„Лајкот” на Путин и Трамп за азилот на Груевски | Северна Македонија | DW | 23.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Лајкот” на Путин и Трамп за азилот на Груевски

Бегството на Груевски е скандал. Скандал за домашните институции, скандал за Унгарија, скандал за ЕУ. Но пред сѐ скандал во очите на македонската јавност која чека одговор од своите институции, но и од ЕУ.

Реакциите што доаѓаат од Европа не се доволен одговор на нашите прашања и емоции. Тоа ни остава горчлив вкус во устата и ни вели дека Европа никаде ја нема во моментот кога нам ни треба нејзиниот мелем на нашата отворена рана. А Груевски, ќе признаете, е нашата отворена рана. Симбол на долгото, (повеќе)децениско чезнеење за правда и правна држава, за нашата желба за влез во ЕУ. Која во нашите очи е симбол на правдата и правната држава.

Но, јасен одговор од ЕУ нема. Одговор за тоа зошто една земја членка на ЕУ кон која се стремиме, му дала азил на нашиот пастир, дали е можно тој, со помош на пријателот Виктор Орбан, да остане таму и да ужива во својата слобода и своите пари и да не одговара за своите недела, дали еден ден ќе го видиме како пие кафе под Ајфеловата кула...?  Згора на тоа, Груевски ја прогласи Македонија за држава во која нема правда и во која му се заканува ликвидација ако влезе во затвор. Обвинувања што Унгарија, очигледно, ги смета за веродостојни.

За ЕУ, како организација, не постои диктатура на итноста што ја наметнува денешниот Фејсбук и Твитер ритам на нашите животи. Додека во Македонија постои тенденција во која емоциите на јавноста стануваат клучен збор за политичките акции, ЕУ не сака да влегува во таа игра. Претпочита бавност во созревањето на политичките одлуки.

Вчерашната реакција на ЕК, во која портпаролот им се обрати и на Груевски и на Орбан велејќи им дека „од правдата не можете да избегате”, би требало да биде доволна, засега, да ги смири македонските Фејсбук- духови и да стави на знаење дека „случајот Груевски” допрва ќе влезе во активна фаза во ЕУ. Фаза во која земјите членки, Европската комисија и Европскиот парламент ќе имаат свој збор.

Finnland Trump Putin Gipfeltreffen in Helsinki (Getty Images/AFP/B. Smialowski)

Моќните Путин и Трамп одамна ставија „лајк” на илиберална насока на владеење

Не се обидувајте со балкански финти!

Тој збор ќе биде во вид на прашања до нашите институции. Кои ќе мораат да кажат што точно се случи, како избега Груевски и кој ќе понесе одговорност за тоа. Имам бриселски совет за нашата власт кога ЕУ ќе ги прашува: како тоа ви избега пастирот. Кажете ја вистината. Не се обидувајте со балкански финти. Не поминуваат. И таа на Груевски и Орбан нема да помине.

Многумина се прашуваат зошто Виктор реши да го засолни својот другар Никола кај себе дома. Не, зад ова не стои пријателството. Унгарскиот министер за правда деновиве рече дека не е лесно да се биде во затвор. Никој не е толку наивен за да верува дека Виктор и Никола толку се зближиле што срцето на Орбан би пукнало ако неговиот македонски пријател влезе во затвор.

 „Случајот Груевски” е, во основа, симбол на борбата во која одамна се влезени либералните и антилибералните европски сили.
Орбан знае дека овој потег ќе му донесе огромен бран критики токму од ЕУ. Ако за ништо друго, тогаш сигурно за неговата политика за азил во која само Груевски ја има привилегијата да го добие. Додека илјадници вистински бегалци од војна и сиромаштија, гладуваат зад жици и ѕидови, простор што тамошните власти го нарекуваат со политички коректното име - „центри за бегалци”.

Причината можат да бидат парите и заедничкиот бизнис. Дали тој бизнис со Груевски има толку големо значење што сето тоа натежна на вагата кога Орбан ги мерел можните позитивни и негативни последици од азилот за Груевски? Повеќемина мои колеги овие денови ги набројуваа „бизнис точките” помеѓу Виктор и Никола на кои бевме сведоци во изминатите години. Како Маѓар Телеком, шишето на Керим, аферата Шпион итн. Во недостиг на прецизни информации за оваа прва причина, ќе застанам тука. Во надеж дека еден ден, кој не би требало да биде далечен, правдата ќе ни каже што тоа точно се случувало, зад сцената, помеѓу Македонија и Унгарија.

Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski (Hungarian Democratic Coalition)

ВИП-бегалецот Никола Груевски

Жестока идеолошка битка во ЕУ

Орбан е популист и националист, но вешт популист и националист кој уште долго сака да остане на чело на унгарската, а зошто да не, да дојде и на чело на европската политика. Тој би сакал да добие повеќе следбеници во другите земји членки на ЕУ, особено сега кога се ближат европски избори. И се разбира повеќе гласови. Со тоа, тој и неговите европски истомисленици, би добиле тежина во ЕУ и би можеле да ги кројат европските политики по нивна мерка.

Орбан, како и сите други земји на ЕУ, влегува во кампања за европските избори во мај 2019 година. Европските избори досега не биле некоја значајна етапа во политичкиот живот на земјите членки на ЕУ. Минималниот интерес на јавноста за овие избори зборува самиот за себе. Престолнините, во Европскиот парламент често ги праќаат политичарите од кои сакаат да се раатисаат.

Други колумни од авторката: 

Груевизмот влезе во ЕУ

Дали навистина сакаме во ЕУ?

Временската машина на Мицкоски

Траги-комичниот македонски мазохизам

Се чини дека овој пат не е така. Во 2019 година на ЕУ изборите ќе се води жестока битка на две идеологии. Битка помеѓу либералните вредности на правна држава, што ги промовираат Франција и Германија и илибералните вредности за контрола на правната држава, што ги застапуваат националистите и популистите во Унгарија или Полска. На следните избори ним ќе им се придружат и земји со поголем ЕУ- стаж како Италија, во која популистите и екстремната десница дојдоа на власт.

Сите тие сонуваат за Европа според нивниот илиберален модел. Европа во која новинарите ќе го пишуваат она што е дозволено, во која судството послушно ќе ги исполнува желбите на политичарите, во која корупцијата непречено ќе цути, во која невладините организации нема да се замараат со демократија, во која....

Всушност, нема потреба да набројувам. Нам во Македонија ни е доволно да се сетиме на годините кога Груевски седеше во премиерската фотелја. Ете, за таква Европа сонуваат популистите. Во тоа бевме први во Европа. Ние први го измисливме овој модел на владеење, а подоцна Орбан му даде име – илиберализам. Можеби затоа Виктор го прибра Никола кај себе? Во очекување на нови.

EU fordert Ungarn auf Asyl für ehem. mazedonische Ministerpräsident zu erklären (Reuters/O. Teofilovski)

Со што Никола Груевски толку го задолжи Виктор Орбан?

Пазарот на Орбан со Груевски

Во оваа приказна, Груевски е делот со кој Орбан сака да се пазари со ЕУ. Кусо да потсетам дека Будимпешта и Брисел веќе со години се во отворена битка поради упадот на Орбан во демократските институции на неговата земја. Европскиот парламент се закани дури и со „нуклеарното оружје” против Орбан, членот 7 од Повелбата на ЕУ, со кој на Унгарија може да ѝ се одземе правото на глас. Тоа никогаш досега не се случило, а Орбан со сите сили се труди тоа да не ѝ се случи токму на неговата земја.

Со азилот за Груевски, Орбан влегува во пазар. Сака да им каже на сите што му се закануваат со членот 7, дека тој може да прави што сака и дека секогаш ќе извади адут од раката.

Орбан бара од ЕУ да престане со заканите против Унгарија. Потоа, би седнал да разговара за азилот на Груевски. Тој става на знаење дека европските либерални вредности кои Европа ги бара од Македонија, Орбан може да ги уништи со азилот за екс премиерот. Оваа акција веќе почна: азилот е доделен врз основа на политички прогон против Груевски во Македонија.

Пораката на Орбан до либералната ЕУ, во слободна интерпретација, звучи вака: нема да ви дозволам да го уништите мојот мирен лет кон европското небо како вистинскиот водач кој Европа ќе ја води во неговата илиберална насока. На која моќните Путин и Трамп одамна ставија „лајк”.

 

DW.COM

Реклама