Митко Јанчев: Гарантирам дека Сашо, Миле и Кирил нема да бегаат! | Северна Македонија | DW | 28.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Митко Јанчев: Гарантирам дека Сашо, Миле и Кирил нема да бегаат!

Со целиот мој интегритет гарантирам дека тие никаде нема да бегаат, вели нивниот сопартиец Јанчев. Се залага за партија што ќе биде моќна опозиција, а не „олдтајмер“ еднаш изнесен на улица, а потоа цела година паркиран.

Голема нервоза во опозицискиот кампус предизвика веста дека градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој во октомври беше разрешен од функцијата партиски потпретседател, заедно со исклучениот од партијата, Никола Тодоров, на покана на премиерот и лидер на СДСМ минатиот викенд имале средба во Струмица. Особено, откако Заев ја потврди средбата и во контекст на уставните амандмани изјави дека „Јанчев и Тодоров може да охрабрат одредени пратеници кои знаат кој е исправниот чекор, а сѐ уште немаат доволно храброст да го направат“, со што бројката од 80 пратеници може да се зголеми многу повеќе. Дополнителна нервоза кај опозицијата внесе и изјавата на Јанчев за ТВ „24“.

„Ветивме помош против опструкциите од страна на Христијан Мицкоски во делот на уставните амандмани во интерес на државата. Тоа ќе биде транспарентен процес без задни намери за никого. Јас, како Митко Јанчев, очекувам што повеќе пратеници да се вклучат во процесот на уставни измени, сѐ со цел да се подобри Договорот од Преспа и да се зајакне идентитетот за доброто на сите граѓани на Република Македонија“, изјави Јанчев.

Повеќе: Чистка во ВМРО-ДПМНЕ: исклучени Мијалков и Тодоров, разрешени Јанчев и Богданов

Јанчев: Соопштение по директива!

По ова Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци вчера преку соопштение се огради од изјавите на Јанчев, со најостра осуда на неговите активности за обезбедување на двотретинско мнозинство за уставни измени.

„Го повикуваме градоначалникот Јанчев да се приклучи на протестот, заедно со неговите соборци од локалните избори, со луѓето кои стоеја рамо до рамо со него, кога оваа инсталирана хунта на власт го апсеше како кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Јавно го прашуваме градоначалникот, кои се опструкциите што ги прави претседателот Христијан Мицкоски и во која насока е неговата 'конструктивност' заедно со поранешниот министер Никола Тодоров? И за крај сакаме да го прашаме Митко, дали се консултира со граѓаните кои и покрај големите притисоци од страна на неговиот сегашен пријател, аболицираниот криминалец Заев, го дадоа својот глас за него како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ?“, прашаа од ОК, со најава дека „во наредниот период ќе направат темелни анализи и ќе донесат соодветни одлуки за делувањето на партијата на локално ниво“.

Во пресрет на вечерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, тој го даде одговорот. 

„На протест нема да стигнам. До 18 и 30 часот имам неодложни градоначалнички обврски кои мора да ги завршам, бидејќи граѓаните ме избраа за тоа, да работам да ги реализирам ветените проекти од нивен интерес“, изјави за Дојче веле Митко Јанчев, запрашан како ќе одговори на поканата од Општинскиот Комитет.

Mitko Jancev (Privat )

Јанчев: На протест нема да стигнам

Притоа, оценува дека „тоа соопштение сигурно не е напишано од ОК во Кавадарци, туку по директива од Централниот комитет“. Отворено зборува и за средбата во струмичкиот хотел „Сириус“, објаснувајќи за што се разговарало.

„Разговорот помина во многу конструктивна атмосфера. Фокусот беше на заложбата Македонија да оди напред. А, ако сакаме државата да оди напред, треба да се смириме, да се сплотиме, да се обединиме, но и да го намалиме влијанието на партиите во општествениот живот. Заев се согласи дека за намалување на тој јаз, општеството и атмосферата треба да се департизираат. Тоа ќе овозможи граѓаните да имаат свое силно 'јас' со кое ќе се надминат сите опструкции и поделби. Разговаравме и за црвените линии во политиката и во сите промени“, вели Јанчев.

Повеќе: На Мицкоски малку му фалеше, на ВМРО-ДПМНЕ уште многу

Престрога мерка на Судот

Она што предизвика интерес во јавноста, е дали на средбата се разговарало и за притворот на Сашо Мијалков, кој беше оценет како чин кој може да наруши двотретинското мнозикнство за уставни измени. Јанчев тврди дека на средбата воопшто не бил споменат притворот на Мијалков, но го соопшти неговиот личен став по тоа прашање.

„Не се мешам во судски постапки. Лично се залагам за транспарентност во однос на притворите и на судските процеси, без политичко мешање. Во случајот со притворот за Сашо Мијалков, но и со притворите за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, мое мислење е дека изречена престрога мерка, и тоа само поради бегството на Никола Груевски. Судот можел да размисли и за алтернативна мерка, можеби за домашен притвор. Тоа се видни членови на партијата, некои од нив основачи, некои долгогодишни членови, но пред сѐ, тие се семејни луѓе. Јас, како Митко Јанчев, давам моја цврста и лична гаранција, со целиот личен и професионален интегритет и кариера, дека тие луѓе никаде нема да бегаат“, гарантира Јанчев.

Вели дека нема разбирање за бегството на поранешниот премиер.

„Искрено, не очекував бегство од Груевски. Ако навистина се плашел дека животот во затвор може да му биде загрозен, требало за тоа да разговара, да се бара некаква алтернатива. Но, по 11 години поминати на највисока функција, најмалку очекувано од негова страна беше бегство“, оценува поранешниот партиски потпретседател.

Mazedoenien, Skopje: Wahlplakat von Nicola Gruevski (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Митко Јанчев нема разбирање за бегството на Никола Груевски

Тој ги објаснува и неговите лични позиции во однос на процесот за уставни измени.

„Јас сум проевропски ориентиран, и сите мои изјави и заложби се во интерес на иднината на Македонија. Одговорно тврдам, дека досега не сум разговарал ниту директно, ниту индиректно, со ниту еден пратеник во однос на гласањето за уставните измени. И жал ми е што револтотот се насочува кон осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои се нарекуваат 'предавници', бидејќи за истото гласаа 80 пратеници. И треба да се разбере дека не само тие 80, туку сите пратеници имаат обврска да придонесат за европската иднина на државата, дека со тоа не предаваат никого и ништо, туку придонесуваат во отворањето на перспективи за земјата. На Македонија и требаат свесни и конструктивни граѓани, а не лажни патриоти“, порачува Јанчев.

Тој ги демантира шпекулациите дека тој и Тодоров се дел од кадровско јадро, кое работи на иницирање промени во партијата

„Тоа не зависи ниту од мене ниту од Тодоров. Ние не сме во партиските органи. Дали ќе има промени зависи исклучиво од членството. Членството треба да каже каква партија сака, а одлуката да ја спроведе Централниот Комитет. Но, она што сакам да го нагласам, е дека јас немам никаква намера да правам што било зад грб. Никогаш ништо нема да направам на штета на партијата, а најмалку за политички поени. Тоа не е мој принцип. Мој принцип е она што го мислам да го кажам демократски, јасно и транспарентно. Јас се залагам за модерна партија, која секојдневно ќе биде активна и силна опозиција, и моќен коректор на власта. Јас се залагам за партија која нема да се однесува како 'олдтајмер', кој еднаш ќе биде изнесен да биде виден на улица, а потоа цела година паркиран!“, дециден е Јанчев.

По средбата во Струмица и неговите јавни изјави за насоката во која треба да се движи Македонија, Јанчев е уверен дека ќе биде мета на нарачана партиска пропаганда против него од разни ботови и други извршители. Вели дека не се плаши за својата безбедност, дека нема полициско обезбедување и дека Господ го чува. 

DW.COM

Реклама