1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тендерциозно местење на тендери

Катерина Блажевска27 март 2015

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла како монтирани обвинувањата за местење тендери и договарање провизии, а експертите тврдат дека реформите во сферата на јавните набавки не ги даваат очекуваните резултати.

https://p.dw.com/p/1EyHR
Фотографија: DW/M.Jovanovski

Не сме изненадени. Системот за јавни набавки во Македонија не обезбедува фер и еднаков третман на компаниите и не гарантира избор на најдобрите понуди. Ова е коментарот на соговорниците на Дојче веле, по вчерашната опозициска „бомба“, со која лидерот на СДСМ, Зоран Заев обвини за местење тендери и договарање провизии, во кое наводно учествувале премиерот Груевски и неколку министри. Еден од разговорите што вчера го објави СДСМ, се однесува на Сеад Кочан, кој од 2009 година беше претседател на Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори, а од лани е заменик претседател на ССК. Во наводен разговор меѓу и премиерот и поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, Груевски наводно бара да му се помогне на Кочан да направи конзорциум за да се јави на тендер на ЕЛЕМ. Од страна на Груевски, Сеад Кочан е именуван како „Оној што има кола Сеат Ибица“ или „овој со колата“.

„Нормално дека не сум добивал наместени тендери“, изјави вчера Кочан за ДВ. Но одби да одговори на други прашања, прво со образложение дека не слушнал што објавила опозицијата, а потоа со друга причина: „Не сум во земјата. На роаминг сум. Трошоци ли да правиме?“

Тој е сопственик на фирмата „Транс Мет“, која го држи четвртото и седмото место во топ 10 од 100 најголеми договори за јавни набавки склучени во последните пет години, според рангирањето и анализата направени од Центарот за граѓански комуникации. Поединечната вредност на договорите од „Топ 100“ се движи од 2,8 до 104 милиони евра. Доминираат набавки од енергетиката и градежништвото. „Транс Мет“ има склучено договор со ЕЛЕМ на 36 месеци и ќе се спроведува до крајот на 2016 година, за услугата ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на микролокација - 3 во Рудник Суводол - РЕК Битола, со дотур на дробен јаглен на транспортерот ИТУ 2 во состав на системот за јаглен со дисконтинуирана технологија. Вториот договор е склучен на почетокот на 2012 со времетраење од 24 месеци, за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на Микро локација – 3 во Рудник Суводол-РЕК Битола.

Mazedonien Zoran Zaev
Зоран ЗаевФотографија: DW/K. Blazevska

Спецификации за елиминации

Според експертите што ја следат оваа проблематика, реформите што се преземаа во изминатите неколку години во сферата на јавните набавки - од електронските аукции до новоформираниот Совет за јавни набавки кој треба да спречува фаворизирачки тендерски документации, во практика не ги даваат најавените или очекуваните резултати. Таа состојба најдобро се отсликува во фактот дека на една третина од тендерите се доставува по само една понуда, што упатува и на загубената доверба на фирмите во системот на јавни набавки. Вања Михајлова, поранешен член на Државната комисија за спречување корупција, потсетува дека основната цел на постапките за јавни набавки е да се постигне најдобра понуда за што помалку јавни пари. Таквата цел може да се постигне само ако во практика стриктно се применат основните начела: фер конкуренција, еднаков третман, недискриминација на понудувачите и транспарентност на постапката.

„Законот за јавни набавки, со Директивите на ЕК за оваа област, му забранува на договорниот орган во огласот да дефинира спецификации кои упатуваат на конкретно производство, трговска марка, патенти или специфично потекло на стоки, со цел да фаворизира определен понудувач или да ги елиминира другите. Наспроти ова, многу често во јавните набавки се пропишуват критериуми кои директно упатуват на однапред избран понудувач - да има одреден број на вработени со конкретна стручна подготовка (иако тоа нема влијание за таа јавна набавка) или да имале промет во претходните години кој е несразмерен со конкретната јавна набавка. На пример, за набавка од 20.000 евра се бара понудувачите да имале приход во претходната година од 500.000 евра или и повеќе. Или, што е најиндикативно дека се работи за однапред избран понудувач - се бара понудувачите да имале склучено два или три договори со државен орган. Резултат на вака 'наместени тендери' е што секоја година перманентно паѓа бројот на фирми кои се јавуваат на огласи, пa во најголем број случаи се јавува само една фирма. Со цел да се склучи договорот со однапред избрана фирма, 'законски и транспарентно', многу често се поништува тендерот со одреден изговор, за подоцна да се склучи договор во четири очи со избраниот понудувач“, објаснува Михајлова.

