1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка Тромбоза

27 декември 2018

Зошто сите досегашни и идни обиди за реформи на институциите на системот во Македонија се однапред осудени на неуспех и предодредени на ескалација со фатални последици? Според Арсим Зеколи тоа се должи на еден синдром...

https://p.dw.com/p/3AffW
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Револуциите, според Троцки, се секогаш одбележани со непристојност на оние кои не биле навремено воспитани на добри манири од страна на владеачките класи. Непристојноста е lingua vulgarа на исклучените и отфрлените кои со својата сировост и дрскост ја отфрлаат ислужената форма и ја рестварираат соголената, непарфимирана природа на нештата. Процватот на непристојноста во општеството е првиот предзнак на колапсот на етаблираниот и строго контролираниот код на комуникација и предвесник на превратот во зародиш.  

Ставено во наш контекст, непристојноста е популистички одговор на матрицата на бирократската аутистична вулгарност дека "некои прашања не заслужуваат одговор”. Поради која непристојниот плебс е присилен да веќе не губи време со поставување прашања и наместо тоа парира преку наметнување сопствени дефиниции и одговори во кои сите прашања се однапред одвишни. Вклучително и одвишноста од комуникација со другата страна. Интензитетот на вулгарноста и непристојноста на популистичките дефиниции е прецизна рефлексија на интензитетот на апсолутистичката глувонемост на тронот лишен од емпатија.   

Пренесено во поширока рамка, непристојноста денеска е бајракот и манифестот на пред-револуционерната ерозија на претставничката демократија како веќе етаблиран феномен ширум демократскиот свет. Непристојноста е манифестна демонстрација на отпор против естаблишментот, надополнета со се поприсатниот феномен на отстатво на стандардните форми на претставништво и предводништво. По таа линија на дистинкција, денешниот бран на популистичко незадоволство и бунт помалку наликува на либералното ‘68осмаштво и повеќе потсетува на Фебруарската револуција во царистичка Русија (1917) и Француската револуција (1848). Клучната дистинкција низ која се отсликуваат денешните премрежија со наведените социални експлозии е симптоматичното осаствтво на хоризонталната инклузивност на анти-естаблишментските движења без јасно дефинирано и индивидуализирано предводништво. Додека пак од друга страна, поредокот е дефиниран низ вертикална статичност на естаблишментот, имобилизиран во сопствениот кафез на привилегираност, екслузивитет и судбински фатализам.

Frankreich Gelbwestenprotest in Marseille
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Paris

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Година на свињарии

-Де-Вестернизација

-Патриономија и Етнофилија

Ерозијата на претставничката демократија е тектонската бит на денешната криза на демократијата, додека пак популизмот, национализмот, ксенофобијата и џингоизмот се нус ефекти на приватизација на демократијата и персонализација на прогресот. Иако формите на протест и демонстраци на незадоволство се различни, токму колапсот на општествената доверба во претставиничката демократија се суштината која ги спојува масовните изливи на незадоволство од Бостон до Белград, од Будимпешта до Варшава, од жолтите француски елеци до студентите во Тирана и нивниата парола дека "не се сиромашни, туку покрадени”. Отсуството на индивидулни лидери и предводници на протестите е не само очебијно, туку и непожелно и неприфатливо како манифестна последица на сеопштата недоверба на општеството во постоечкиот систем на претставничка демократија и нејзините инструменти – од политичките партии па се до институциите поединечно и системот севкупно.

Досегашните согледувања на сличностите помеѓу протестите кај нас и во западните демократии главно ги потенциираа совпаѓањата на мотивите и методите на бунтовните движења. Таквиот генерички пристап прецизно ги потенцира глобалните трендови и потенциалните ефекти, но недоволно ги идентификува локалните (или регионални) специфики и длабоко вкоренетите причини за општественото незадоволство.

Во таа смисла, домашното незадоволство од големите партии е секако во чекор со општиот тренд на незадоволство од стариот поредок доминиран од традицоналните мејнстрим партии. Но повнимателното согледување на домашните мотиви на општата заситеност од нашата голема партиска тројка укажува на еден поинаков и мошне присутен и загрижувачки феномен кој – користејќи медицинска терминологија - би можел да се нарече синдром на хронична политичка тромбоза. Синдром поради кој сите досегашни и идни обиди за реформи на институциите на системот се однапред осудени на неуспех и предодредени на ескалација со фатални последици.

Frankreich Gelbwestenprotest in Paris
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Mattiale Pictorium

 Имено, досегашните реформски обиди вперени кон поединечните институции на системот – почнувајќи од партиите па се до највисоките државни институции – речиси ексклузивно ги третираа административно-законодавните и институционално-бирократски аспекти. Кои од домашните – а често и странските фактори -  беа прогласувани како успешни и во согласност со современите трендови или евро-атлантски интеграции. Досегашното искуство укажува дека таквите реформи се сепак сведени на ентериерно разместување и без речиси никаков суштествен ефект во промената на културата на делување и придобивки за граѓаните.

Причината за тоа е колку прозаична, толку е и суштествена. Имено, проблемот на нашето општество не се органите на системот, туку крвта која – симболично и буквално  - протекува низ нив. Поинаку кажано, ескалацијата на непотизмот низ институциите е тромбозата која оневозможува исправно функционирање на севкупниот општествен и државен организам. Впрочем, доволно е да се проследат најчитаните вести од последните неколку недели за да разбереме дека низ органите на нашиот систем тече затруена крв на фамилијаризам, непотизам, кумашинство, чија засилена концентрација во крвотокот предизвикува неизбежно венско згрутчување кое првично го успорува функционирањето на системот и на крај води кон извршни инфаркти или законодавни мозочни удари.

За разлика од ноторно корумпираниот полит-медиумскиот резон, општествениот инстикт веќе ги препознава вистинските фактори во позадината на кризата без прекин во која невините се секогаш со препознатливи презимиња а виновните осудени однапред поради сопствените безвучни имиња. Ефектот на таа дискрепанца во молкот на полит-медиумите и џагорот на јавноста е што додека првите сеуште се фокусирани на партијските кратенки, вторите веќе одамна демонстрираат засилен презир, одбивност и револт кон вечните „угледни и успешни” презимиња присатни низ сите транзицијско-стабилократски перипеции низ кои поминувавме и сеуште ползиме. Пизмата на јавноста кон именувањата на потомствата на „угледните и успешните” низ влијателни и добро платени позиции алармантно предупредува дека во очите на граѓаните кризата е се помалку со институционална недоверба и се повеќе добива димензии на персонализирана пресметка помеѓу еволуционерите на привилегијата и непреставените револуционери на непристојноста.

Иако таквата персонализација на општествениот конфликт не помага премногу во надминување на состојбите, тешко е да се изнајдат аргументи низ кои јавноста би се убедила во спротивното. Дотолку повеќе што аутизмот на власта со сите сили и упорно настојува да им докаже на незадоволните дека се сосема во право. И уште троа повеќе што последиците на фамилија-тромбозата на системот ги дава симптомите на уште една во ред пред-инфарктна состојба од која сите ќе излеземе уште поистоштени и онеспособени. Без никаква и најмала намера да зазвучам заканувачки кон оние кои ќе се осетат повикани и ставени на тапет, мора да се укаже дека доминатното анти-партијско расположени на граѓаните и вкоренетата недоверба кон институциите уште повеќе ќе ја засили омразата на јавноста кон звучните семејни презимиња на елитизмот и привилегијата.

Поради нив, подеднакво колку и поради институциите прераснати во семејни јасли, никој повеќе не верува во можност за зазадравување на институциите, партиите и системот воопшто. Се додека звучните презимиња се синоними за определени институции – од министрества, до факултети, поликлиники, бордови, па се до политички партии – реформите ќе бидат скроени по роднински крој и тесна кожа на граѓаните. Едно е сосема јасно – ниедна реформа на ниеден орган нема да даде барем најмал позитивен ефект се додека не изнудиме темелна трансфузија на крвта.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач