Лев останува селектор: Свидетелство за мизеријата на ДФБ | Панорама | DW | 03.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Лев останува селектор: Свидетелство за мизеријата на ДФБ

Значи вака изгледа една „темелна промена“: Јоахим Лев останува селектор на репрезентацијата. Германскиот фудбалски сојуз се надева на промени без храброст за промени и стагнира. Тоа може да се одмазди, смета Јоша Вебер.

Јасно беше дека нема да го остават намира. Папараците одамна имаа заземено позиција кога Јоахим Лев во саботата наутро, нешто пред 9 часот, пристигна во старото градско јадро на Фрајбург во својот црн олдтајмер-кабриолет, Мерцедес-Бенц 280 СЛ Пагода. Додека селекторот со црни очила за сонце, во бела маица и со цигара седеше во „Кафе Пауза“ (да, навистина се вика така) и пред објективот на фотографите размислуваше длабоко во стилска поза, неговото свежо исполирано возило блескаше паркирано на маргините на улицата. Кабриолетот од 1960-тите меѓу љубителите на стари возила во моментов се проценува на над 100.000 евра. Возило-евергрин, автомобил кој никогаш не излегува од мода. Колку соодветно!

Најдобриот што го има Германија?

Аналогијата со неговиот олдтајмер е можеби тривијална, но е соодветна. Го краси сјајот од минато. А, потоа - застарениот мотор (од средината на теренот) почнува да откажува. Очигледни дефекти на сите делови (на тимот). Погрешни одлуки на управувачот. Поради целосна штета престана да вози непосредно по стартот на релито во Русија. Според мислењето на многу експерти, тоа го прави неконкурентен. Но, автомобилот е омилен евергрин и веројатно најдобриот што се има.

Weber Joscha Kommentarbild App

Јоша Вебер

Со други зборови, Јоахим Лев останува германски селектор, потврди Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ). Одлуката која доаѓа по денови молење, просење и клекнување на колена од страна на голем број претставници на германскиот фудбал, не е изненадувачка. Сите го сакаа Лев, иако тој само што потфрли и со тоа всушност „како тренер беше одговорен“ за она што се случи. Тоа што Лев и кога е на дното одлучи да продолжи и самиот да го извлекува возилото од калта, заслужува исто толку респект, колку што почит заслужува неговиот успех до Светското првенство во Русија.

Лев во 2014. можеше да си замине како блескав светски првак - мисијата завршена! Лев, како одговорен за грандиозното потфрлање во 2018. можеше да си замине - покажа дека има рбет. Лев останува. И, тоа се должи пред сѐ на фактот што во ДФБ никој нема некаква друга идеја.

Германската репрезентација го преспива развојот

Во најголемиот спортски сојуз на светот, во кој има над седум милиони членови, нема План Б и алтернатива за Лев. Земјата е богата со талентирани и искусни тренери. Но, очигледно со ниту еден од можните кандидати не се разгледани можностите за евентуална смена, што инаку е секојдневие во професионалниот фудбал. Ралф Рангник и Матијас Замер со своите концепти можеа да го модернизираат германскиот фудбал. И, се разбира дека Јирген Клоп, Томас Тухел или Јулијан Нагелсман се извонредно платени од страна на своите клубови и имаат тековни договори. Но, дали тоа е непремостлива пречка за еден толку богат сојуз како што е ДФБ?

Значи, што следува кога претседателот на ДФБ, Рајнхард Гриндел, зборува за „темелни промени“ и нов „пресврт“, а од сѐ произлегува само едно „продолжуваме како досега“? Ништо добро. Зашто, очигледно е дека ДФБ во моментов не се осмелува на промени, се држи до она што веќе е познато, додека околу него фудбалот се менува. Фудбалот на Лев, инспириран од Шпанија, во чиј фокус е поседување на топката, си го отслужи своето. Тоа го покажува и раната елиминација на многу застапници на оваа фудбалска филозофија. ДФБ-ѕвездите постигнаа само два гола. Ниту еден друг тим не постигна помалку и ниту еден друг учесник на СП немаше толку слаба реализација на шанси. Тоа што одамна блеска брзиот, „ненакитен“ фудбал, игра со контранапади, без долго поседување топка и со куси додавања, очигледно не му паднало в очи никому од одговорните во ДФБ.

ДФБ се надева на промени без промена

Сосема е разбирливо што Лев сака да го задржи селекторското место, чии предности и вниманието кое го привлекува ги ужива 12 години. Дека ќе направи обид да се збогува од оваа позиција по постигнат успех, е исто така разбирливо. Тоа што ДФБ по бламирачкиот настап на СП поради наводно немање алтернативи крева рамена и се надева на промени без промена, е свидетелство за мизерија. Исто како ЦДУ во случајот со канцеларката Ангела Меркел и ДФБ не се осмелува да го собори кралот од тронот и покрај долгата фаза на неуспеси и порази. Германија, земја на „продолжуваме како досега“.

DW.COM

Реклама