Лицитација на Липицанери | Македонија | DW | 03.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Лицитација на Липицанери

Бродот Македонија впловува во конзервативни води, во кои опозицијата веќе плива како ајкула во океан, додека пак на палубата трае борбата на власта за тоа кој ќе биде капетан, а кој кормилар. Колумна на Арсим Зеколи.

Почетокот на календарската година е соодветен момент за давање увид во Состојбата на Нацијата и динамиките кои претстојат во политичката сезона пред нас. Иако јавноста е претежно фокусирана околу процесот на усвојување на Договорот со Грција и амнестирањето на криминалците блиски до кабинетот на премиерот Заев, овие два аспекта се сепак во финална фаза на реализација. Што секако не подразбира дека во подолгорочниот период нивните афтершокови нема да предизвикуваат сериозни турбуленции во земјата и регионот. Кои, сепак, ќе бидат само пропратен дел на поширокоите трендови на политичката борба.

За добивање подлабок увид во правецот во кој ќе се движи политиката во текот на годината, доволно е да се осврнеме на тековната кампања на негативна селекција на новиот Претседател на „Републиката”.  Со очекување низ следните реченици самите да ги разберете заградите на нашето републиканство и причините зошто тековниот процес на негативна селекција на кандидати е каде-каде побитен од самиот прозаичен чин на гласање. 

Негативна селекција

Негативната селекција ќе ја препознаете по тоа што големите партии – во овој случај тоа првенствено се однесува на СДСМ – се повеќе преокупирани со тивка и перфидна елиминација на можните непосакувани претенденти ,отколку што се вдадени во промоција и реклама на можните кандидати. За разлика од пристапот на позитивна селекција преку директно соочување помеѓу самите партиски кандидати за Шеф на Државата, СДСМ и нејзината медиумска пропаганда очигледно преферираат асасинско елиминирање на секој лик кој не содејствува со однапред конципираниот исход и – по сѐ судејќи – лик на кандидат. И како што бевме сведоци последните неколку недели, СДСМ и нејзината медиапаратура покажаа завиден репертоар на инвентивност во промовирање на негативната селекција преку манипулација со анкетите.

Некогаш тоа го спроведуваат преку дрско и безобѕирно елиминирање од анкетите на видни и познати имиња кои не само што имаат искажано амбиции, туку и имаат добиено подршка од коалициските партнери (Денко Малески). Во друга прилика, СДСМ и телевизиските ограноци форсираат имиња на кандидати буквално незрели да бидат номинирани, но со намера да ги покријат сомневањата на СЈО или за јакнење на амбициите и позициите да ја преземат партијата (Бујар Османи). Понекогаш низ нив се засилуваат позициите на непартиските кадри (Пендаровски, Димитров) за да се подријат позициите на сопартијците (Спасовски, Шекеринска). А доколку и тоа не е доволно јасно, тогаш на сите ним им се испраќа ишарет дека лидерот на опозицијата има повеќе подршка од сите нив заедно. На крај, анкетите се тука за преку форсирање на излитени имиња (Селмани, Димитров) да се прикрие отсуството на вистински популарните (Зијадин Села) кои со своите кандидатури би можеле да ги фрлат во вртлог сите однапред капарисани планови за консензуални кандидати според моделот на Груевски-Ахмети со Иванов. Во секој случај, во оваа партиско-медиумска анкетна лицитација на партиски липицанери граѓаните (посебно мнозинството неопределени) нема да најдат горд ат вреден за кладење, достоен за верување и убедливо подготвен да потегне напред за нивно добро.

Други колумни од авторот:

Политичка Тромбоза

Година на свињарии

Причината за таквата негативна селекција, наметната од страна на Заев и нему наклонетите медиуми и пропагандисти, е лесно разбирлива. Траекторијата на подемот на Заев низ политиката укажува на тоа дека тој е убедливо ефективен во соборување соперници и негадливо користење на секој податлив метод во освојување на целта. Таа предност се губи што е оставен сам на сцената, без можност да ја оправдува сопствената бит преку негативна споредба со ривалите и присилен да изнесе сопствена визија, мисла и простопроширена реченица. Секако, соочувањето со партиските ривали, претенденти за Водно неминовно би го подвлекле тој негов вроден хендикеп, поради кој тој би завршил во обратна ситуација – на бивање негативна компаративна вредност која би ги истакнала позитивните аспекти на соперниците. Искуството од дебакл-дебатата со Мицкоски и понижувачкото криење и бегање од повторно соочување со лидерот на опозицијата е илустрација за лимитираните капацитети на Заев во состојби кои не се однапред испрограмирани со предвидливи сценарија. Очајните обиди за прикривање на бегството од Мицкоски преку тажни соочувања со теледиригирани новинари не само што не ја ублажуваат неговата болка, туку двапати повеќе ја градат горопадноста на Мицкоски.

„За тија пусти гласове“

Површно толкувано, траумата од дебатата со Мицкоски е површинската причина во позадината на форсирањето на негативната селекција од страна на СДСМ и Заев. Но потемелните согледувања упатуваат на една посуштествена причина која задира длабоко во идеолошките струења во општеството. Потребата на Заев и СДСМ да бидат допадливи и гласливи за секој, секого и сешто „за тија пусти гласове" на крај да ги доведе во парадоксална ситуација на соочување со сомничавост од сите страни. Желбата да се биде и граѓански мултикултуралист и македонски националист, и европски либерал и провинцијален клеро-демагог, со шубара на глава, фустанела на колкови, „опинок” на нозе, македонска жица во срце и ДУИ во влада, на крај не само што го доведе во неминовна криза на немање автентичен политички  идентитет, туку и резултира со длабока идеолошка празнотија која никој веќе не може да ја пополни. Поривот за играње на улогата на довитлив итроман на крај ја обесмисли и смислата на неговото бивање како врзивно ткиво помеѓу различностите и спротивставените кои во него повеќе гледаат закана, отколку можност и партнер од доверба.

За волја на вистината, Заев е само делумно виновен за оваа реалност во која е принуден да делува. Децениското владеење на Груевски го има изместено гравитациониот распоред и однос на сили на политичката сцена. Бегањето на ВМРО под Груевски во крајна десница ја има принудено опозицијата да се помести кон центарот и со тоа овозможи да левицата биде исполнета од некои други фактори. Во секоја друга прилика, освојувањето на центарот од страна на СДСМ би подразбирало јакнење на позициите преку форсирање на социјалната димензија како врзивно ткиво помеѓу сите спротиставени сили во заемен судир. За жал, пристапот на Заев – надополнет со ескалацијата на корупцијата и непотизмот – наместо искористување на центристичката привилегија и доминација се пресврте во плато за имитација на режимските техники на манипулација од поранешниот режим и преоптимистичка популистичка експлоатација на и онака веќе депласирани имиња од вмровското минато на Доста Димовска и Сашо Мијалков.

Дом за сите, или живот за партијата и привилегијата?

Политичките парламентарни сплеткарења на СДСМ ѝ помогнаа на ВМРО да расчисти со добар дел од имињата кои предизвкиваа одбојност на граѓаните кон ДПМНЕ. Расчистувањето на таа политичка рамка на ВМРО-ДММНЕ би била полесно поднослива за СДСМ доколку не беше надополнета и со идеолошката дестилација на ВМРО ДПМНЕ, повторно со испомош од СДСМ. Имено, свесен за демагошките пориви на Груевски некогаш и Заев денес за сублиминални манипулации со десничарскиот клерикален популизам и субституирањето на меѓуетничките со меѓуверски односи, Мицкоски се определува за прифаќање на социјалниот национален конзервативизам. Притоа црпејќи енергија и популарност како од идентитетските национални дилеми како нус производ на политиките на Заев кон соседите, така и од сѐ потешката социјална обесправеност на граѓаните. Тоа можеби и не звучи премногу восхитувачки, мотивирачки, но во сегашниот однос помеѓу власта и опозицијата, скромноста на ветувањата на опозицијата се далеку пореалистично прифатливи од сочните, колоритни, илјада-и-сто „ќе” ветувања на власта во кои речиси никој веќе не верува. Но иако Мицкоски е во длабока идеолошка предност пред Заев, претераната убеденост во неминовноста на тримуфот може да резултира со спротивен ефект на губење на подршката и негова субституција со декадентен саможив турбо-популизам а ла Сара Пејлин. Мицкоски ќе може да ја избегне таа опасност единствено доколку не ја повтори грешката на Заев и си дозволи да заборави дека неговиот успех лежи врз темелот на општеството. Од него зависи дали врз тој темел ќе гради дом за сите, или живот за партијата и привилегијата.

Горенаведените трендови ќе ја определат политиката во тековната година, независно од изборните календари. Идеолошки, бродот Македонија впловува во конзервативни води, во кои опозицијата и онака веќе плива како ајкула во океан, додека пак на палубата трае борбата на власта за тоа кој ќе биде капетан, а кој кормилар.

Но не се лажете дека власта не е сосема свесна за идеолошкиот правец во кој се движи земјата, а со неа и нејзината иднина. Доказ за тоа не се празничните фотосесии низ цркви и сликања со свеќи в раце. Доказ се нозете и трката на првите од власта да испливаат од мочуриштето Илинденска и најдат спас на Водно.

DW.COM

Реклама