Лижење на раните | Северна Македонија | DW | 30.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Лижење на раните

Ние немаме проблем да живееме во нашата колиба, скромна ама пристојно уредена, ама кажете ни така, не нѐ мамете. Колумна на Гордан Георгиев.

Додека Македонците си ги лижат раните, Европа ќе ги брои ранетите и ќе донира санитетско возило за потребите на државата која се влече на патерици. Ова е отприлика исходот од вонредниот Берлински самит која ни ја испрати нам, Македонците, благонадежниот нов европски Наполеон. Можеме ли да му замериме? Можеме. Можеме ли да го оправдаме? Тешко. Можеме ли да го разбереме? Никако. А сепак... ние сме микро, а Макрон е макро. Неговата макро-перспектива е неразбирлива за луѓето кои единствената ронка светлина ја гледаат седејќи на дното на бунарот, доколку некој се смилува еднаш дневно да им го подотвори капакот. И доколку баш тој ден не заврне дожд. Ексик. Ќе мораме да продолжиме да си ги лижеме раните, сѐ дури не се измисли некој чудотворен мелем или пак додека целосно не нѐ навјаса гангренозното ткиво. Очекувано тешко ќе оди оваа работа со морковите од ЕУ, а уште потешко со домашните моркови. Кај Груевски играше стапот, барем. Па како да продолжиме? Можеме ли сами, како членка на НАТО, а без ЕУ? Не знам. Веројатно ни самата ЕУ во моментов не знае дали може самата да излезе на крај со себеси. Можеби ние би можеле, ама ќе биде тешко. Внатрешниот капацитет постојано еродира, реалните капацитети не успеваме да ги впрегнеме, и потоа се крстиме во метла која само ќе го поттурне ѓубрето за да не забележат гостите или комшиите кога ќе ни дојдат на кафе.

Брат и крвник

Европа многу сака решавање на конфликти. И самата вградена и градена низ конфликти и како резултат на конфликти, таа исклучително ги цени напорите на лидерите ширум светот кои решаваат конфликти. Но кога тие лидери чукаат на нејзината порта и неминовно претставуваат дел од самата неа, макар и непријатниот дел од неа, тогаш работата оди потешко. Тогаш Европа се затвора и бара влакно во јајцето. Вчерашното поствелигденско кршење на јајцата помеѓу Французите, Германците и „лудите“ Балканци беше такво нешто. Тоа неминовно потсетува на 1990-те години, кога Европа не беше подготвена да ги прими малите ретардирани братучеди и да ја заврши работата веднаш и тука. Од оваа перспектива, иако неблагодарна, таа операција ќе ја чинеше Европа многу поевтино. Вака, сцената кога ние тропаме на вратата на маркизот, со налани на нозете и овчо гунче преку рамото, создава непријатно чувство на неприкладност и кај гостите и кај домаќините.

САД, пак, се повторно тивки и секогаш тераат своја приказна. Тие разбираат дека за Балканот е потребна тврда агенда и уште потврд пристап, па за последиците ќе дискутираат потоа. Така беше и со Дејтон, така беше и со бомбардирањето на Србија, така беше и со Охридскиот договор. Така сакаат да биде и со разграничувањето на Косово. САД решаваат проблеми, и потоа вцртуваат мапи на кои ги бележат нагазните мини поставени по решавањето на тие проблеми. Ако некој Балканец нагази на мина, толку полошо за него. Европа сака да анализира, и да рефлектира. Но ни мислата ни снопот светлина не досегаат подалеку од нивните граници и видокрузи, кои завршуваат тука некаде, на брдовитиот Балкан.

Макрон изјави дека од 2000 година Франција се повлекла од регионот, но сега повторно сака да биде тука. Тоа е храбра изјава исцедена низ заби, но што доколку забите всушност не постојат или се сериозно расклатени? Има ли заби Франција да загризе за регионот наспроти разработената економско-политичка поставеност на останатите светски сили?

Во макро-сликата која сака да ја проектира Франција, постои еден слон кој постојано го затскрива пејзажот. Тоа е Германија, брат и крвник истовремено. На Франција не ѝ е пријатно од германската доминација на Балканот, токму од 2000 година па наваму. Бидејќи историски Французите си го сметале Балканот за своја зона на интерес. Посетете ги прекрасните француски гробишта во Скопје и ќе ви стане јасно зошто.

Германија сака да биде, и е, економски лидер на Балканот. А економија без политика тешко оди, и Германија полека но сигурно го разбира ова. Франција, растргната низ целиот свет кој постојано се шири, нема сила за економски пробив на Балканот, а веројатно нема сила ни да ја задржи политичката „банка“ во регионот, и покрај вербализмите на Макрон и неговите грандомански визии. Но Франција секако има сила да го запре проширувањето, или барем да го одложи доколку ѝ се чини дека не е неодложно. И тука нема лутење, колку и да се лутиме.

Други колумни од авторот:

За метлата и опинците

Ние и Црквата што гори

Непознавање и презир

Зошто Франција не ја сака Македонија? Франција е доволно голема и моќна за да не постои дилемата сакам-нејќам во нејзината надворешна политика. Затоа ова прашање е погрешно поставено. Но, Франција не ја познава Македонија, нема како да ја познава, а ние многу малку сме направиле за да нѐ запознае. Од нашата топло-ладна политика кон Франција до нашето непознавање на францускиот јазик и култура, ние сме составен дел од оваа млака врска. Македонија не е интересна за Франција, особено затоа што е згмечена помеѓу два важни братучеди на Французите: Србите и Грците. Во четирите години дури живеев во Париз, големиот Ле Монд, кој нели се бави со целиот свет, ниту еднаш ја немаше спомнато Македонија. Ни по добро ни по лошо. Тоа можеби е проблем на Франција, но секако е поголем проблем и недостаток на визија на македонската дипломатија. Кога студирав во Париз, во иста генерација со денешниот Макрон, додека на паузите меѓу предавањата заедно ги јадевме истите сендвичи на истите клупи, повеќето Французи се чудеа како Македонец стигнал таму, и што бара тука. И најучените меѓу нив имаа исклучително скромни познавања за Македонија. А тие се сега министри, амбасадори, високи ЕУ-бирократи. А ние не ги познаваме. За Србите знаеја, за Хрватите исто така, за Албанците секако имаа помешани чувства, но за Македонците немаа поим.

Понатаму, Французите во суштина ги иритира идејата за мултиетничко општество. Длабоко во себе, тие се алергични на тоа, бидејќи неминовно ги потсеќа на нив самите, на колонијалното минато и на сите лоши совести кои ги крие Лувр, Триумфалната капија и бившиот Музеј на колонијализмот. Французите исто така, иако потиснато зад превезот на пристојноста, имаат уплав од исламот, чесно е да си го признаеме и тоа. Популистичкиот наплив, особено силен во Франција, најчесто го злоупотребува исламот како плашило за просечниот Французин, кој гледа со презир од височината на сопствената тврдина, и за кого сите странци се повеќе или помалку варвари (Брасенс).

Колиба и шампањ

Каде се тука нашите претседателски избори и дали се тие дел од пузлето кое ќе нѐ придвижи напред? Никаде, ама баш никаде. Скандинавски избори, со долгоочекуваното честитање од страна на кандидатите (30 години чекаме на тоа!) најверојатно ќе се случи. И толку. Пак ќе ни ја стават темата за внатрешни реформи, тема која никогаш нема да се исцрпи и ќе стои на дневен ред сѐ дури не се наредат коцките. А ако се наредат, одеднаш таа тема нема да биде важна, како што не беше важна за Бугарија и Романија. Затоа, да си се провериме самите себеси дали и колку можеме да сработиме за нас самите. Ако можеме пеки, ако не - можеме да бараме друго чаре. На пример, да се преселиме во Франција или Германија. А тоа ли го сака Франција или Германија, или сепак сака братучедите да си живеат во својата колиба додека тие пијат шампањ и јадат колачи во своите одаи? Ние немаме проблем да живееме во нашата колиба, скромна ама пристојно уредена, ама кажете ни така, не нѐ мамете. Епа Македонче копај, ако веќе не мораш да правиш склекови на Евзони.

DW.COM

Реклама