1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија: И покрај свој стан - на улица

30 септември 2011

Финансиската криза во Шпанија најмногу ги погоди луѓето кои имаат купено сопствена недвижнина, стан или куќа. Голем број од нив не можат да ги плаќаат месечните рати и мора да ги напуштат домовите.

https://p.dw.com/p/12j4g
Таблата со натписот „се венде“, во превод „се продава“ стои на многу голем број куќиФотографија: picture-alliance/ dpa

Расчистување на стан во Шпанија што три пати беше спречено - соседите и пријателите го блокираа влезот до станот во зградата. Семејството што живее во него не може веќе да ја плаќа месечната рата. Судските извршители секогаш одново мораа да си одат без да ја завршат работата до крај. Меѓутоа, четвртиот пат соседите дојдоа предоцна. Полицијата веќе се повлекува, а станот е расчистен. Судиите непланирано го поместиле извршувањето за порано. Мајката е шокирана. Таа само кратко претходно успеала да ја однесе нејзината мала ќерка кај пријателката.

Во Шпанија се’ повеќе луѓе се погодени од големата финансиска криза. Погодените се обидуваат со мирни протести да го спречат расчистувањето на станот.

По расчистувањето луѓето остануваат на улица

Сандра поседувала сопствен стан. Откако нејзиниот маж преживеал тешка несреќа, таа го негува и се грижи за него и за нивната заедничка ќерка. „

И ние го загубивме нашиот стан. И ние бевме во истата ситуација. Можам да ги разберам луѓето и да се ставам во нивна ситуација… Затоа дојдов овде за да ги поддржам овие луѓе“, објаснува Сандра.

Со голем срам Сандра и нејзиниот маж го покажуваат местото каде сега живеат. Семејството успеало да изнајми една соба кај пријатели. Во собата живеат четири лица и немаат доволно светлина.

„Секојдневието ни‘ стана многу тешко. Како да кажам .....ова може да го разбере само некој, кој се наоѓа во иста ситуација. Четиричлено семејство во една соба. “

Во Барселона секојдневно се расчистуваат пет станови

Spanien Immobilienkrise Geisterstadt
Во некои од населбите речиси и да нема веќе луѓе што живеат тамуФотографија: picture alliance/abaca

Од кризата со недвижнини погодени се околу половина милион луѓе. Со оглед на тоа што тие не добиваат ништо од државата, повикани се хуманитарните организации да помагаат. Многумина веќе ги загубиле становите, други, пак, се обидуваат како-така да ги плаќаат месечните рати. Свештеникот Ферадура забележува дека сега многу повеќе луѓе бараат помош од црквата, отколку што тоа бил случај во годината претходно. Меѓу нив се’ повеќе се Шпанци, а не само доселеници како досега. Европската унија на секои три месеци испраќа по 17 тони хуманитарна помош во земјата. Од идната година ова значително ќе се намали и покрај тоа што крајот на кризата се’уште не е ниту на повидок.

„Доаѓаат се’ повеќе обични луѓе. Најчесто тоа се луѓе од средна класа, но има и од повисоките слоеви. Тие во кризата ја загубиле работата, а сега и нивните станови“, објаснува свештеникот Емануел Ферадура.

На овој начин се зголемува разочараноста на Шпанците од банките, кои опстојуваат на нивните права и не им оставаат многу простор на должниците за делување. Голем број од луѓето сакаат, по загубата на станот, барем да им се отпишат останатите долгови. Или, пак, да можат да одат под кирија во некој стан, само да не останат на улица.

Погодените знаат дека мора да одговараат за нивните долгови. Но, државата не смее пасивно да гледа од страна. Сандра редовно учествува во состаноците на организацијата „Платформа за жртвите од хипотека“ кои се’почесто се етаблираат во различни градови во Шпанија.

Банките и политичарите треба да учествуваат во решавањето на кризата

Spanien Immobilienkrise Geisterstadt
Празни недвижнини во едно помало место оддалечено 60 километри од МадридФотографија: picture alliance/abaca

 „Тие ги врбуваа луѓето да се задолжат и да купуваат станови, велат членовите на платформата. Никој не ги информираше за ризиците од превисоките кредити. Имаше даночни олеснувања за земање кредит и на банките им беше дозволено да склучуваат договори на 40 или 50 години без никакви можности за интервенција“, објаснува Ада Колау од организацијата на кредитните жртви.

Сопругот на Сандра нема да може никогаш повеќе да работи. Судбина со која тие не сметаа кога го купуваа станот. Семејството се обидувало да зборува со градоначалникот, но без успех. Се’ повеќе луѓе како Сандра се вселуваат во празни станови на диво. Очаен чекор, но: „Доколку не ми дадат одговор во Градското собрание тогаш морам добро да размислам што ќе правам“, вели Сандра.

Да се вселиш илегално во нечиј стан и да го прекршиш законот за Сандра досега беше незамисливо. Меѓутоа, во ова тешка стопанска криза можеби не и‘ останува друг избор. Имено, по расчистувањето на становите на должниците има голем број станови што стојат празни во Шпанија.

 

Автор: Штефен Маргрет / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска