1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата им помага на конзервативците да дојдат на власт во Шпанија

20 ноември 2011

Денеска (20.11) во Шпанија се одржуваат предвремени парламентарни избори. Сите анкети укажуваат на победа на конзервативците и крај на владеењето на социјалистите.

https://p.dw.com/p/13CYR
Сапатеро и Рахој - кризата го зема данокотФотографија: AP

Вечерва вниманието веројатно нема да биде насочено кон тоа кој е победник, зашто според сите анкети конзервативната Народна партија (ПП) ќе освои мнозинство од најмалку 45% гласови, туку кон тоа колкав ќе биде дебаклот на социјалистичката Работничка партија (ПСОЕ). ПСОЕ веројатно ќе го постигне најлошиот резултат од 1977 година досега, кога беа одржани првите слободни избори по повторното воспоставување демократија во земјата. Според последните анкети, социјалистите би освоиле најмногу 30 проценти гласови.

Под влијание на економската криза и големата невработеност, гласачите ќе ги казнат социјалистите кои се на власт седум години. Во третиот квартал од годинава стопанството во Шпанија бележи стагнација, а невработеноста изнесува 22%, кај младите дури 45%. Тоа е далеку највисока невработеност во ЕУ. Приходите на домаќинствата годинава се намалија за 4,4% во споредба со лани, а на земјата и‘ се заканува рецесија. Големо мнозинство Шпанци сака промена на владата. Надежите дека со доаѓањето на конзервативците на власт ќе почне нова ера на економски пораст, како во 1996 година, се големи.

Wahlverlierer Mariano Rajoy
Мариано Рахој е спасителот?Фотографија: AP

„Не знам што би можело да се направи. Дали промена на власта ќе ја поправи ситуацијата? Но, ние се надеваме на промена и на тоа дека ќе има повеќе сигурно работни места“, вели невработениот учител Давид Муњоз.

Во периодот од 1996 до 2004 година, кога ПП беше на власт, земјата доживеа вистинско економско чудо. Социјалистичката влада на Сапатеро тоа го одржа се‘ до 2008 година, кога почна кризата. Оттогаш, економската ситуација постојано се влошува.

Мариано Рахој, кој најверојатно ќе биде премиер на Шпанија доколку победат конзервативците, за време на кампањата малку зборуваше околу неговата економска програма. Негова првенствена цел е отворање работни места - гласи централната изборна порака. Како тоа сака да го постигне? За тоа Рахој нема детални објаснувања. Има и други непознаници. Рахој досега не кажа ништо и за тоа како ќе го следи курсот на штедење и како ќе ги доведе во ред финансиите, ако ветува дека нема да има кратења во социјалната сфера. Универзитетскиот професор Антонио Сегура оценува:

Zapatero löst Parlament auf Neuwahl im November 2011
Хозе-Луис Сапатеро заради острите мерки на штедење загуби политичка популарностФотографија: dapd

„Се чини политичарите не се способни да го мотивираат населението. Нивните говори се празни, им недостигаат конкретни содржини.“

Хозе-Луис Сапатеро во текот на изминатата година заштеди десет милијарди евра. Политичката цена за тоа е загуба на популарноста и крај на неговата политичка кариера. Неговиот веројатен наследник Мариано Рахој, според проценки на експертите, ќе мора да заштеди три пати повеќе ако Шпанија сака да ги исполни ветувањата дека дефицитот во 2012 година ќе се намали на 4,4 проценти од брутодомашниот производ.

Автор: Емили Винагре / дв / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска