1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ повеќе Јапонци умираат од преработеност

Џулијан Рајал/бг12 април 2016

Со пристигнувањето на нова генерација вработени, експертите се загрижени поради притисокот врз јапонските работници, како и растечкиот проблем со „кароши“- смрт поради преработеност.

https://p.dw.com/p/1IPez
Фотографија: picture-alliance/dpa

Околу 910 илјади нововработени присустваа на церемониите на добредојде во големи и мали компании ширум Јапонија на први април. Поздравени со говори на претседатели и директори на фирмите, од нив беше побарано да дадат сѐ од себе за организацијата која треба да ја чувствуваат како свое ново семејство. Малкумина од нив засега размислуваат за негативните ефекти од новото работно место.

Уште помалку ќе се сетат на случајот на Мина Мори, која имаше 26 години кога изврши самоубиство во јуни 2008 и тоа само два месецa откако се вработи во „Ватаму Ко.“, фирма која раководи со ланец „изакаја“ барови.

Дури во декември 2015 компанијата се согласи да им исплати компензација од еден милион евра на родителите на Мори. Освен што работела 10 часа дневно, смената ѝ завршувала откако ѝ заминувал последниот воз, па морала и да преспива во барот. На тој начин, Мори имала 140 часа прекувремена работа месечно. Во пораката што ја оставила пред смртта Мори напишала: „Ме боли целото тело. Се чувствувам преморена. Се чувствувам емоционално мртва. Не можам ниту да се движам како што сакам. Ве молам помогнете ми.“

Сѐ повеќе случаи на „кароши“

Владините статистики објавени неделава покажуваат дека судските случаи поради „кароши“- јапонски термин за смрт поради преработеност- се искачиле на 1.456 годишно заклучно со март 2015 година. За споредба, вкупно 1.576 случаи биле пријавени во периодот меѓу 2004 и 2008 година. Состојбата се влошува поради недостатокот на работници во неколку сектори ,меѓу другите во здравството, социјалата и градежништвото, велат аналитичарите.

„Постојат многу причини зошто проблемот се влошува, но сѐ се сведува на чувството на голема конкурентност во јапонското општество“, вели Хироши Кавахито, претседател на адвокатската канцеларија Кавахито во Токио и член на Националниот совет за жртвите од кароши.

Japan Seniorentag
Работната сила забрзано старееФотографија: Yoshikazu Tsuno/AFP/GettyImages

„По распрснувањето на економскиот меур на почетокот на 1990-те, економијата стагнираше, па компаниите мораа да имплементираат мерки за штедење и да вработуваат работници само на определено време. Притоа, од постојано вработените се очекуваше да работат подолго и беа под засилен притисок. Тие стравуваа дека доколку не покажат резултати ќе го загубат таквиот статус“, вели Кавахито.

Во изминатите 25 години, продолженото работно време, неплатената прекувремена работа, пократките одмори станаа норма во јапонското општество.

Притоа, и покрај законското ограничување на работното време, стравувајќи за своето работно место работниците доброволно прифаќаат да работат подолго, па 12-часовното работно време се смета за нормално во земјата.

Ужасни работни услови

Роберт Дујарич, директор на Институтот за современи азиски студии во Токио вели дека условите за работа за Јапонија се „ужасни“, но смета дека нема зголемување на случаите на „кароши“.

„Работењето за јапонска компанија е вакво со генерации, па сметам дека она што се случува сега е стареење на работната сила, па поради тоа постарите луѓе страдаат од зголемен крвен притисок или срцеви удари“.

Japans Ministerpräsident Shinzo Abe nach Enthauptung japanischer IS-Geisel 01.02.2015
Премиерот Шинзо Абе се обиде со нов закон да го реши проблемотФотографија: Reuters/T. Hanai

Владата се обиде да го реши проблемот со ново законско решение во 2014 година. Тоа овозможува мониторинг на компаниите и истражување на случаите на смрт или нарушено здравје поради преработеност. Минатата година властите истражиле 2.362 случаи и утврдиле неправилности во 60 проценти од случаите. Но, Кавахито смета дека само мал дел од случаите се истражуваат и предупредува дека доколку проблемот наскоро не се реши, последиците за јапонското општество ќе бидат драматични.

„Помладите работници се обврзани да работат толку многу часови што не им останува време за девојки или момчиња. Само работа, работа, работа. Тоа значи дека ќе стапуваат во брак далеку подоцна- доколку воопшто и го сторат тоа- и немаат деца. Владата тврди дека е загрижена поради намалувањето на населението и старата работна сила, но не прави доволно за да им помогне на луѓето кои сакаат да имаат нормален семеен живот“, вели Кавахито.