Мир во куќа? ЦДУ, ЦСУ и СПД со договор за бегалците и азилот | Свет | DW | 06.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мир во куќа? ЦДУ, ЦСУ и СПД со договор за бегалците и азилот

Владејачките партии во Германија со недели спореа околу бегалската политика и азилот. Сега судирот е решен, но спроведувањето на договореното може да биде тешко.

Секој ја покажува својата радост за постигнатиот компромис на свој начин. Еден - Хорст Зехофер - се опишува како „многу задоволен министер за внатрешни работи“, друг - заменикот шеф на СПД, Олаф Шолц - го фали крајот на „летниот театар“.

По повеќенеделен судир, закани со повлекување и повлекувања од повлекувањето, трите партии во големата коалиција во Берлин постигнаа согласност за текст на две страни, кој носи наслов „Уредување и управување во миграциската политика“. Компромисот на ЦДУ на Меркел, на нејзината сестринска партија ЦСУ и на СПД, се состои пред сѐ во тоа мигрантите на границата меѓу Германија и Австрија да се пресретнат и доколку веќе поднесле барање за азил во друга земја на ЕУ - повторно да се вратат таму.

Deutschland Asylstreit Koalitionsausschuss Seehofer (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Хорст Зехофер е задоволен од договореното

Крај на владината криза

Досега не беше јасно дали социјалдемократите ќе се согласат со „дилот“ на двете конзервативни сестрински партии постигнат на почетокот на неделава. Најмногу се спореше околу „новиот граничен режим“ со „транзитни центри“, кој го предложи министерот за вантрешни работи Зехофер. Поимот „транзитни центри“ е „проблематичен за нашиот коалиционен партнер“, рече тој вчеравечер пред новинарите, по состанокот на Коалициската комисија. За љубов на СПД сега сите зборуваат за „транзитна постапка“, процес низ кој, според Зехофер, ќе минуваат само бегалците кои веќе поднесле барање за азил во друга земја.

Повеќе: Меркел се спаси со бегство во тврдината Европа

Целата „транзитна постапка“ би требало да трае 48 часа и да се одвива во објекти на сојузната полиција во близина на границата. Бројот на оние кои ќе минуваат низ ваква постапка веројатно нема да биде голем. „Сметаме дека нема да бидат повеќе од десет (дневно, н.з.), веројатно ќе бидат помалку“, изјави Шолц. Актуелните бројки покажуваат дека во првите три месеци од годината на германско-австриската граница барања за азил поднесле 248 лица.

Deutschland Asylstreit Koalitionsausschuss Nahles (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Андреа Налес: Нема да има никакви кампови

Зехофер: „Не се во затвор“

Шефицата на СПД, Андреа Налес, нагласи дека нема да има „никакви кампови“. Со тоа одговара на обвинувањата кои во последните денови доаѓаа од членови на нејзината партија и делови од опозицијата дека се сака создавање на затворски кампови за бегалци на германско-австриската граница. На ваквите обвинувања остро се спротивстави и Зехофер: „Тие не се во затвор“, изјави тој. „Има причина зошто не можат да влезат во СР Германија, но лицето може да замине на кое било друго место во светот.“

Според Зехофер, „ова друго место во светот“ би било најдобро да е ЕУ-државата каде бегалецот поднесол барање за азил. Но, тоа, со оглед на актуелната состојба, нема да биде толку едноставно. Австрија досега одбива да ги прими назад барателите на азил кои нема да добијат дозвола за влез во Германија и за кои ЕУ-државата каде поднесле барање за азил одбива прием. Со тоа не се согласува ниту унгарскиот премиер Орбан. А, постигнување договор со Италија е речиси исклучен.

Deutschland Asylstreit Koalitionsausschuss Merkel (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Ангела Меркел не даде изјава по средбата на Коалициската комисија

Надеж за билатерални договори

На прашањето - што доколку договор со Италија не се постигне, Зехофер во Берлин одговори: „Не се занимавам со сценарија кои воопшто не настапиле и можеби воопшто нема да настапат.“ Министерот за внатрешни работи се надева дека трилатералниот разговор со Италија и Австрија наредната среда ќе донесе излез од дилемите.

Налес потенцираше дека вчера постигнатите заклучоци можат да стапат во сила кога навистина ќе има „билатерални договори“ со други земји. Иако тоа се чини далеку, Налес оцени дека компромисот на нејзината СПД со ЦДУ и ЦСУ е „добро решение“. Како успех СПД го презентира и фактот дека уште годинава треба да се отвори патот за нов закон за доселување во Германија, со кој земјата треба да го регулира доселувањето на странски стручњаци.

Повеќе: Најголемите владини кризи во Германија

Ако пред неколку дена се зборуваше за владина криза, оставка на министерот за внатрешни работи и распад на коалицијата, сега се чини како сѐ да е хармонично. За компромисот не се изјасни само канцеларката Меркел. А, веројатно на крајот на краиштата од нејзе ќе зависи дали ќе се постигнат билатерални договори за враќање на бегалците. Како што подвлече и Хорст Зехофер: на крајот одговорноста за договорите со други земји лежи кај канцеларката.

DW.COM

Реклама