1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголемите владини кризи во Германија

Стефани Хепнер
26 јуни 2018

Политиката кон бегалците сериозно ја разниша владеачката коалиција на ЦДУ и ЦСУ во Берлин. Но кризата меѓу меркел и Зехофер не е прва коалициска криза. Еве кои беа најголеми германски владини кризи од изминатите децении:

https://p.dw.com/p/30DZx
Deutschland 60 Jahre Kapitel 4 1979 – 1989 Helmut Kohl wird Kanzler
Фотографија: picture-alliance/dpa

Прво кавгата за исправната политика за азиланти и бегалци, сега и Европа: меѓу ЦДУ и ЦСУ има големи разијдувања. Дали наскоро ќе се распадне Унијата или пак коалицијата? Поглед на поновата германска историја покажува дека сѐ е можно за време на владина криза. 

Аферата Шпигел го урна министерот за одбрана 

„Условно подготвена за своја одбрана“ беше насловот на текст за еден одбранбен маневар на НАТО кој излезе во неделникот Шпигел во 1962. година и чија последица беше владина криза. Во текстот се објаснуваше дека СРГ во случај на напад од страна на Советскиот сојуз не би мала шанса да преживее. Според министерот за одбрана, во текстот биле содржани 40 тајни информации. За службите се работело за чист случај на државно предавство. Повеќе уредници на „Шпигел" беа уапсени, редакцијата беше затворена. Иако беа запленети голем број кутии со материјал, не можеше да се докаже обвинувањето за државно предавство. 

Јавноста набргу потоа се фокусираше на пропратните околности на целиот случај. Бундестагот сакаше целосно расчистување на настаните. И покрај претходните изјави, министерот за финансии Франц Јозеф Штраус призна дека лично тој е одговорен за апсењето на заменикот главен уредник на неделникот, Конрад Алерс. Граѓаните сметаа дека е загрозена слободата на медиумите и на собир побараа повлекување на Штраус. Кога канцеларот Конрад Аденауер застана зад својот министер за одбрана, од владиниот кабинет се повлекоа петмина министри од редовите на ФДП. Штраус си даде оставка за да може да се оформи нов владин кабинет. 

Spiegel Affäre Demonstration Pressefreiheit
Масовни протести поради аферата „Шпигел“, 1962. годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Канцеларот кој на крај падна поради еден шпион 

Како  прв социјалдемократски канцелар Вили Брант  од 1969. година воведе нови правци во политиката по авторитарниот стил на владеење на Аденауер. И против силниот отпор на ЦДУ, тој со неговата СПД-ФДП-владина коалиција се залагаше за нова политика кон Истокот и потпишуваше договори со Советскиот Сојуз, Полска и Источна Германија. За тоа подоцна беше награден со Нобеловата награда за мир. 

За Унијата пак, политиката на Брант претставуваше „Распродажба на германските интереси". Разочарани беа и неколкумина пратеници од редовите на владејачките СПД и ФДП, а владиното мнозинство стануваше сѐ помало. Неговите политички противници сакаа да го симнат од власт и наместо него да го донесат претседателот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ Рајнер Барцел на чело на владата. За првпат во историјата на Германија во 1972. година Унијата го искористи институтот „конструктивна недоверба на владата”. 

Планот не им успеа, гласањето недоверба пропадна поради недостиг на гласови. Коалицијата остана сепак на несигурни нозе и беа спроведени нови избори од кои Брант излезе со посилна поддршка. 
Две години подоцна повторно се вжешти ситуацијата за Брант. Гинтер Гијом, еден од најблиските соработници на Брант, беше разоткриен како шпион на Источна Германија. Брант ја презеде политичката одговорност и си даде оставка. Дали ова било единствената причина за неговото повлекување, остана мистерија. Во тоа време бил под притисок и поради нафтената криза, штрајковите и растечката невработеност. 

