1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

--

11 септември 2011

Бројот на невработени во Шпанија изнесува пет милиони. Туристичката сезона донесе само 70.000 работни места. Останатите невработени работат на црно за да преживеат или заминуваат во странство.

https://p.dw.com/p/12Boj
Сонце, плажи и...невработениФотографија: picture-alliance Bildagentur Huber

Во гратчето на Естепона, на југот на Шпанија, Естепона, секој седми жител е невработен. Заедно со туристите во текот на летото дојде и малку повеќе работа. 26-годишната Шарлоте имаше полза од тоа, но за да преживее истовремено извршува три работи - на црно.

„Работам за една фирма која се занимава со организирање туристички манифестации, работам во ресторан и ноќе уште како бебиситерка.“

Тоа се само летни работи - во текот на годината Шарлоте студира кинеска медицина и живее од заштедата. Многумина од десетте илјади невработени во градот едвај составуваат крај со крај. Таков е случајот и со Франсиско. Овој 25-годишник студирал наутика и три години залудно барал работа. Работи во работилницата за едрилици на татко му:

21.07.2011 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT ESTEPONA
Франциско пакувал облека во Данска за да заработи за животФотографија: DW-TV

„Зависам од помошта на татко ми. Без неа, немам ништо, апсолутно ништо. Во работилницата му помагам за да заработи повеќе за да ми плати нешто.“

Франсиско веќе бил во странство, но се вратил. Сепак, тој и многу други среќата ја бараат надвор од Шпанија. Шарлоте поради своите родители по потекло од Англија, има среќа да зборува два јазика како мајчини. Веќе повеќе пати работела во Данска:

„Пакував облека во една фирма, работам на час, во споредба со Шпанија, одлично заработував. Една година чистев во хотел, и тогаш заработував три пати повеќе отколку овде.“

Многу Шпанци не зборуваат добро англиски, затоа сега седат во училиштата за учење јазици. Целта е јасна:

„Ситуацијата во Шпанија е многу лоша. Ако овде не најдам работа, ќе се обидам да пронајдам нешто во Франција или во Лондон.“

Mallorca Ballermann Sangria Deutschland Flash-Galerie
Младите Шпанци не се истакнуваат со зборување странски јазициФотографија: picture-alliance/chromorange

Кризата особено тешко ја погоди армијата нешколувани работници. Го прекинале школувањето заради парите заработени набрзина на градилиштата. Последните проекти останале на половина довршени. А работниците се нашле без работна иднина. Во општината Естепона многумина се распрашуваат за излез од таа ситуација:

„Многумина сега се обидуваат да ја завршат стручната обука, со цел да излезат од оваа ситуација. Сега, кога нема работа, барем сакаат повторно да учат.”

Сепак, примерот на Франсиско покажува: дури ниту солидното образование воопшто не гарантира работно место. Патот во странство за многумина Шпанци е неизбежен.

 

Автор: Уте Валтер / Светлана Брик

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска