Макрон доаѓа во Скопје да објасни дека не нуди алтернативи за ЕУ | Северна Македонија | DW | 12.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Макрон доаѓа во Скопје да објасни дека не нуди алтернативи за ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски по средбата со францускиот колега Емануел Макрон во Париз информира дека веќе циркулира предлог за измени во методологијата на преговарачкиот процес кои треба да финишираат до март

Новата методологија во преговарачкиот процес со ЕУ која ја заговара Франција треба да биде готова до март следната година, а веќе во мај на самитот на ЕУ во Загреб повторно да се отвори темата за почетокот на преговорите со Северна Македонија. Претседателот Стево Пендаровски по средбата со шефот на француската држава Емануел Макрон, вели дека другите држави-членки на ЕУ веќе го добиле предлогот и треба да се изјаснат по него во следниот период.

„Мислам дека сега можеме да зборуваме за расчистена ситуација по неколку битни точки. Прво, претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија. Имаат предложено еден нон пејпер до земјите членки кој почнал да циркулира пред една недела. Очекува дека тоа ќе заврши наредниве месец до два комплетно со инпут од останатите земји членки, со коментари, евентуално амандмани. Начелно, тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март“, изјави Пендаровски. 
Новата методологија допрва ќе треба да се разработува затоа што францускиот предлог не содржи конкретни детали, туку идеи и принципи. 
Шефот на македонската држава се согласил дека не е во ничиј интерес преговорите за членство во ЕУ да се сведуваат на „бирократско штиклирање успеси“, и му порачал на Макрон дека и нему му е доста од живеење во автократска држава. 
„Половина од мојот живот го поминав во автократија, во поранешна Југославија. Десетте години на Груевски плус, ги поминав во автократија. Прво, јас немам лични резони да бидам за методологија која само бирократски ќе штиклира успеси“. 
Пендаровски пред Макрон потенцирал дека земјата не е заинтересирана за било какви алтернативи на полноправното членство, а од другата страна добил уверување дека такво нешто не се ни нуди.
„Ми рече прецизно – никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство. Само, вели, сакам да го подобрам процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси кај земјите кандидати“, пренесува Пендаровски.

Законот за ЈО не е услов

На самитот на ЕУ во Загреб во мај следната година повторно ќе се отвори прашањето за проширувањето, но Пендаровски вели дека не треба да се прејудицира дека таму со сигурност ќе се донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Според Макрон, Северна Македонија ги исполнила сите услови, а донесувањето на Законот за јавното обвинителство кој го споменува францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, воопшто не бил наведен како услов од официјален Париз на состанокот.

„Значи од највисокото политичко место во оваа земја, од претседателот Макрон ми беше речено дека вие исполнивте сé, се разбира ако во меѓувреме има назадување од тоа што сме го направиле и да сте полноправна земја членка ќе добиете негативен извештај. Меѓутоа, не ми го спомена воопшто законот“, тврди Пендаровски. 
Макрон ја прифатил поканата да ја посети Северна Македонија и ветил дека тоа ќе го стори во првите шест месеци од следната година.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама