Меркел повторно разговарала со Заев и со Ципрас | Северна Македонија | DW | 22.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Меркел повторно разговарала со Заев и со Ципрас

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со македонскиот и со грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, потврдија за ДВ од прес-службата на германската канцеларка.

Од Берлин доаѓа само потврда дека канцеларката Ангела Меркел телефонски разговарала и со македонскиот и со грчкиот премиер. Темите и други детали не се соопштуваат, но разговорите се реализираат само два дена откако македонскиот премиер Заев на македонската јавност ѝ соопшти дека предлог-решението за името е „Република Илинденска Македонија“ и откако веднаш потоа стигна студениот туш од Атина преку соопштение на грчката влада - дека треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница.

Повеќе: Името ги вжештило телефонските линии до Атина и Скопје

Германската канцеларка Меркел на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија имаше одвоени средби со Зоран Заев и со Алексис Ципрас, по што порача дека се радува што слуша дека „добро напредуваат разговорите меѓу Македонија и Грција". „Обете земји сторија многу во правец на значителен напредок, иако сѐ уште не се на целта", рече таа минатиот четврток.

Повеќе: За кого бијат Илинденските камбани?

Меркел во Софија уште еднаш потврди дека одлуката за евентуален почеток на преговори на Македонија со ЕУ директно ќе зависи од решението во спорот за името: „Ние многу посакуваме спорот за името да се реши, затоа што за Македонија многу зависи од тоа решение, а истовремено да се реши и еден проблем", рече германската канцеларка.

Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit der deutschen Kanzlerin Angela Merkel in Sofia (Government Macedonia)

Меркел и Заев разговараа на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија

Заев од германската канцеларка доби охрабрување за изнаоѓање решение за спорот околу името и во текот на неговата прва официјална средба со Меркел во Берлин, во февруари годинава. Тогаш германската канцеларка констатираше дека Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решение за спорот во последните 10 години. Меѓутоа, Меркел во Берлин одговарајќи на новинарско прашање околу можноста да изврши влијание врз Грција, нагласи и дека вршење притисок нема да му биде од полза никому. Таа тогаш рече дека јавните изјави некогаш повеќе можат да штетат отколку да користат и дека е „најдобро да се разговара зад затворени врати".

Македонија „има застој во својот развој пред сѐ поради нерешениот спор за името со Грција“, оцени во текот на викендот државниот министер во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот. Затоа, според него, неопходно е да им се даде „долготрајна поддршка“ на реформите на Заев. Западниот Балкан е „лакмус тест за траен успех на европскиот модел“, оцени Рот за „Велт ам Зонтаг“. 

DW.COM

Реклама