1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маричиќ во Париз: Важен период за нашите евроинтеграции!

2 февруари 2022

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и министерот за надворешни работи Османи во Париз ќе остварат средба со државниот секретар за европски прашања, Клеман Бон.

https://p.dw.com/p/46Owc
Nord-Mazedonien  Nordmazedonien   Bojan Maricic
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Европското досие на Северна Македонија во контекст на актуелното француско претседателство со Советот на ЕУ и размена на мислења за актуелни регионални и глобални предизвици, ќе бидат темите на разговор за време на денешната работна посета на Париз, на која вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе остварат средба со државниот секретар за европски прашања, Клеман Бон. Тие ќе се сретнат и со Изабел Думон, дипломатска советничка на францускиот претседател Емануел Макрон, а предвидена е средба и со сенаторот Робер Бадентер.

„Посетата на Париз заедно со министерот за надворешни работи, Османи, не случајно ја реализираме на почетокот на француското претседавање со Советот на ЕУ“, вели Маричиќ за ДВ.

„Ова е важен период за нашите евроинтеграции, особено имајќи ги предвид интензивните разговори со соседна Бугарија. Очекуваме дека Франција ќе ја потврди нејзината заложба за проширување на Унијата и дека токму за време на француското претседателство, Северна Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ, нешто што нашата земја одамна го заслужи исполнувајќи ги сите потребни критериуми. Разговорите на средбите со советничката на Макрон и со министерот за Европа, ќе ги фокусираме на приоритетите на претседавањето и со напорите на Франција за помош за почеток на преговорите за членство, со цел постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. Исто така, ќе брифираме за разговорите со Софија и новиот пристап кој го започнавме со петте работни групи и зачестениот интензитет на средби“, вели Маричиќ.

По завршувањето на работните средби во Париз, тој и Османи продолжуваат за Брисел, каде заедно со премиерот Ковачевски ќе остварат неколку средби. Практично тоа ќе биде и прва официјална посета на Ковачевски на Брисел. Владината делегација што тој ја предводи ќе се сретне со претседателот на Европскиот совет, претседателката на Европската комисија и претседателката на Европскиот парламент, а Ковачевски ќе оствари средба и со Генералниот секретар на НАТО.

Frankreich Paris | Clément Beaune, Europa-Staatssekretär
Францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон гледа „волја кај новата бугарска влада и кај македонските власти во Скопје да го продолжат дијалогот“Фотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Умерен оптимизам

Денешниот соговорник на Османи и Маричиќ, државниот секретар за европски прашања, Клеман Бон, ја посети Бугарија по изборот на новата влада, во декември лани. Во таа прилика пред новинарите изјави дека мора да се најде решение за проблемите меѓу двете земјишто е можно поскоро, потенцирајќи дека „гледа волја кај новата бугарска влада и кај македонските власти во Скопје да го продолжат дијалогот“.

„Ја напуштам Софија со самодоверба и надеж, бидејќи од бугарските власти слушнав волја да се најде решение што е можно поскоро“, изјави Бон.

Бриселски „Политико“ неодамна потсети дека проширувањето на ЕУ е непопуларно во Франција, со оглед дека само 30 отсто од Французите се „за“ според најновото истражување на Евробарометар, и дека таа тема често се користи од десничарските противници на Макрон. Аналитичари посочуваат дека темата нема да биде одбегната ниту во пресрет на претседателските избори закажани за април годинава. Што може РСМ да очекува во таква околности?

Шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дријан, пред една недела изрази надеж дека за време на француското претседателство со ЕУ може да се одржи меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, и дека Скопје и Тирана може тогаш да ги започнат преговорите за членство во ЕУ. Тој ова го изјави пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

„Колку што знам, работите почнуваат да се средуваат малку по малку. Посетата на новиот бугарски премиер на Скопје помага за деблокирање и декларациите се во вистинска насока. Се надевам дека започнатата иницијатива ќе најде конкретен израз, за да може постигнеме свикување на меѓувладина конференција за време на нашето претседателство или најдоцна во чешкото. Но, текот на настаните засега изгледа добро“, изјави шефот на француската дипломатија.

