Мицкоски за ДВ: Не очекувам други наши пратеници да гласаат „за“ | Македонија | DW | 11.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мицкоски за ДВ: Не очекувам други наши пратеници да гласаат „за“

И денешното претпладне е во знакот „има-нема“ 2/3 мнозинство. Мицкоски не очекува други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат „за“. Ќе следат последни обиди за договор со Беса.

ВМРО-ДПМНЕ останува на претходно кажаните ставови и не очекува други пратеници да ги прифатат уставните измени за промена на името, изјави за Дојче веле лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето - постои ли можност пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да ги надоместат гласовите кои се доведени во прашање со условите на Беса.

Таков јавен совет завчера даде поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, кој сугерираше дека е сега е моментот пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, со цел Заев да не прави нови отстапки во Договорот со Грција под притисок на Беса.

Мицкоски вели дека за него лично „е неприфатливо таквото пазарџиско однесување, особено не преку медиуми, за така чувствителни прашања“. „Пандорината кутија во овој процес ја отвори Зоран Заев и препорачувам од него да се бараат одговори за ваквата ситуација, а не од ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно, Заев од премногу дриблање почнува да си дава и автоголови и да праќа посредници, што само ја покажува неефикасноста на целиот процес и неприродниот и насилен начин на кој сака да дојде до целта“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Притоа, не ја исклучува опцијата дека Заев има и други цели во текот на овој процес.

„Свесен дека драматично губи кај македонскиот електорат, не исклучувам ваквото јавно пазарење со некакви нови политички барања да биде дел од процес каде премиерот би сакал да капитализира кај Албанците и тоа преку демагогија, а не преку конкретни решенија за подобар живот. Едноставно, сите знаат дека човекот се занимава со уцени и пазарења, и нормално е да пробуваат да земат и бараат повеќе од него“, смета Мицкоски.

Повеќе: Љубчо до ВМРО-ДПМНЕ: Дајте два гласа за Беса да не го условува Заев!

Театар или проблем?

Во опозициски кругови сметаат дека „наводната битка за 80 гласови е само театар на власта, за да покаже дека било многу тешко, но на крајот сепак успеале“.

Од друга страна, постојаното одложување и презакажување на 75-тата седницата на парламентот, со цел да се дојде до решение кое нема да го доведе во прашање неопходното мнозинство, покажува дека состојбата е далеку од „театар“.

Гледај видео 00:59
Now live
00:59 минути

Заев во Собранието: Да ја однесеме земјата во подобра иднина

Аријанит Хоџа, генерален секретар на крилото на Беса предводено од Билал Касами,  најави дека сѐ уште се трага по решение за нивните барања, и очекува нова средба со премиерот. Седницата на Собранието е закажана зѐ денеска во 12 часот, па доколку повторно биде одложена за друг термин, тоа би било знак дека до решение не се стигнало претпладнево. Решение се бара во делот што го регулира државјанството, со оглед дека придавката „македонско“ при преводот на албански има поинакво значење. Поради тоа Беса предлага амандман според кој „за граѓаните од албанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик да гласи 'македонско/граѓани на Република Северна Македонија', на албански јазик да гласи 'eMaqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore' (во превод ,,од Македонија/граѓани на Република Северна Македонија“, и на англиски “macedonian/citizen of Republic od North Macedonia“.

Според извори од Беса, ваквиот предлог наводно бил прифатлив за премиерот, но наводно отпаднал како неприфатлив за осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали ситуацијата ќе се промени, ќе се знае во текот на денот. Премиерот вчера изјави дека вкупниот број на пратеници кои ќе ги поддржат уставните амандамни ќе се се види уште при гласањето за првиот амандман во Собранието. Но, испрати и порака дека „секој треба да ја преземе одговорноста за процесот“. „Ако нема мнозинство, следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме сѐ на оваа карта. Во политиката, како што се земаат ловорики, така се понесува и одговорност. Немам предрасуди, дојде моментот на одговорноста. Или ќе нѐ има 80, или ќе следува одговорност“, изјави Заев.

Повеќе: Заев: Верувам дека ќе има двотретинско мнозинство!

Mazedoenien, Skopje: Wahlplakat von Nicola Gruevski (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Азилантот Груевски испрати пораки од Будимпешта

„Загрижениот“ Груевски

Состојбата дополнително ја вжешти и поранешниот премиер и веќе два месеца унгарски азилант, Никола Груевски, кој испрати порака преку Фејсбук.

„За пратениците на мнозинството, ова не е ноќ за спиење. Оваа ноќ е последна шанса за размислување и премислување со ставањето на националниот пред партискиот и личниот интерес (...) Мнозинството од народот не се согласува со овој Договор, што се виде и од исходот на референдумот. Но, марионетската власт е решена да оди против неговата волја, по секоја цена и да го стави секого во затвор, протера или ликвидира, кој ќе ѝ се попречи на патот. Народот излегува и протестира, но сега веќе одлуката е во рацете на пратениците. На оние 79, 80 или 81 пратеник(...) Не заборавајте дека ставате црн печат на една 140 годишна крвава битка за македонското национално прашање", порача Груевски.

„Кукавицата Никола Груевски, шефот на Мицкоски, Бачев и Иванов, дели наредби по социјалните мрежи, во очајни обиди да направи некаква штета на напредокот на земјата, на приближувањето кон ЕУ и НАТО“, реплицираа од СДСМ.

„Не останаа луѓе што ќе ги слушаат антимакедонските команди на Груевски. Македонија е многу посилна отколку што тоа си го замисливаат антизападните Груевски, Мицкоски и Бачев. Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО. Македонија оди напред и враќање назад нема!“, му порачаа социјалдемократите.

Пораката на Груевски ја искоментира и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

„Кога си далеку од проблемите, на 800 километри од Македонија, лесно е на социјалните мрежи да кажуваш што е лесно, а што не е“, напиша Јанкулоска.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама