Мегаломанијак | Северна Македонија | DW | 02.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мегаломанијак

Мегаломанијак не може да биде демократ. Оваа особина кај оние што претендираат да бидат лидери треба навремено да биде препознаена за да не се дозволи вакви луѓе да се дограбат до власт и моќ. Пишува Никола Тодоров

Мегаломанијак (eng.megalomaniac) според онлајн изданието на речникот на Кембриџ, преставува човек кој има неприродно силна желба за моќ (власт) и контрола или пак мисли дека е многу поважен и помоќен од тоа што навистина е. „Побогу, не дозволувајте овој мегаломанијак да стане Претседател“ е првиот пример во речникот за употреба на овој збор во една реченица. Според речникот на Гугл, мегаломанијак е личност која има опсесивна желба за моќ (власт). Некој ќе рече, толку е јасно објаснето и толку е сликовито опишано што оваа колумна можела тука и да заврши, а повторно на сите да им биде јасно што точно сакал авторот да каже и каква и која личност сакал да опише. 

- повеќе од авторот: Корона образовен модел

Лукашенко! Човекот е еден од тие што на еден чуден начин може да преставува синоним со овој интересен збор-кованица кој ми е предмет на елаборација во оваа колумна. Победи со огромна поддршка од своите граѓани, па доколку им веруваме на резултатите од изборите човекот би требало да биде највозобљубениот лидер во светот после оној на Северна Кореја, се разбира. А, сепак некои други луѓе кои се граѓани на неговата земја секојдневно протестираат, бараат негова оставка, право на слобода и демократија и рушење на неговиот режим. Нормално, тој не смета дека е главата на еден режим, па тоа што со син му си се шета со калашников во рака е само дел од неговиот мирољубив ПР и начин да испрати порака за мир кон сопствениот народ. Тоа што ги тепаат до смрт, ги убиваат на улица како да не се човечки суштества, тоа што брутално ги задушуваат медиумите и правото на говор е само владеење со цврста рака. Или тој или тие. Тоа е стравот. Нормално дека неговата одлука ќе биде- Тие. Тие кои се небитни, неважни, кои ги има многу, кои се заменливи, за разлика од него кој е незаменлив, најважен. Некои го викаат последниот европски диктатор, но за мене некако зборот диктатор во последно време ми звучи многу меко и недоволно силно за тоа што тој човек го прави на сопствениот народ. Мегаломанијак ми звучи некако посилно, веројатно бидејќи во оваа кованица од збор се содржи и зборот манијак.

Желба за моќ

Во основа, (не)природно силната желба за моќ и власт се јавува кај многу владетели. Кај некои постои скриена во нив и тлее, а кај други се јавува по долго владеење. Кај тие што се јавува по долго владеење во суштина е маска за стравот за тоа што ќе се случи со нив доколку ја немаат таа моќ или власт за која сметаат дека природно им припаѓа.

- повеќе од авторот: Обединување под нови постулати

Мегаломанијак не може да биде демократ. Ниту пак треба да биде лидер или владетел. Оваа особина кај оние што претендираат да бидат лидери треба навремено да биде препознаена за да не се дозволи вакви луѓе да се дограбат до власт и моќ. Затоа што потоа многу тешко можеме да се ослободиме од нив. Ретко кој сака да се откаже доброволно од моќта и власта, па затоа се измислени изборите. Доколку изборите се фер и демократски тогаш тој што ќе загуби си заминува и ја предава власта и моќта на некој кој ќе дојде по него. Но доколку изборите не се демократски или доколку владетелот нема демократски капацитет тогаш власта не ја дава и од моќта не сака да се ослободи затоа што има неприродно силна желба за моќ (власт) и затоа што смета дека е поважен и посилен од тоа што навистина е. Ова значи дека тој што нема демократски капацитет во основа е мегаломанијак.

Никој не сака лузери

Еврокомесарот Фил Хоган минатата среда си поднесе оставка на функцијата откако стана јасно дека не ги почитувал протоколите за заштита од коронавирусот кога присуствувал на настан на некое друштво за голф. Човекот има демократски капацитет, не смета дека моќта природно му припаѓа и не е мегаломанијак. Замислете, Г-дин Хоган наместо да поднесеше оставка да кажеше дека протоколите често се менувале и дека не знаел дека постои таква забрана, па да ги повикаше своите пријатели од полицијата кои воедно му се партиски подредени за заедно да прикријат дека тој навистина присуствувал на настанот. Да беше Г-дин Хоган мегаломанијак ќе го стореше тоа, но човекот има демократски капацитет па си поднесе оставка. Затоа и претседателката Фон дер Лајен изјави дека го почитува тоа.

После мојата претпоследна колумна насловена „Бели марамчиња за селекторот“ Барселона загуби катастрофално од Баерн Минхен. Тренерот Сетиен не доживеа навивачите на клубот за време на натпреварот помеѓу публиката да извадат бели марамчиња од проста причина што поради короната нема публика на стадионите. По натпреварот тренерот истакна дека сите што бараат негова смена одработуваат за Баерн Минхен и тоа е причината што загубиле. Се шегувам, на никој сериозен не би му текнала ваква будалаштина, а најмалку на управата на Барса која одлучи да го смени тренерот Сантиен и на негово место дојде тренер кој ќе победува. Никој не сака да губи и во светот никој не толерира лузерство.

DW.COM

Реклама