Russland: Florence Parly und Jean-Yves Le Drian in Moskau
Жан-Ив Ле Дријан: Текот на настаните засега изгледа доброФотографија: picture alliance/dpa/M. Blinov

„Да ги засукаме ракавите“

Голем дел од аналитичарите, во изминатиот период коментираа дека во ситуација кога ЕК и членките на ЕУ велат дека Албанија и Северна Македонија ги спроведоа реформите потребни за почеток на преговорите за членство, треба да се анализира дали зад блокадата на Бугарија стои и некој друг, односно кому му одговара тоа.

Бугарскиот премиер, одговарајќи на оценката од претседателот Радев дека неговата посета на Скопје била избрзана, вчера објасни колку е важен новиот пристап во разговорите меѓу Софија и Скопје - и зошто.

„Верувам дека ако не сакаме Балканот да остане најсиромашен, најкорумпиран и најнекоординиран дел од Европската унија, пристапот мора да се смени. Ова треба да биде на база на добрососедство, економски развој и заедничка работа, како во една куќа. Не можете да се расправате со соседот и да мислите дека тоа е добра идеја“, рече Петков.

Тој смета дека „има многу сили на Балканот кои не сакаат РСМ да биде дел од ЕУ“.

„Зошто не сакаат? Затоа што нестабилниот Балкан во оваа геополитичка ситуација им дава предност на земјите кои не ни мислат добро. Но, отсега да не се оправдуваме со големи странски држави, туку да ги засукаме ракавите и да ја завршиме работата. Ако го правиме тоа на стариот начин, со контра, да биде важен само нашиот начин и ниеден друг - тоа нѐ доведе таму каде што сме, до најниската точка“, рече Петков.

Тој одби да го коментира приемот на ОМО Илинден кај претседателот Стево Пендаровски.

„Што направил претседателот на Република Северна Македонија јас нема да коментирам. Доброто е што надворешната политика на Бугарија и Република Северна Македонија зависат од премиерот и од владите на двете земји“, порача Петков.

Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Бугарскиот премиер Петков (л.) одговарајќи на оценката од претседателот Радев (д.) дека неговата посета на Скопје била избрзана, вели „пристапот мора да се смени“Фотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Воздржаност околу датумот

Дали двете влади ќе успеат да направат исчекор за време на француското петседателство? РСМ досега дочека и испрати многу надежи - и за време на германското, и за време на португалското, а состојбата остана неизменета и за време на претходното - словенечкото претседателство. Францускиот амбасадор во РСМ, Сирил Бомгартнер, беше внимателен кога на 13-ти јануари ги презентираше приоритетите на француското претседателство (јануари-јуни 2022 година), пред членовите на македонскиот Национален совет за евроинтеграции.

„Што се однесува до прашањето на проширувањето и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија, за оваа тема нема некој точно утврден рок, затоа што тој зависи од меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите. Во овој момент е невозможно да се утврди точен датум, но, јасно е дека со француското претседателство постојано ќе се поддржува земјата, за да може работите да напредуваат конструктивно и во добра насока, со цел колку што е можно побрзо и во текот на француското пво ретседателство да се постигне значителен напредок кој сите го очекуваат“, рече францускиот амбасадор.

Ќе биде прескапо ако се соочиме со уште еден пораз, порача тогашниот вицепремиер во заминување, Никола Димитров.

„Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западниот Балкан. Тоа го кажа и самата ЕК во пакетот за проширување во октомври, тоа го кажуваат и официјални претставници на Франција. Затоа, ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, за Северна Македонија, за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи не и нас, нашите комшии, сите држави во регионот, и самата ЕУ. Мислам дека тоа стана јасно, затоа влогот во овој процес е огромен и се надевам дека најавениот Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан кон крајот на француското претседателство во јуни, ќе направи контекст каде што ќе биде прескапо повторно да се соочиме со пораз сите вклучени во овој процес“, рече Димитров.