Според ова, во практика лесно се спроведува шемата не постои тендер што не може да се стокми за однапред договорен понудувач, жаргонски наречено „тендерциозно местење на тендери“.

Пешевски: Најдобар договор!

Сепак, во стручната јавност најмногу реакции предизвикаа наводните разговори меѓу премиерот и министерот за транспорт во кои тие договораат провизија од договорот со кинеската компанија „Синохидро“ која треба да ги гради автопатите Охрид - Кичево и Миладиновци - Штип. Бидејќи двајца министри не сакале да го потпишат договорот, тој се реализирал преку закон изгласан во Собранието. Според универзитетскиот професор и архитект, Мирослав Грчев, криминалната провизија е јасна индикација за целокупната практика со која режимот систематски го ограбува македонското општество.

„Упатените во различните области во кои преку јавни набавки се одлеваат буџетските пари во партиски и приватни џепови на врхушката, имаат доволно информации за валканите начини како со директно договарање, со лажно зголемени трошоци, со анекс-договори со кои незаконски се 'пумпаат' цените на капиталните инвестиции и со уште куп други мафијашки техники се одвива оваа системска кражба. Но, поради вклученоста буквално на сите институции во овој криминал, не можат да ја пласираат вистината во јавноста, ниту пак да покренат правни и судски процеси за нејзиното спречување и казнување. Конкретните податоци за вкалкулираните провизии ќе можат лесно да се добијат од анализата на проектната и техничката документација за јавната набавка, но за тоа да биде можно неопходна е системската промена на власта и овозможување на процес на независна судска и општествена лустрација на ерата на режимот на Груевски“, вели Грчев.

Вицепремиерот Владимир Пешевски, одговарајќи на пратеничко прашање, вчера изјави дека нема ништо спорно во тој договор.

„Во преговорите за изградбата на автопатите се преговараше и цената, но и огромен број на други технички детали кои што се многу важни: обврски за користење на локални компании, локални вработени и локални материјали, за што успеавме да постигнеме одлични услови. Во овој дел е постигнат најдобар договор од сите држави во регионот, со тоа што над 70% од вредноста на автопатот останува во Македонија, кај македонските компании и работници“, рече Пешевски.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Владимир ПешевскиФотографија: DW

Игнориран законот

Прашањето е дали во однос на овој договор се почитувал Законот за јавни набавки. Во законот се предвидува дека за работи во вредност над 200.000 евра, покрај објавувањето во Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и во „Службен весник на РМ“, огласот мора задолжително да се објавува и во Службеното гласило на ЕУ, објаснува Михајлова.

„Ваквата законска обврска е грубо повредена, на пример во случајот со објавената информација од т.н. 'бомба' дека без објавен тендер, или со директна спогодба во четири очи е склучен договор со кинеска компанија за износ од преку 580 милиони евра, само по себе е мега скандал, доколку е точно. Со измените на Законот за јавни набавки е предвидена казна затвор до 3 години за оној што свесно нема да објави оглас за јавна набавка и со тоа за себе или за друг ќе оствари поголема имотна корист, а ќе се предизвика поголема штета, а казна затвор и до 5 години, на оној кој свесно нема да објави оглас, ако со тоа се оствари корист во поголеми размери и настанат штети во поголеми размери. Сите договори склучени преку 'наместени тендери' упатуват на сериозни сомневања за корупција во јавните набавки, факт што со години е нотиран во Извештаите на ЕК. Ако надлежните органи ја вршат својата функција, досега требаше да имаме процесуирани повеќе коруптивни случаи поврзани со јавните набавки“, вели Михајлова.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, и за оваа, исто како и за сите претходни „бомби“, стигна демант.

„Соочен со фактите и признанијата за соработка со странска служба, соочен со неговите криминали и барања мито, како и со фактот дека се повеќе работи околу неговото срамно однесување се појавуваат во јавноста, Заев се обидува да ја дефокусира јавноста и преку конструирани материјали ставени во манипулативен контекст, да се извади од своите скандали и криминали. Тоа нема да му помогне. Правдата и вистината ќе го стасаат и нема да може да го извадат никакви сецкани материјали и никакви странски центри. Наводите на Заев и СДСМ се крајно тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.