Меркел и Макрон: Тежок политички брак? | Свет | DW | 17.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел и Макрон: Тежок политички брак?

Меркел беше во последна работна посета на францускиот претседател Макрон пред истекувањето на нејзиниот мандат. Подоцна е планирана поприватна проштална средба. Што останува од 16-годишната германско-француска соработка?

„Вечерва мора да се вратам во Берлин“, изјави германската канцеларка откако заедно со францускиот претседател ја претстави долгата и амбициозна агенда за нивната последна официјална работна вечера. Состојбата во Авганистан и надежта за натаможно напуштање на земјата од страна на политички бегалци, односот кон талибанците, но и ситуацијата во зоната Сахел која е загрозена од тероризам, како и во Либија и Иран - сето тоа се прашања за кои е неопходна заедничка европска позиција.

Но, на вечерата е разговарано и за ситуацијата со Украина и Русија, политичката состојба во Белорусија, како и претстојниот самит ЕУ-Балкан. Галоп низ актуелните надворешнополитчки кризи во светската политика. Германија и Франција соработуваа во врска со сите овие прашања, изјави Макрон, додавајќи: „Тоа ќе го правиме и натаму, драга Ангела, до составувањето влада.“ Малку полична проштална средба на двајцата државници е планирана за подоцна есенва.

Повеќе:

Германија и Франција „цврсто посветени“ на европската перспектива на Западниот Балкан

Меркел и Макрон на иста линија

Меркел не прави ништо, Макрон е хиперактивен

Комплициран однос

При набљудување на Ангела Меркел и Емануел Макрон во последните години, се стекнуваше впечаток дека „двајцата знаеја како еден со друг“. Младиот претседател, пред сѐ на почетокот од својот мандат, се однесуваше кон канцеларката со посебна учтивост, речиси дури и нешто како восхит. Таа беше најискусната политичарка во редот на ЕУ-шефовите. Макрон можеби имал чувство дека може да научи нешто од неа.

Но, набрзо, во политичка смисла, дојде отрезнување. Зашто, по неговиот голем говор за иднината на Европа, по изборите во 2017 година, во кој тој „пружи рака кон Меркел и Германија“, како што тоа го формулира Матилде Чула од институтот ЕЦФР во Париз, од другата страна како одговор доби само молчење. „Тоа за него беше прилично фрустрирачки. Имаа комплициран однос, а тоа понекогаш се должеше и на недостаток на комуникација и на разлики во политичката култура во двете земји.“

Односот на Ангела Меркел кон Макрон, меѓутоа, ако се спореди со односите со другите тројца француски претседатели кои таа ги доживеа во својот мандат, беше најдобар. Жак Ширак беше веќе на крајот од својата кариера, а односот на канцеларката со нестабилниот и самобендисан Никола Саркози не беше добар, и тоа беше видливо. Па, сепак, двајцата заедно мораа да ја водат ЕУ во времиња на финансиска криза, што им успеваше „повеќе лошо отколку добро“. Идеолошкиот судир на фискално претпазливите Германци, кои повеќе се вбројуваат во „северњаците“, и јужноевропскиот француски менталитет на трошење, го оневозможуваше наоѓањето заедничка линија.

Angela Merkel und Manuel Macron bei einem Treffen in Meseberg

Макрон на гости кај Меркел (29.06.2020, Гранзе): При нивните средби имаше и релаксирани ситуации

Германско-францускиот мотор во кризен модус

Потоа, со Франсоа Оланд, претседателот кој набрзо се покажа како „парализирана патка“, Меркел мораше да ја решава бегалската криза и руската анексија на Крим. Ѝ успеа да го вклучи Оланд тесно во преговори со рускиот претседател Путин, за потоа Франција да не ѝ биде речиси од никаква помош во горчливиот судир околу распределбата и приемот на бегалци во ЕУ. „Едноставно, кога се работи за детали, интересите се различни“, оценува Франк Базнер од Германско-францускиот институт во Лудвигсхафен. Самостојните потези на Емануел Макрон кон рускиот претседател, кој во меѓувреме се обидуваше да создаде еден вид специјални односи со Кремљ, во Берлин беа примени со собирање на челото.

„На крајот, секогаш кога имаше ургентни ситуации, се успеваше“, вели Базнер зборувајќи за соработката на двете земји. Како еден од тие успеси тој ја наведува големата ЕУ-програма за заштита на климата „Следна генерација“. За Матилде Чула фондот за обнова донесен во време на корона е нешто „што досега никогаш го немало во Европа“, при што Меркел и Макрон ги покажале своите прагматични страни. „Тоа беше важен чекор во германско-француските односи и голем успех.“

G7-Gipfel in St Ives 2021

Меркел и Макрон со италијанскиот премиер Драги и врвот на ЕУ - секогаш во спрега за надминување на кризите

Само без визии?

Канцеларката важи за нагласено трезвена, повеќе како антивизионерка. Џуди Демпси од Карнеги Европа ја критикува таа особина на Меркел: „Емануел Макрон ја стави Европа во центарот на својата кампања во 2017 година и победи. Но, сеедно колку често тој со Меркел разговараше за неопходноста од постигнување согласност околу идните насоки на Европа, таа никогаш не одговори на тоа.“

Секогаш кога стануваше збор за одбраната, за поголема политичка и економска интеграција или за неопходноста од демократски реформи, Меркел се покажуваше како спротивност на Макрон. Кај прашањата за иднината на Европа или развојот на стратешка филозофија таа пропушташе големи одлуки, вели Демпси.

Франк Базнер тука има поголемо разбирање за колебливоста на германската влада, особено во врска со Емануел Макрон. На Берлин не му беше баш едноставно да се справи политички со неговата офанзива на шарм и „соодветно да му одговори на овој динамичен претседател со неговите далекусежни идеи и предлози“. Затоа во Франција остана впечаток дека Германците вушност не реагираат на овие добивки - евро-буџет, заедничка одбрана и многу други работи.

„Последните години покажаа дека Франција се приближуваше и до други ЕУ-земји.“ Тоа не значи помалку германско-француска соработка, туку изградба на натамошни, тематски ориентирани коалиции, вели Матилде Чула. Погледот кон последните години, фрлен низ француски очила, покажува големо разочарување, пред сѐ во заедничката надворешна и одбранбена политика.

Задачи за новата германска влада

Промената на климата и односите со Кина, според Чула, се најважните теми за наредните години. Освен тоа, би морало да заживеат повторно напорите за стратегиска автономија во Европа, барања на претседателот Макрон кон кои Берлин покажа воздржаност. „Мислам дека Франција би сакала посилно геополитички ориентирана Германија“, смета Чула.

И Џуди Демпси е на мислење дека Германија во ерата Меркел не играла улога при дефинирањето на големите геополитички прашања, па оттука таа извлекува очекувања од новата германска влада. Германскиот експерт за Франција, Франк Базнер, пак, во врска со идните задачи е попрагматичен: „Како да се постапува во врска со сопирачката на задолжувањето, мора ли да го преобмислиме пактот за стабилност“, дали можеби не се неопходни заеднички европски инвестиции? Во тој дел двете страни, заедно и со Италија, ќе мора да најдат решенија. Тоа ќе биде предизвик за новата германска влада.