„Крвавиот четврток“ била организирана и координирана акција | Северна Македонија | DW | 27.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Крвавиот четврток“ била организирана и координирана акција

28 лица обвинети за упадот во Собранието од 27 април 2017. ќе одговараат за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Сознанијата говорат за координирана акција и обид за атентат врз Заев.

Јавното обвинителство гони 28 лица за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и уште две кои се обвинети за помагање во извршување на делото, поради крвавиот упад во Собранието на РМ на 27 април минатата година. Од обвинителниот акт кој денеска беше соопштен пред јавноста може да се заклучи дека се работело за организирана и координирана акција чија цел, меѓу другото, била и ликвидација на тогашниот опозициски лидер Зоран Заев. 

Обвинетите се соочуваат со минимална затворска казна од 10 години, доколку судот ги прогласи за виновни. Меѓу обвинетите се актуелни пратеници, како и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Запрена е постапката за пратеничката Жаклина Пешевска бидејќи немало докази за сторено кривично дело.

Гледај видео 01:45

Мачна вечер на насилство во Скопје

Обвинителството денеска во детали ги соопшти сознанијата во врска со упадот и начинот на кој била организирана целата акција. Договорите за упадот започнале уште рано попладнето, во 14:30 часот, на 27 април, соопшти Елизабета Недановска од Обвинителството. 

„Едно лице преку телефонски повик уште во 14:30 часот било известено да ја започне акцијата. (...) Било мобилизирано членство од повеќе градови. Десетмина обвинети организирале поголема група луѓе на кои им поделиле и фантомки“, наведе Недановска.

Обвинителството тврди дека имало координација меѓу групите пред Собранието и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ внатре во Собранието. 

Mazedonien Proteste im Parlament

Заев бил цел на атентат на 27 април, тврди обвинителството.

Дополнително, ОЈО има сознанија и за еден од обвинетите кој вооружен влегол во прес-салата на Собранието и бил подготвен да пука во тогашниот опозициски лидер, а денешен премиер Зоран Заев, но не го сторил тоа затоа што Заев бил заштитен од обезбедувањето и други лица присутни во салата.

За сето време додека се подготвувал и траел упадот во Собранието, одговорните во МВР имале целосни информации за тоа што се случува, но не издавале наредби за заштита на пратениците и Собранието и  овозможиле непречено да се вршат акти на насилство. Во организацијата на упадот во Собранието биле вклучени и други, засега, непознати лица за кои истрагата продолжува, велат од Обвинителството.

Гледај видео 03:00

Кои пратеници помагаа во упадот во Собранието

Врховниот суд вчера донесе одлука да им ги укине мерките притвор на повеќето осомничени за собранискиот упад. Меѓу нив, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Сашо Василевски и екс-министерот за внатрешни работи Митко Чавков добија домашен притвор, исто како и петмина вработени во МВР. На пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски им беше укинат и домашниот притвор и тие сега се опфатени само со мерки за претпазливост. Во затворски притвор останаа петмина осомничени за настаните од 27 април, против кои денеска беше поднесено и обвинение.

DW.COM