Крај на една ера во Јапонија
30 април 2019Со повлекувањето на царот Акихито денеска завршува неговата ера, наречена Хеисеи („Создавање мир“). Акихито стана цар на 8 јануари 1989 година. Изминатите 30 години не беа многу славен период за Јапонија. Заврши економското чудо, а Кина ја замени Јапонија на втората позиција на најголеми економии во светот. Населението старееше, државата се задолжуваше како никоја друга. Во Јапонија се зборува за „загубени децении“.
Во ерата Хеисеи имаше 17 различни премиери, а од нив само четворица владееја подолго од две години. За константност и доверливост се грижеа царот Акихито и неговата сопруга Мичико. Тие имаа голем придонес во оваа епоха со тоа што на средбите со жртвите од природни катастрофи пружаа топлина, а со одржување на сеќавањето на Втората светска војна станаа морална совест на нацијата. Со утеха и опомена Акихито на институцијата цар, во повоениот устав дефинирана како „симбол на државата и националното единство“, ѝ даде нова смисла.
„Сакам како сите претходни цареви постојано да ја имам на ум среќата на народот и истовремено да се обидувам да создавам царство кое соодветствува на денешното време“, најави тој неколку месеци по стапувањето на должност. Заедно со сопругата го зголеми бројот на јавни настапи и приоритет му беше блискоста со народот.
„Ваквиот нов стил беше добро прифатен од страна на народот, токму во Хеисеи-периодот, во кој растеше социјалната нееднаквост и многу луѓе се чувствуваа депресивно и бесперспективно“, оценува експертот за прашања на царството Хидеја Каваниши од Универзитетот Нагоја. Така Акихито стана симбол на национална интеграција - онака како што пропишува Уставот. Колку попозитивно реагираше населението на сето тоа, толку повеќе царот ги зајакнуваше своите активности.
Суптилни гестови на помирување со Азија
Друго негово тежиште во работењето беше историското наследство од татко му, во чие име царските трупи поробија половина Азија. Конзервативната елита во Јапонија до денес има тешкотии да преземе одговорност за предизвиканото воено страдање и да се извини за тоа. Во тој дел Акихито направи силни гестови, иако Царскиот закон му забранува политички изјави. Така, Акихито за своето прво патување во странство ги одбра Индонезија и Кина. Во Кина тој изрази жалење за јапонската агресија и ги пофали придобивките од кинеската култура. Со тоа ги потсети Јапонците колку многу нивната култура треба да ѝ заблагодари на Кина.
Кога националистичкиот премиер Шинзо Абе на 70-годишнината од крајот на Втората светска војна не го употреби зборот „жалење“, царот во својот говор ја нагласи јапонската „длабока самокритика“. „Акихито се ангажираше за трајно помирување со азиските соседи на Јапонија повеќе отколку мнозинството премиери во Хеисеи-ерата“, оценува историчарот Торстен Вебер од Германскиот институт за јапонски студии во Токио.
Познавачите на состојбите во царската куќа сметаат дека одлуката на Акихито за предвремено повлекување се должи на обидите на конзервативните сили да му ги ограничат активностите со укажување на неговата возраст и здравствена состојба. Според набљудувачите, Акихито стравува дека во такви услови создадената слика за царот би избледела и постоењето на царската институција би било доведено во опасност. „Акихито сака да си замине предвреме за да може активностите нечепнати да му ги предаде на својот син“, анализира експертот Каваниши. Тоа би можело да успее: во февруари годинава Нарухито вети дека ќе го следи патот на своите родители.