Лоазо: Проширувањето не треба да им се остави на бирократите во ЕУ | Северна Македонија | DW | 24.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Лоазо: Проширувањето не треба да им се остави на бирократите во ЕУ

Поранешната француска министерка за европски прашања Натали Луазо беше гостин во емисијата „Конфликтна зона“ на ДВ и, меѓу другото, зборуваше и за француската блокада на преговорите за приклучување во ЕУ.

Иако Франција е погодена од бран големи штрајкови и протести, поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо е уверена дека реформите на претседателот Емануел Макрон се на добар пат. „Ние сме втора земја во ЕУ по атрактивност за странски инвеститори, имаме една од највисоките стапки на пораст во ЕУ и број на невработени кој е во постојано опаѓање“, рече Луазо одговарајќи на прашањата на Тим Себастијан во емисјата на ДВ „Конфликтна зона“.

Дел од прашањата до Луазо, која сега е пратеничка во Европскиот парламент, се однесуваа и на процесот на проширување и блокадата од страна на Франција за преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Тим Себастијан: Да го погледнеме, на пример, прашањето на проширувањето. Во август господин Макрон беше лидер кој ѝ рече на Европа да реинвестира географски во Западен Балкан, предупредувајќи дека ако тоа не биде сторено судбината на тој регион би можело да ја решаваат САД, Русија и Турција. А, потоа, само два месеца подоцна, ефективно ги блокиравте овие земји да ѝ се приклучат на ЕУ. Контрадикторно, зарем не?

Натали Лоазо: Блокадата не се случува првпат. Јас блокирав една година претходно. Зошто?

Но, не може да го имате и едното и другото. Не можете да имате заштита од другите земји кои имаат интерес на Балканот, а да не ги пуштите да влезат во ЕУ.

Сериозна сум. Погледнете ја Србија. Србија го има започнато процесот на приклучување. Дали Србија се има дистанцирано од Русија? Ниту за момент. Мислите ли дека преговорите за приклучување се магичен рецепт за да има земји кои се дистанцирани од Русија? Погледнете ја Унгарија. Не функционираше. Мора да го преиспитаме целиот процес на преговори за приклучување. Не функциoнираше. Сакаме да се правиме слепи и да велиме дека имаме политика, а всушност е само бирократија? Не, мора да бидеме сериозни. Јас сум смртно сериозна во врска со важноста на европската перспектива за Западен Балкан. И, бидејќи верувам во тоа, не сакам тоа да им се остави на бирократите. Сакам да бидам длабоко вклучена во она што им се бара на земјите, одговорноста, владеење на правото, борба против корупцијата, борба против организираниот криминал...

Тоа го разбирам, но Европскиот совет за надворешни работи оцени дека вашата француска акција може да го ослабне влијанието на ЕУ во регионот. Француското вето за преговорите со Северна Македонија и Албанија значително го промени контекстот за решавање на билатералните проблеми на Западниот Балкан.

Уште еднаш, погледнете ја Србија. Тие се во процес на преговарање, отвораат и затвораат поглавја, а поблиску се до Москва од кога и да е. Има работи кои не функцинираат. Некои луѓе решија тоа да не го гледаат, а ние решивме тие работи да ги именуваме, затоа што сакаме реформи. Ако сме сериозни околу проширувањето, а сериозни сме. Тоа не е само слоган, не е само да се биде фин, а потоа да се оди во некои земји и да се прават обиди за правење бизнис.

Со една рака даваш, со другата земаш...

Треба да се направат подготвени за ЕУ со 30 членки, а не да бидат неуспех, не да се доведе во опасност европскиот проект.

Реклама