Bundeskanzler Willi Brandt Rainer Barzel Misstrauensvotum 1972
Вили Брант „се спрепна“ на шпионФотографија: picture-alliance/AP

„Духот од Кројт“ - живее ли и натаму? 

Конфликти во Унијата отсекогаш биле составен дел од владеењето. Но, во 1976. година ескалираше кавгата меѓу двете сестрински партии ЦДУ и ЦСУ толку многу што дојде до отворена пресметка: Покраинската група на ЦСУ во Бон на својот Конгрес во Вилдбах Кројт одлучи дека ја напушта пратеничката група. Лично претседателот на ЦСУ, Франц Јозеф Штраус, го предизвика револтот. Откако Унијата трет пат по ред доживеа изборен неуспех, тој сакал да застане на чело на независна пратеничка група и да го земе жезолот во свои раце. Тој и онака имал лошо мислење за канцеларот Хелмут Кол. 

Тој пак веднаш презеде мерки и се закани дека на ЦСУ во Баварија ќе ѝ направи конкуренција со покраинско здружение на ЦДУ. Последица од тоа беше што ЦСУ само неколку недели подоцна се понуди повторно да стане дел од фракцијата. „Духот од Кројт" се чувствува до ден денешен: ЦСУ оттогаш смее да застапува и мислења различни од оние на сестринската партија. Суштинските одлуки сепак се носат со консензус на двете партии. 

Од мировно движење до духовен и морален пресврт 

Најдоцна од 1980-тите години вооружувањето на Истокот и Западот кај граѓаните наидуваше на сѐ поголем отпор. Новото мировно движење експлицитно го одбиваше спроведувањето на двојните заклучоци на НАТО алијансата. Стотици илјади граѓани се собираа во Бон, а во повеќе други градови формираа синџири од луѓе. Делови од СПД исто така се приклучија на движењето. Канцеларот Хелмут Шмит не можеше веќе да биде сигурен во поддршката од својата матична партија. Но, протестите останаа нечуени: во 1983. година Бундестагот го одобри стационирањето на ракети на територијата на Германија. 

Заслабнат во своите позиции поради кавгата околу вооружувањето со ракети на НАТО, канцеларот Шмит беше соборен од власт есента 1982. година.  Шефот на ЦДУ, Хелмут Кол,  беше изгласан за нов канцелар со поддршка од Унијата и ФДП. На почетокот на 1983. година гласачите на предвремените избори можеа да гласаат и за конструктивна недоверба на владата. Кол и неговата коалиција добија потврда на својот мандат. „Духовниот и морален пресврт" успеа. Кол брше на чело на државата 16 години и го преживеа дури и скандалот околу донациите. 

Peter Hartz und Bundeskanzler Gerhard Schröder
За Шредер беше кобна Агенда 2010 и Харц 4Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier

Кавга околу социјалната политика на еден социјалдемократ 

Кризи имаше и за време на владеењето на канцеларот Герхард Шредер. Социјалните реформи на  Агендата 2010,  особено воведувањето на т.н. пакет Харц 4, предизвика протести на илјадници луѓе. Незадоволството од таквите реформи им донесе големи загуби на социјалдемократите и на покраинските избори, дури и во традиционално социјалдемократската Северна Рајна Вестфалија. Во кругот на партијата социјалната политика во Агендата 2010 некои сопартијци ја сметаа за несразмерно уништување на социјалната држава. Шредер не можеше да биде сигурен дека и натаму ја ужива целосната поддршка на својата партија и во мај 2005. најави дека ќе бара гласање доверба. 

Неговиот план беше да загуби, за да може да има предвремени избори. Таквата вест ги начека неподготвени и Унијата, но и самите припадници на партијата на Шредер. Многумина пратеници потегот го поистоветуваа со „политичко самоубиство", други пак сметаа дека е храбар. Но, математиката на Шредер не излезе како што тој очекуваше и на предвремените избори загуби од Ангела Меркел. Црвено-зелената владина коалиција замина во историјата.