Манчестер Јунајтед- триумф со трогателна посвета | Панорама | DW | 25.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Манчестер Јунајтед- триумф со трогателна посвета

Фудбалерите на Манчестер јунајтед го посветија трофејот од Лигата на Европа на загинатите во бомбашкиот напад во Манчестер.

Фудбалерите на англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед синоќа ја освоија Лигата на Европа, откако во финалето во Стокхолм го победија Ајакс со 2:0, со головите на Пол Погба во 18-та и на Хенрих Микхтаријан во 48-та минута. Јунајтед со оваа победа се избори за директно учество во Лигата на шамиони во наредната сезона, но и го освои единствениот трофеј кој досега му недостасуваше. Пред почетокот на натпреварот се одржа минута молчење за жртвите кои загинаа во нападот во Манчестер, во понеделникот вечер, во експлозија на концертот на американската пејачка Аријана Гранде.

„Овој трофеј го посветувам на жртвите. Ова е само фудбал, но она што се случи во понеделникот е ужасно. Сакаме мир во светот и почит. Тоа се случи во Манчестер, но сите во светот мораме да бидеме обединети во борбата за мир, да нема повеќе напади. Ни беше тешко да тренираме во вторникот, но тренерот ни рече оти освојувањето на трофејот е единственото што можеме да го сториме за нив“, рече фудбалерот на Јунајтед, Андер Ерера.

„Да вратиме малку радост во Манчестер“

Стрелецот на првиот гол во финалето, Пол Погиба, рече дека екипата играла за Англија и за Манчестер. „Ваквите работи се многу тажни, каде и да се случат. Моравме да бидеме концентрирани. Манчестер- победи само за нив. Игравме за Англија, игравме за Манчестер, игравме само за нив- за луѓето кои починаа“, рече Погба, кој минатото лето за 89 милиони фунти премина во Јунајтед.

Трофејот на Лигата на Европа, единствениот кој му недостигаше на Манчестер Јунајтед, го подигна синоќа и капитенот Вејн Руни.

„Фудбалот нема да ги врати загубените животи, но за нас беше најважно да се обидеме да вратиме малку радост во Манчестер. Познаваме луѓе кои беа на тој концерт и не ни е лесно, тоа не е лесен момент не само за Манчестер туку и за цела Англија. Но, моравме да излеземе на терен и да одиграме доволно добро да го освоиме трофејот“, рече 31-годишниот напаѓач.

Фудбалерот на Мачестер Јунајтед Хуан Мата рече оти нападот во Манчестер му дал поголемо значење на триумфот во Стокхолм.  „Овој трофеј многу ми значи, затоа што е прв европски со Јунајтед и по сѐ што се случи, убаво е да се вратиме со трофеј во Манчестер. Ова беше тешка недела за градот Манчестер и среќни сме што го освоивме трофејот за луѓето кои настрадаа. Освоивме трофеј кој овој клуб никогаш не го освоил досега и навистина сме задоволни“, рече шпанскиот фудбалер.

 

Реклама