Михаел Рот: Отворивме јасна перспектива за пристапување во ЕУ | Северна Македонија | DW | 28.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Михаел Рот: Отворивме јасна перспектива за пристапување во ЕУ

Македонија и Албанија, со одлуката од Луксембург, направија голем чекор напред на патот кон ЕУ, оценува во интервју за ДВ, државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот.

ДВ:  Господине државен секретар, завчера имаше одлука за Македонија и Албанија во Луксембург, која беше различно толкувана во двете земји. Опозицијата ја смета за негативен, а владите како позитивен сигнал, и Вие исто така. Можете ли да ни објасните како треба да се разбере оваа одлука?

Михаел Рот: Албанија и Македонија направија голем чекор напред на патот кон ЕУ и нашите македонски и албански пријатели можат да бидат многу горди на тоа. Тие постигнаа многу, спроведоа многу реформи, но, се разбира, останува уште многу да се направи. И мостот кој сега го изградивме до јуни следната година треба да биде толку стабилен за двете земји да успеат да го преминат мостот во насока на пристапни преговори за Европската унија. 

Гледај видео 00:43

Компромисот за името е клучен за ЕУ и НАТО

Какви аргументи имаа земјите кои беа против оваа одлука и кои Вие моравте да ги убедувате? 

Има, се разбира, еден аргумент - кој нема никаква врска со ситуацијата во Скопје и ситуацијата во Тирана. Тоа е кризната Европска Унија, која треба да се справи со многу сопствени проблеми, каде една или друга земја прашува: Ќе успееме ли во вакви времиња, во кои треба да ја вложиме сета сила за да ја средиме сопствената куќа, сепак да водиме амбициозни пристапни преговори. За мене овој аргумент не е уверлив, бидејќи и натаму верувам дека е во национален, но и во севкупен европски интерес, Западниот Балкан да остане или биде демократски, стабилен и со зацврстено владеење на правото. Ние мора да му помогнеме на овој регион и отворивме јасна перспектива за пристапување, уште од Солун, од самитот во 2003 година, и ние се чувствуваме обврзани кон ова ветување. Но, има, имено, уште многу да се направи. И, се разбира, особено беше вреднуван историскиот успех на изнаоѓање решение за долгогодишниот спор за името меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Тоа на партнерите во Атина и во Скопје им даде многу храброст и сила, а сите ние во Луксембург ги пофаливме и им се заблагодаривме на овие две земји, и затоа се надевам дека и критичките сили во Скопје нема погрешно да разберат. Исто така, има голема поткрепа и неограничена поддршка за актуелната влада во Скопје за решавањето на спорот за името.

Luxemburg Treffen der Europaminister | Michael Roth, Staatsminister Auswärtiges Amt (picture-alliance/Zuma Press/W. Dabkowski)

Михаел Рот при пристигнувањето на состанокот на министерскиот совет на ЕУ во Луксембург

Македонскиот претседател одбива да го потпише договорот. Опозицијата и без тоа е против. Може ли ситуацијата да се влоши до крајот на септември? 

Можам само да апелирам до сите политички лидери во Скопје да бидат свесни за својата историска одговорност. Можеби не знаат сите какви се опасностите тука. Се разбира, можам да разберам колку болен може да биде овој компромис за еден или друг, но тој е клучот за отворање на вратата во насока на членство во Европската унија и во НАТО. Тоа е клуч кој отвора врата за траен мир и помирување во

регионот и имам впечаток дека повеќето луѓе во регионот го сфаќаат тоа.

Повеќе:

-Датумска драма

-Решените спорови донесоа датум, незавршените реформи - услови!

-ЕУ сака да започне преговори со Македонија

Што треба сега да стори  Македонија? Таа веќе го направи најтешкиот чекор.

Треба да имаме на ум дека веќе имаше шест позитивни препораки од Европската Комисија за отворање на пристапните преговори со Македонија. И секој пат не можеше да се постигне консензус поради нерешениот спор за името. Ова е седми пат. И згора на тоа, мора да ѝ се оддаде признание на новата влада во Скопје за сето она што го оствари во рок од само една година: иницираше регионален процес на помирување со Бугарија, граничните спорови се решени, иницираше мерки за градење доверба во однос на Грција, и сега консензуално со грчките пријатели има храбар предлог за надминување на спорот за името. Тука си имаме работа со влада која презема веродостојни чекори во насока на демократијата и на владеењето на правото. Сето тоа за толку кратко време. Дотолку повеќе притисокот се зголемува посебно во Скопје и затоа се надевам дека и ЕУ интензивно ќе ги искористи наредните месеци за да го потврди својот интерес за Западен Балкан, да го зголеми своето присуство, а онаму каде што е неопходно да интервенира со поддршка и да обезбеди помош. Но, и ние севкупно очигледно сѐ уште мораме да научиме дека Западниот Балкан заслужува поголемо внимание, бидејќи стабилноста и демократијата на Западниот Балкан треба да биде примарен интерес на ЕУ  и таму не смее да настане политички вакуум.

Може ли сепак да се стравува дека за една година ЕУ повторно ќе биде засегната од сопствените проблеми и повторно ќе дојде до одложување на преговорите? 

Досега изнесов само еден аргумент, кој не е поврзан со овие две земји, но и натаму, се разбира, има држави членки на ЕУ, кои имаат сомнежи дека започнатите реформски чекори се доволни. Пред сѐ во решавачкото справување со корупцијата, борбата против организираниот криминал, зајакнувањето на независноста на судството и владеењето на правото. Затоа мојата влада поднесе компромисен предлог, кој наиде на големи симпатии. На крајот, меѓутоа, радосен сум што сега сепак се согласивме за заедничка позиција, која пред сѐ треба да биде видена како охрабрување на реформските сили во Албанија и во поранешната југословенска Република Македонија.  

Можат ли овие земји, покрај тоа, да понудат помош и во бегалската криза или кризата со азилантите?

Нема нефер дилови меѓу ЕУ и овие две земји. Ние признаваме дека Западниот Балкан веќе стори многу за прифаќање на бегалците, и тука не сакам да воспоставувам некаква поврзница која не би била фер. Сосема јасно кажано: Ако овие држави се покажат нешто попопустливи во бегалската и миграциската политика, за тоа нема да има политички попусти при проширувањето. Мислам дека тоа би било нефер кон овие две држави.

Сметате ли дека е можно Албанија и Македонија да отворат бегалски кампови, или исклучувате ваква можност? 

Тоа е слободна суверена одлука на овие две држави, и сметам дека е неправедно да се изврши притисок врз овие две земји, бидејќи едното нема никаква врска со другото. Ако постојат некакви замерки во некои земји членки на ЕУ за овие две држави, тогаш тие имаат врска со загриженоста за владеењето на правото, загриженоста за демократската стабилност, загриженоста во борбата против организираниот криминал, но тоа нема никаква врска со бегалската политика. 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама