Макрон заговара лајт членство во ЕУ за „земји од втора класа“ | Европа | DW | 11.05.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Макрон заговара лајт членство во ЕУ за „земји од втора класа“

На почетокот на својот мандат на чело на државата, францускиот претседател Емануел Макрон предизвика бура во Европа. Предлогот за Европска политичка заедница е неприфатлив за многумина, пишува агенцијата Ројтерс.

Frankreich | Abschluss der Konferenz zur Zukunft Europas in Straßburg

Францускиот претседател Емануел Макрон

Наспроти растечките повици за брз прием на Украина во ЕУ, Емануел Макрон повлече кочница при неговата посета на Берлин, и притоа предложи нова политичка заедница во која би се собрале сите земји кои нема да успеат или не сакаат да влезат во ЕУ. Тука Макрон ги наброја Украина, Велика Британија и Босна и Херцеговина. Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој стоеше до него, дипломатски зборуваше за „многу интересен“ предлог. 

Но во источна Европа при вакви предлози се вклучува алармот, како што објаснува експертот за европски прашања во Фондацијата Наука и Политика, Николај фон Ондарза.

Досега повеќе влади го поддржаа барањето на Киев за брз влез на Украина во ЕУ, меѓудругото и како начин на заштита на земјата од нападите на Русија. 

„Се заканува остра поделба меѓу Истокот и Западот во оваа дебата“, предупредува Фон Ондарза и потсетува дека ЕУ успеа да изгради заеднички став против Русија. Но францускиот претседател сега обзнани дека сака на Украина да и понуди нешто што не предвидува полноправно членство. 

Ни на Западниот Балкан Макрон не си создава многу пријатели, и притоа ризикува конфликт со неговиот најблизок партнер- Германија. Канцеларот Олаф Шолц минатата недела потенцираше дека ЕУ мора да си го одржи ветувањето кон земјите од Западниот Балкан, од геополитички причини како и заради намалување на руското влијание во шесте држави. 

Повеќе земји од Западниот Балкан веќе имаат кандидатски статус и стравуваат дека сега ќе им биде понуден полош алтернативен модел. Дури и самата дебата за забрзан прием на Украина таму им предизвикува вртоглавици.
„Дали мора Русија да ве нападне за да влезете во ЕУ?“, се прашуваат во регионот, според Фон Ондарза. 
„Макрон направи голема штета. Се чини дека со оваа идеја за нова заедница им се обраќа на евроскептичните гласачи во Франција“, смета европратеникот од Зелената партија, Расмус Андресен.

Кон дебатата се приклучи и претседавачот на Комисијата за Европа во германскиот Бундестаг, Антон Хофрајтер, кој порача дека на земјите од Западниот Балкан не смее да им се одзема перспективата за полноправно членство.
„Тие сакаат да бидат дел од нашата заедница на вредности, а не да ги измачуваме со нови договори за асоцијација“, рече Хофрајтер. Тој додава дека е спротивно на европската идеја, на земји како Северна Македонија и Албанија, кои сакаат да станат членки, да им се нуди алтернативно членство како на Велика Британија која не сака да биде дел од ЕУ. 

Вистинска дебата

Притоа, експертите се согласни дека Макрон отворил важна дебата.

„Мене ми звучи како реалистичен и разумен предлог да се разговара за алтернативи на полноправното членство во ЕУ, кое и онака нема да се случи во блиска иднина“, смета експертот за Русија во Германското здружение за надворешна политика, Штефан Мајстер.

„Тоа е дебатата што треба да се води: Какви други форми на интеграција или делумна интеграција постојат и што значи тоа за Украина, Молдавија и Грузија?“

Во Киев сигурно нема да бидат задоволни од тоа. „Но, реално гледано тоа е една опција, во која делумната интеграција во централните институции е можна, без притоа да се загрози процесот на одлучување преку нови членки“, вели Мајстер. 

Според експертот Фон Ондарза, постои и еден психолошки проблем: изминативе години веќе беа дискутирани други модели како придружно или делумно членство за земји како Велика Британија, Швајцарија или Норвешка кои не сакаат да станат полноправни членки. „Но земјите, кои сакаат да станат членки, тоа го гледаат како 'Членство-минус', третман како земји од втора класа“, предупредува тој. Ова искуство ЕУ веќе го имаше со Турција откако и беше понудено привилегирано партнерство. 

За да ја намали тензијата, белгискиот премиер Александер де Кро вели дека не треба да се брза со нова терминологија.

„За полноправно членство требаат најмалку десет години“, вели тој алудирајќи на Украина. Но покрај класичниот процес на проширување, може да се размислува и за други начини како овие земји да и се приближат на ЕУ. 

DW.COM