1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Berry

Меркел: европска соработка наместо затворање граници

ЖА/афп/дпа
17 февруари 2016

Ангела Меркел, во пресрет на европскиот самит за бегалската криза, од ЕУ-членките побара заедничка соработка. Таа покажа воздржан оптимизам околу бегалската криза и останувањето на Британија во ЕУ.

https://p.dw.com/p/1Hwqi

Во денешната владина изјава во Бундестагот во пресрет на бриселскиот европски самит посветен на бегалската криза, германската канцеларка Ангела Меркел повика членките на ЕУ да најдат заедничко решение. „Наша заедничка цел е осетно и трајно намалување на бројот на бегалци, за да можеме и натаму да им помагаме на луѓето на кои вистински им е потребна нашата заштита“, изјави Меркел, повикувајќи во тој контекст на кооперација со Турција.

На самитот на шефови на држави или влади од ЕУ кој утре почнува во Брисел, во фокусот се наоѓа бегалската криза. Меркел се залага за праведна распределба на бегалците, но наидува на отпор. Затоа, таа по оваа точка на бриселскиот самит не очекува да дојде до напредок. На средбата не станува збор за контингенти при приемот на бегалци, ЕУ само се прави себе си „смешна“ ако дискутира околу тоа, кога се знае дека уште не е остварена ни веќе договорената распределба на 160.000 бегалци низ државите на ЕУ, вели Меркел.

Во центарот на ЕУ-самитот е прашањето - дали ЕУ со својот европско-турски ангажман за сеопфатно сузбивање на причините за бегство и заштита на надворешните граници е напредната до степен „до кој се исплаќа продолжување по овој пат, зашто со него е можно видно ограничување на илегалната миграција, што е важна претпоставка за легални контингенти“, изјави канцеларката.

Berlin Regierungserklärung Angela Merkel im Bundestag
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Berry

Или, треба да се напушти овој пат и, како што бараат некои источноевропски држави, без оглед на сите последици по Грција и Европа, треба да бидат затворени границите на Грција кон Бугарија и Македонија, праша Меркел, дополнувајќи: само по себе се разбира што таа својата сила ја насочува „кон тоа европско-турскиот ангажман да биде патот по кој се исплаќа да се продолжи.“

За таа цел, Меркел инсистира на акции во три области: сузбивање на причините кои луѓето ги тераат на бегство, повторно воспоставување на заштитата на надворешните граници на ЕУ меѓу Грција и Турција и „уредување и насочување“ на доаѓањето на бегалците. Во поглед на Сирија, Меркел зборуваше за „неподнослива“ хуманитарна состојба, инсистирајќи на создавање на зона на забрана на летови „во смисла на заштитена зона за многуте бегалци.“

ЕУ мора да се погрижи за успешно надминување на проблемите, без притоа да претрпи штета Европа и членките на ЕУ, истакна Меркел.

Важна точка на ЕУ-самитот се и рефомите иницирани од Велика Британија, со кои би требало да се спречи истапувањето на земјата од Унијата, „брекзит“. Меркел застана во одбрана на некои од барањата на британскиот премиер Дејвид Камерон, повторувајќи ја својата заложба - Британија да остане членка на ЕУ.

Барањата на Камерон, на пример за поголема конкурентност на ЕУ, во многу точки се „оправдани и логични“. „Тоа се однесува и на желбата за отстранување на погрешните стимулации во поглед на социјалните системи“, рече Меркел. Секоја членка на ЕУ треба да има право на заштита против злоупотребите на својот социјален систем. Меѓутоа, германската влада опстојува на тоа, да не се доведуваат во прашање „основните придобивки“ на ЕУ. Во нив спаѓаат слободата на движење и недискриминирањето, констатираше канцеларката Меркел: „Овие два принципа не се на диспозиција.“

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Nord-Mazedonien | Feierlichkeiten zum 151 Geburtstag von Goce Delcev (Goce Delchev)

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев во тензии

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница