1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Македонскиот сигнал

17 март 2018

Македонија се бори со своите заблуди, својот национализам, со својата сиромаштија, со својата транзиција, со својата корупција – но во една работа може да биде горда: целосно беше на вистинската страна на историјата.

https://p.dw.com/p/2uSAw
Mazedonien 75. Jahrestag Deportation Juden aus Mazedonien im Zweiten Weltkrieg
Фотографија: Government of Republic of Macedonia

„Маршот на живите“ во Скопје и во Битола минатава недела  е еден од највредните сигнали што македонската држава го испрати кон Балканот и кон Европа во последниве десетина години. Тој е поврзан со многу нешта – со враќањето на државата во европскиот систем на вредности, со споделувањето на хуманистичките начела за сочувство со прогонетите и депортираните во смрт еврејски сограѓани, со општо и заедничко отфрлање на антисемитизмот како античовечка идологија, со проширувањето на кругот на пријателите кои сакаат на едно место да ги споделат овие пледоаеја за еднаквост во сегашноста и иднината и конечно цврстата определба на Македонија дека таа беше и останува на страната на праведните. Македонските граѓани и нивните политички структури (и покрај големата општествена криза и потрагата по загубените вредности) покажаа дека една вредност останала нечепната – да сочувствува со страдањата на луѓето чии драми дури и не можат да се прераскажат. 

Повеќе на темата:

-„Марш на живите“ во Скопје: да учиме од минатото за да не се повтори

-Депортација на македонските Евреи- ќе побара ли Бугарија прошка?

-Бојко Борисов како Вили Брант: Почит за жртвите од Холкаустот

За жал, заедничкото поклонување на тројца премиери пред споменикот на депортираните Евреи во Тутунскиот комбинат, а потоа и трогателното клекнување на нозе на полскиот министер за надворешни работи, не го доби вистинскиот медиумски одглас за настан кој е од европско значење. Можеби причината е што медиумите очекуваа спектакуларно извинување на бугарскиот премиер Бојко Борисов за постапките што ги направија фашистичките окупациски власти, а слушнаа само „жалење“ и порака дека „денеска сме тука за да искажеме почит и тага кон убиените. Не сме ги заборавиле, слава им, и затоа дојдовме заедно со македонскиот народ да жалиме за тие што не успеале да се извлечат живи од нацистичката машина". Можеби причината е и драмата со уште еден безобѕирен напад врз новинарите и протестот пред Владата во истото време против лажното чувство на некои политички структури за нивна семоќност.  Во некое објаснување тоа може да биде сеедно, но не е. Како што не е маршот на две илјади луѓе во Битола. Марш во кој заенички чекореа битолчани и Евреи, потомци од неколку генерации на луѓето кои завршија во нацистичките конц-логори и кои дојдоа од повеќе континенти за да им оддадат почит на човечноста и на припадноста на хуманистичкиот ред.

„Марш на живите“ во Скопје

Нема место за квислинзи

Борисов дојде во Скопје да се поклони пред споменикот за да стави уште една тула во изградбата на сопствениот концепт на регионален лидер и да направи чекор напред кон моралното препрочитување на историјата за оние Евреи што не беа спасени од тогашното бугарско царство. Борисов сака да зборува за иднината, а не за колаборационизмот на бугарските окупациски власти со нацистите во злосторството  врз Евреите во Македонија. Тоа е дилемата на секој бугарски политичар – дали во преден план да се стави фактот дека Бугарија успеа единствена да спаси 50.000 Евреи на нејзина територија или да страда за оние од окупираните области за кои помогна да бидат депортирани. Самиот податок дека Бојко Борисов е првиот бугарски премиер што дошол да се поклони пред споменикот на убиените Евреи е уште еден меѓник во односите на двете држави. Поради децениите на голема, дури и апсолутна недоверба во односите меѓу двете држави и двата народи, дел од македонската јавност очекуваше извинување и прошка за направените гревови што ги направила една фашистичка власт. Прашање е дали во ист ваков случај доколку Ангела Меркел дојдеше во Тутунскиот комбинат од неа ќе се бараше извинување за злоделата на нацистите. Или поради почитта кон Германија ќе се премолчеше за погромите што ги вршеше нацистичката солдатеска. Така е со предрасудите – на Германија ќе и се вохитуваме како на храм на демократијата и економскиот напредок и ќе заборавиме на колежите од Втората светска војна, а кон Бугарија секогаш треба да гледаме со задршка, мислејќи на некои скриени намери што можат да ни наштетат.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Овој сигнал што го испрати Македонија во голема мерка е поврзан и со настаните од Втората светска војна. За среќа или поради зрелоста на тогашното општество, кое виде шанса за конечна формирање на независна држава, во Македонија немаше ниту квинслиншка влада ниту значајни структури кои соработуваа со фашистите. Групата на Чкатров, Ѓузелов и Китанчев, која имаше бугарско чувство и планираше да се создаде автономна македонска држава со бугарски карактер под протекторат на Третиот Рајх, имаше огранично влијание меѓу Македонците. Исто како и оние емисари кои ВМРО на Ванчо Михајлов ги испрати од Софија за да го формираат Бугарскиот централен акциски комитет на чело со Васил Хаџикимов со цел претопување на Македонија во Бугарија. Македонскиот народ нив ги отфрли како паразити. И Ванчо Михајлов во неколкуте денови во Скопје во септември 1944 година сфати дека е залуден и самиот обид да формира квинслиншка Независна држава Македонија со нацистички амин. Во Македонија ниту имаше сили ниту желба за некаква граѓанска војна, комунистите го предводеа народот кон создавање сопствена држава и тоа чувство за припадност кон прогресивните сили се нема загубено до ден-денешен. Затоа нема ниту антисемитизам во Македонија, затоа нема ни преиспитување на историјата на војната,  затоа нема ни маргинална глорификација на некои мрачни личности од времето на фашистичката окупација – затоа Македонија излезе морално чиста од Втората светска војна. Таа морална чистота на прекрасен начин ја покажаа двата марша на живите. Тоа е вистинската супстанца на Македонија, без оглед на трауматичното авторитарно наследство, и она по војната и ова неодамнешното.

Марш во Битола: илјадници порачаа „Да не се повтори!“

Во соседството, пак, поставена е сцена за рехабилитација на некои од квислизите. На 26 март во Белград е закажано ново судско рочиште во процесот кој почна во 2015 година и во кој се бара рехабилитација на Милан Недиќ, премиерот на српската квинслишка Влада за национален спас. По судската рехабилитација на Дража Михаиловќ пред неколку години ова е уште еден чекор во обидот за ревизија на Втората светска војна и улогата на тогашните српски политичари. Минатиот месец стотина екстремни десничари со факели и нацистички поздрави протестираа во Белград  за поддршка на Недиќ. На едно од претходните рочишта историчарот Милан Ристовиќ прочита документ на германски дипломат во Србија, во кој пишува дека Недиќ себеси се сметал за срспка верзија на лидерот на француската квинслишка влада, маршалот Петен. Недиќ беше на чело на марионетската влада од август 1941 до октомври 1944 година, кога пребегна во Австрија, им се предаде на сојузниците, кои потоа им го испорачаа на југословенските власти. Недиќ изврши самоубиство со скок од затворскиот прозор во февруари 1946 година. Токму Недиќ одигра клучна улога во погромот на Евреите во Србија. Уште во август 1942 година нацистичките власти со писмо го пофалиле Недиќ дека „Србија е очистена од Евреи“. Логорите во Старото сајмиште и Бањица  во Белград беа местата за погром на антифашистите, Евреите и Ромите. Дури и кралската влада во бегалство во Лондон ја ги осуди Недиќ и неговата влада за целосната потчинетост кон нацистите и борбата против партизаните и против дел од четничките структури.

Семејството на Милан Недиќ сега, исто како во случајот со Дража Михаиловиќ, сака судот да ја соблече неговата квислиншка униформа  и да го облече во костум на невин учесник во историските настани, тврдејќи дека засолнил 300.000 српски бегалци, најмногу од марионетската Независна држава Хрватска. Апсолутната лојалност спема нацистите сега треба да да се покаже како некаков вид доблест. Ова повампирување на фашизмот не ги загрижува српските власти.  Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ дури и отвори своја канцеларија токму во Старото сајмиште, иако одамна е предвидено овој поранешен нацистички логор да се претвори во меморијален комплекс. Во логорот беа убиени 10.000 Срби и 7.000 Евреи. Него го управуваа СС-единиците, но српската полиција ги изведуваше апсењата на антифашистите и Евреите и ги носеше во логорот.    

