1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешкото јапонско соочување со минатото

Ханс Шпрос15 август 2015

Јапонија капитулираше на 15 август 1945 година. Меѓутоа ни во текот на 70 години не успеа јасно да расчисти со својата улога во Втората Светска Војна

https://p.dw.com/p/1GFiS
Фотографија: picture-alliance/dpa/Everett Collection

Германската канцеларка Ангела Меркел за време на својата посета на Јапонија во март годинава потсети дека Германија ја призна својата вина за војната и оти Франција била подготвена да и’ подаде рака за помирување. „Соочувањето со минатото е дел од условот за помирување“, рече Меркел. Таа со тоа на своите домаќини индиректно им препорача поактивно и посамокритично расчистување со јапонското воено минато.

Одговорот беше јапонски пристоен и исто така индиректен, но и покрај тоа јасен: јапонскиот министер за надворешни работи Фумио Кишида изјави оти не е „пристојно“ едноставно да се споредуваат Јапонија и Германија. Постојат разлики во тоа што се случуваше со двете земји за време на војната, објасни миснистерот и додаде оти, освен тоа, Германија и Јапонија се опкружени со поинакви соседи.

Japan Angela Merkel mit Premierminister Shinzo Abe PK in Tokio
Фотографија: Reuters/T. Hanai

Нови националистички тенденции

Дали Јапонија воопшто нешто научи од својот пораз и бесмисленото страдање на милиони луѓе? Одговорот на ова прашање е негативен ако се земат во предвид јапонскиот национализам и ревизијата на минатото, кои изминатите години секогаш од почеток испливуваа на површина. Така, на пример, еден новинар од левичарскиот весник „Асахи“ беше изложен на масовен мобинг поради критичките текстови за илјадниците жени кои јапонските војници ги киднапирале и кои систематски биле силувани во посебни јавни куќи.

А и премиерот Шинзо Абе се огради од изјавите на некои свои претходници кои ја признаа јапонската вина за напаѓачката војна со милиони жртви. И како некои други претходници, и Абе го посети спорниот Јасукуни храм во кој се потсетува на жртвите од војната, меѓу кои се и осудени воени злосторници.

Желбата за помирување треба да биде обострана“

Но работите околу јапонското расчистување со сопственото минато не се толку едноставни, предупредуваат стручњаците. „За разлика од ситуацијата во Германија, каде меѓу политичарите на власт и широката јавност или научниците не постојат толку големи разлики, во Јапонија е поинаку, таа тема е многу почувствителна“, вели историчарот Себастијан Конрад. И јапонологот Гезине Фолајнти-Јост потврдува дека во Јапонија не постои исто мислење за тоа како Јапонците треба да ја вреднуваат Втората Светска Војна и јапонските злосторства. Таа потсети на тоа дека во денешна Германија никој не се сомнева во тоа дека Хитлеровата милитантна политика е главна причина за случувањата во Европа. Наспроти тоа, во Јапонија се’ уште се поставува прашањето: „Дали тоа била напаѓачка војна или само еден пат кон ’источноазиската сфера на благостојба’ под водство на Јапонија? Така, имено, военото јапонско водство ги оправдувало плановите за освојување на Кина и на Азија.

Japanische Flagge Bild Shinzo Abe Hideki Tojo Verbrennung japanisches Konsulat Hong Kong Protest
Фотографија: Reuters

Јапонските повоени влади сметале, а сметаат и денес, дека Јапонија сторила доволно за преземање на одговорноста за воените злосторства и грабежите со тоа што билатерално договорила плаќање на оштета и давала економска помош. Познавачот на Азија, Иан Бурума во интервјуто за ДВ истакнува оти постојат иницијативи за размена на ученици и партнерства меѓу градовите со соседите, но во помали размери отколку што е тоа случај во Европа. „Но успехот на таквите иницијативи секогаш бара и учество на двете страни. Кинезите и Корејците мора да покажат отвореност, што досега не беше секогаш случај“, вели Бурума. Тој потсетува дека не е лесно да се води отворен дијалог со Кина, во која слободата на мислењето строго се контролира. „Јапонија би требало можеби повеќе да направи за помирувањето, но Јапонија тоа не може да го стори еднострано“, заклучува Бурума.

Промена на климата во Јапонија

По донесувањето на пресудата за најважните политички и воени лидери во меѓународната судска постапка во Токио, за Американците како окупациска сила подмирување на сметките со јапонското воено минато беше завршено. И исто како во случајот со Германија по Нирнбершкиот процес, САД пред се’ беа заинтересирани за доверлив сојузник во Студената војна со СССР и со Кина. И така критичките гласови од Кина, Кореја и Тајван допреа до Јапонците дури по завршувањето на Студената војна. Како последица на тоа, во втората половина на 90-тите години постоеше голема подготвеност на владата за самокритика или јавни извинувања. Посебно во 1995., на 50. годишнината од завршувањето на Втората Светска Војна, како и во 1998. при прашањето за присилната проституција. Но од тогаш климата во Јапонија се промени. Конрад објаснува дека националистичките групи, а последните години и владите, го узурпирале правото на толкување на минатото.

Oktober 1945 US General Douglas MacArthur & Hirohito Kaiser von Japan
Фотографија: AFP/AFP/Getty Images

Оваа националистичка струја уште дополнително зајакна поради непопустливиот однос на Кина по прашањето за источнокинеското море и другите спорови со соседните држави.