1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев тврди дека нема политички договор со Мијалков

ЕМФ | агенции
22 февруари 2021

Македонскиот премиер Зоран Заев најави барање одговорност за бегството на Сашо Мијалков откако ќе се знаат сите детали за случајот. Тој тврди дека со Мијалков нема политички договор.

https://p.dw.com/p/3phTg
Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

„Народот бара и очекува правда. Се случи уште едно бегство“, изјави денеска пред новинарите македонскиот премиер Зоран Заев, кој рече дека е разочаран што Сашо Мијалков не е пронајден и не е однесен во домашен притвор.

Заев бара од институциите да ја спроведат судската пресуда и да го пронајдат Мијалков. Тој очекува детали од сите надлежни за овој случај и, како што вели, ако некаде биле констатирани пропусти, ќе се бара одговорност:

„Очекувам детални информации и истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и од МВР. Нашиот народ очекува целосно расветлување на ваквиот случај и понесување одговорност ако не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице за кое се очекува да се донесе пресуда за еден од најважните случаи во РС Македонија, а тоа е разрешницата преку пресуда на Основен суд за случајот со прислушувањето или таканаречен 'Таргет-Тврдина'“, рече премиерот.

Тој додаде дека ќе побара одговорност кога ќе се дознаат сите детали.

„Синоќа судот дал наредба за домашен притвор во 18:30, по што во Бирото за јавна безбедност е примена наредбата и веднаш се преземени дејства. Ред е да ги видиме деталите и ако има каков било пропуст, што не е дозволиво, ќе побарам одговорност, рече Заев.

Screenshot von Fahndung gegen Saso Mijalkov
Министерството за внатрешни работи распиша национална, а се најавува и барање за меѓународна потерница за МијалковФотографија: Innenministerium Nordmazedonien

Македонскиот премиер тврди дека со Мијалков нема политички договор, а во прилог на тоа говорело финиширањето на процесот против него за случајот со прислушувањата.

„Тој правен процес очекувам седмицава да финишира. Веќе е најавена казна, веројатно заради јавните седници кои се отворени и јавно презентирани и тоа е причината зошто Мијалков не е најден дома“, рече Заев.

Повеќе:

Мијалков - од „стоп листа“ на бегалска листа?

Случај „Таргет-Тврдина“: „Директорот“ Мијалков слушал разговори од канцеларија

Тргни - застани, некој ќе застари

Тој појасни дека Министерството за внатрешни работи постапува по закон, а тоа значи набљудување на јавни простори за лица за кои постојат соменавања дека би можеле да се впуштат во бегство или слично. 

„Јас сум убеден дека МВР го направило таквото постапување, затоа што знам и сум во координација со министерот за внатрешни работи. Но, да ограничи слободи и права треба да постои судско решение. Така што, ќе чекаме одговори на овие прашања“, рече Заев.

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството, викендот го донесол Кривичниот суд. Министерството за внатрешни работи распиша национална, а се најавува и барање за меѓународна потерница за Мијалков.