Лондонскиот напад - дел од стратегијата на ИД во Европа | Свет | DW | 24.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Лондонскиот напад - дел од стратегијата на ИД во Европа

Британската полиција уапси уште двајца осомничени во врска со нападот во Лондон, за кој одговорноста ја презеде ИД. Експертите и претходно предупредуваа од напади кои е тешко да се спречат.

Британската полиција, по нападот извршен од страна на 52-годишниот Британец Калид Масуд во средата во Лондон, синоќа уапсила уште двајца осомничени. Со тоа вкупно се уапсени девет лица, откако вчера, по извршени претреси во повеќе станови во Бирмингем, беа приведени осум лица, три жени и петмина мажи, под сомнение за подготовка на терористички напад, но во меѓувреме една од жените е ослободена. Исламска држава веќе следниот ден по нападот во срцето на британскиот главен град, во кој загинаа вкупно четири лица, ја презеде одговорноста за него. Полицијата и претходно претпоставуваше дека зад нападот стојат исламистички мотиви. Напаѓачот го следел повикот за атакување врз граѓаните од државите-учеснички во меѓународната алијанса против Исламска држава, се вели во соопштението со кое терористичката организација на социјалните мрежи, на страниците блиски до неа, ја презеде одговорноста за делото.

Од соопштението не е јасно дали атентаторот делувал самостојно или работел директно по налог на ИД. Политикологот и експерт за исламистички тероризам, Петер Нојман, истакнува дека фактот што  напаѓачот има британско потекло и бил набљудуван од тајната служба како маргинална фигура на исламистичката сцена, одговара на шемата на речиси сите атентати од минатите години извршени од поединци.

Романско-американската новинарка Рукмини Мариа Калимахи, експертка на „Њујорк тајмс“ за ИД и Ал Каеда, преку Твитер укажува на поимот „војник“ од пораката на ИД. „ИД сторителот го нарекува свој војник. Така ги нарекуваат сите кои вршат напади во името на ИД.“

London nach dem Attentat - Blumen (Getty Images/C. Court)

Пофалби за лондонската полиција

Терор во главите

Но, и без официјалното признание од ИД, според експертите, постојат доволно укажувања на исламистичката заднина на нападот. „Начинот на изведбата на нападот е ист со оној кој го видовме на пример во Ница, Берлин, низ цела Европа во последните три години“, вели Петер Нојман за Дојчландфунк. Изборот на оружје - автомобил и нож, соодветствува на „инструкциите кои ИД им ги дава на своите следбеници на Западот преку пропагандните медиуми“, објаснува безбедносниот експерт Флориан Пеил за „ВиртшафтВохе.“

Спречувањето на нападите од овој вид е речиси неможно. „Токму поради техничката едноставност и некористењето комуникација, за истражителите е исклучително тешко нешто да преземат. Речиси е невозможно да се спречи вакво нешто,“ вели британскиот експерт за безбедност и криминалистика Дејвид Лоув од Универзитетот Ливерпул во разговор за Дојче веле.

Со оваа стратегија, ИД ги прилагодува своите тактики кон ситуацијата во Западна Европа, потенцира Нојман. Во Велика Британија во последните десет години стана извонредно тешко извршување комплексен терористички напад, зашто службите се многу добро подготвени. На терористите им е најважно да продуцираат терор, а „ништо не создава повеќе терор отколку чувството на населението за беспомошна изложеност на нешто, што во принцип никој не може да го оневозможи. Никој не може да спречи некој да нападне со автомобил или нож“, вели Нојман.

Симпатизерите на ИД ликуваат на социјалните медиуми

И реакциите на приврзениците на ИД на социјалните медиуми веднаш укажуваа на исламистички карактер на терористичкиот напад во Лондон. „Бројни канали блиски до ИД ги ширеа информациите за настанот во Лондон. Тоа го видовме веќе и по нападите во Париз, Ница, Орландо“, напиша Калимахи на Твитер во средата: Про-ИД заедницата на социјалните мрежи го славеше атентатот.

Ова е прв позначаен удар на терористичката милиција против Велика Британија. „Актуелната теорија гласи дека Велика Британија од европското копно ја разликува постоењето построги закони за оружје, а каналот Ламанш го отежнува криумчарењето оружје. Од разговорите со осудени борци на ИД произлегува дека терористичката милиција имала тешкотии да регрутира луѓе во Велика Британија“, објаснува Калимахи.

Пофалби за полицијата и безбедносните служби

Кон тоа се надоврзува одличната работа на британските безбедносни служби, дополнува Петер Нојман во интервју за Дојчландфунк. „Кого и да го прашате од круговите на тајните служби - кои се најдобрите европски служби во поглед на безбедноста, никој не се двоуми - тоа се Британците. Во последните десет години тие постигнаа навистина нешто впечатливо во областа на антитерористичката одбрана.“ Британските безбедносни служби, според сопствени наводи, во минатите години осуетиле 13 напади.

Дејвид Лоув ја фали лондонската полиција за успешно спроведени мерки.Во изминатите 12 до 18 месеци бројот на вооружени полицајци е зголемен и се идентификувани стратешките места, кои се посебно изложени на опасност. „Апсолутна трагедија е што беше убиен еден полицаец, но човек мора да ѝ оддаде признание на комплетната реакција на лондонската полиција“, вели безбедносниот експерт во разговорот за Дојче веле.

 

DW.COM

Реклама