајот за масовно прислушување „Тврдина-Таргет“, во кој е обвинет Мијалков за противзаконско прислушување додека бил директор на УБК. Пресудата треба да биде соопштена в петок. Но, се' поизвесно е дека тој нема да биде во судницата за да ја слушне. 

-повеќе на темата: Од МВР тврделе дека го имаат Мијалков „на око“

Според информациите кои што ги соопштија надлежните институции, драмата започнала уште во саботата, кога постоеле индиции дека Мијалков би можел да побегне. Во саботата, обвинителот за ваквите непотврдени сознанија го известува МВР. Полицијата доцна вечерта ги потврдува сомнежите. Во неделата се испраќа официјално барање за куќен притвор. Полицијата го бара на неколку локации, но не го пронаоѓа. Следниот ден распишуваат национална потерница, за неколку часа подоцна да се активира меѓународната потрага по екс шефот на тајната полиција, на кој му се губи секоја трага. 

Токму во март минатата година, Мијалков ги уверуваше судиите дека бегањето не е негов стил. „Стојам на зборот дека нема да побегнам“, им рече на судиите во Апелација ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, на 26 март 2019 година, кога бараше да му биде укинат притворот, кој му беше изречен по пресудата за случајот „Титаник 2“, а со која беше осуден на три години затвор. 

Кој потфрлил во случајот?

Додека институциите си ја префрлаат топката кој потфлил во случајот, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција изразија сомнеж дека некој му помогнал на Мијалков да избега. Тие сомнежите ги темелат врз тоа што додека се подготвувал предлогот за определување притвор и се изготвувало решението, тој бил достапен.

-повеќе на темата: Мијалков - од „стоп листа“ на бегалска листа?

„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, Обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело помагање сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик, заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“, соопштија од Обвинителството.

Nord-Mazedonien Staatsanwältin Vilma Ruskovska

Вила Русковска тврди дека побарале притвор за Мијалков веднаш штом добиле сознанија за можно бегство

Шефицата на обвинителството, Вилма Русковска во изјава за Канал 5 тврди дека побарале притвор за Мијалков веднаш штом добиле сознанија за можно бегство. Таа додава дека немале законска основа да побараат притвор. „Не можеше претходно да биде даден предлогот затоа што обвинетиот уредно се јавуваше на сите рочишта и ги почитуваше сите мерки на претпазливост“, истакна Русковска.

Се бара одговорност

Додека премиерот Зоран Заев е разочаран по бегството на Мијалков, откако претходно земјата во еден правец ја напушти и бегалецот Никола Груевски,  претседателот Стево Пендаровски, бара одговорност. Тој ги повика сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за негов притвор.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident - Stevo Pendarovski

„Граѓаните бараат одговорност и кривична и морална. Борбата за правна држава значи секој кој се огрешил пред законот да биде казнет“, порачува Пендаровски

Според него, вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Тоа ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција.  „Граѓаните бараат одговорност и кривична и морална. Борбата за правна држава значи секој кој се огрешил пред законот да биде казнет“, порачува Пендаровски.

-повеќе на темата: Заев тврди дека нема политички договор со Мијалков

Во меѓувреме на социјалните мрежи врие од реакции. Се лицитира со можни европски дестинации на коишто би можел да избега Мијалков, се споделуваат шеги и критики за полицијата. Група граѓани пак, се собраа пред Владата на протест против бегството на екс-шефот на УБК. Пред Владата оставија транспарент: „Ние сме разочарани“.

Реклама