1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумите и сензационализмот- опасна љубов

7 декември 2010

Откако гледачите на Втората програма на германскиот јавен сервис беа сведоци на тешка несреќа во една забавна емисија, јавноста е бранувана од прашањето дали на јавниот сервис му е потребен сензационализам во програмата.

https://p.dw.com/p/QQru

Минатата сабота гледачите на Втората програма на германскиот јавен сервис беа сведоци на тешка несреќа за време на преносот на една од најпопуларните забавни емисии во Европа „Wetten dass...?“. Самуел Кох, дваесет и три годишен студент, во обид со штули на нозете да изведе салто-скок преку автомобил во движење, беше тешко повреден и пренесен во болница. Емисијата, во која обични луѓе се обложуваат на успешна изведба на необични ― честопати бизарни ― задачи, за првпат во нејзината речиси триесетгодишна историја, беше прекината. Несреќата деновиве е повод за дебата во јавноста за програмите на германскиот јавен радиодифузен сервис и неговата лакомост за што поголеми квоти на гледаност.

Unfall während der Sendung Wetten dass bei ZDF
Добриот почеток беше и лош крај за емисијата "Wetten dass...?"Фотографија: picture-alliance/dpa

Веднаш по несреќата, водителот Томас Готчалк ја прекина емисијата која одеше во живо. Програмскиот директор на Втората програма на германскиот јавен сервис, Томас Белут, ги отфрли забелешките во јавноста дека била допуштена изведба на премногу ризична задача, со цел да се зголеми атрактивноста на емисијата:

„Задачите за кои се обложуваат кандидатите во емисијата не беа оценети како ризични од страна на редакцијата. Ве уверувам дека раководството на телевизијата не упати никакви препораки за поостри задачи до редакцијата на емисијата.“

За изведба на задачата во емисијата разбирање покажа и директорот на германскиот Сојуз на каскадери, Рене Леј:

„Ако некој сака да прикаже такво нешто, ризикот не може да се избегне. Секој натпревар во скијачки скокови, секоја трка во ’Формула 1’ носи ризик со себе. Според мене, ризикот не беше толку голем, за да не смееше да ризикува.“

За разлика од приватните радиодифузери, во Германија програмите на јавниот радиодифузен сервис се финансираат од радиодифузна такса која ја плаќаат граѓаните. Имајќи предвид дека приходите од реклами на приватните радиодифузни куќи зависи од висината на нивната квота на гледаност, прва помисла би била дека јавниот сервис е потполно одделен и независен од квотите ― без разлика на тоа дали програмата е атрактивна или не, радиодифузната такса мора да се плаќа. Комуникологот на Универзитетот во Минстер, Кристоф Нојбергер, смета дека тоа не е сосем точно:

„Погледнато од правен аспект, јавниот сервис има обврска да исполнува точно одредени задачи кои се од важност за општеството и не треба да се ориентира кон квотите на гледаност или бројот на гледачи. За неговата легитимација е најважно да наиде на согласност кај граѓаните, зашто инаку се доведува во прашање плаќањето на радиодифузната такса.“

Unfall während der Sendung Wetten dass bei ZDF
Хаос на сцената по несреќата во студиотоФотографија: picture-alliance/dpa

Извесниот притисок врз јавниот сервис за борба по што поголема гледаност не е ништо ново. Сепак, Нојбергер вели дека во тоа не препознава нов тренд:

„Не би рекол дека од актуелниот случај може уште веднаш да се конструира цел тренд. За емисијата за која зборуваме никогаш порано немало мислење дека со неа јавниот сервис ги одмерува силите со приватните радиодифузери. Доколу се погледнат поранешни изданија од емисијата, не би можело да се најде ниту еден знак кој би упатил на тоа дека обложувањата биле премногу ризични. Затоа, сметам дека треба да се биде претпазлив и да не се создава цел тренд од поединечен случај.“

Во меѓувреме, од Втората програма на германскиот јавен сервис најавија дека следното издание на емисијата "Wetten dass...?" е предвидено за февруари наредната година. Дотогаш упатените ќе испитуваат какви биле подготовките за последната емисијата и, доколку е потребно, ќе ги зголемат мерките на безбедност.

Автор: Зоран Арбутина / Далибор Стајиќ

Редактор: Симе Недевски