Усташките симболи и петокраката 

Во исто време неколку стотици екстремни десничари во Софија со слична иконографија и факели го славеа генералот од Втората светска војна Христо Луков. Некои од бугарските историчари велат дека Луков бил „достоен бугарски офицер“ и неговите отворени симпатии за нацистите во 1930-тите години (па дури и кога беше министер на војната) ги сведуваат на легенди. Како министер на војната од 1935 до 1938 година поттикнуваше блиски врски со нацистичките власти во Германија, а во собранието протурка закони со кои на Евреите им беа одземени нивните граѓански права. Дури и неговата ликвидација од двајца комунисти во 1943 година се прикажува како акт на мачеништво. Таканаречниот Луков марш екстремните десничари го одржуваат од 2003 година. Градоначалничката на Софија, која е од партијата на премиерот Борисов, се обиде да го забрани маршот, но судот го отфрли нејзиното барање. На градоначалничката и се приклучија и владата, најголемите политички партии, повеќе еврејски организации, вклучувајќи го и Светскиот еврејски конгрес, барајќи да не се одржи маршот. А меѓународна петиција собра 178.000 потписи. На маршот му се приклучија припадници на неонацистички и антисемтиски групи од Германија, Шведска, Унгарија и Естонија. Американската амбасада во Софија го осуди маршот, соопштувајќи дека генаралот Луков е „поддржувач на нацизмот, кој ја проповеда омразата и неправдата, а не човек кој заслужува уважување“. Но, Звездомир Андонов, еден од организаторите на маршот, на групата новинари им го изјави ова: „Нема сила на светот која може да го забрани чествувањето на херојот, војникот и државникот, каков што, без сомнение, е генерал Луков“.

Mazedonien 75. Jahrestag Deportation Juden aus Mazedonien im Zweiten Weltkrieg | Bojko Borissow, Premierminister Bulgarien
Фотографија: Government of Republic of Macedonia

Погоре од Белград по Сава, во Загреб, Советот за соочување со минатото, кое го водеше претседателот на Хрватската академија на науките и уметностите, Звонко Кусиќ, пред две недели донесе заклучок според кој усташкиот поздрав „За дом спремни“ се прогласува за допуштен, а по прв пат се забранува црвената петокрака како симбол на комунизмот. Во уметничкото толкување на Советот, усташките симболи би биле дозволени само на комеморацијата на загинатите припадници на Хрватските одбранбени сили во Татковинската војна, а црвената петокрака се забранува само ако предизвикува омраза и поттикнува на насилство. Професорот на Факултетот за политички науки во Загреб, Небојша Блануша, вели дека овој заклучок е „домобрански и на моменти шизоиден“ и дека со тоа се изедначува хрватскиот фашизам и хрватскиот антифашизам. „Со овој текст не се решава ништо. Не станува збор за толеранција туку за де факто легализација на усташките симболи на мала врата“. Во заклучоците се пледира да се заштитат партизанските споменици, откако поголемиот дел од нив беа уништени. Некој ден потоа, беше украдена бистата од споменикот на народниот херој Иво Лола Рибар во Загреб. Медиумите унисоно јавуваа за „вандалски чин“, а таква „вандалска“ осуда не стигна кога се уништуваа партизанските споменици или кога се менуваа имињата на плоштадите именувани по жртвите на фашизмот.

Македонија се бори со своите заблуди, својот национализам, со своите вмровски митологии, со својата сиромаштија, со својата транзиција, со својата корупција, со неспособноста на политичките елити, со заглавената иднина – но во една работа навистина може да биде горда: целосно беше на вистинската страна на историјата тогаш кога беше најпотребно (во Втората светска војна) и не скршна од тој пат. Земја каде што не постои антисемитизам и фашизам е своевиден светилник во Европа, мал, но сепак светилник.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар