Кој е Хамас и кој го поддржува? | Свет | DW | 19.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кој е Хамас и кој го поддржува?

Радикалниот Хамас по четврти пат жестоко се судри со Израел, откако пред петнаесетина години ја презеде власта во Појасот Газа. За што се залага Хамас, на чија поддршка се потпира и од каде му се толку многу ракети?

„Радикален“ или „исламистички“, тоа се епитетите кои обично во западните медиуми одат со името на организацијата Хамас, која во 2007 година ја презеде власта во Појасот Газа. Во последните денови, откако Хамас со илјадници ракети го гаѓа Израел, сѐ почесто се зборува за „исламистичко терористичка организација“. Така на Хамас се гледа официјално во ЕУ и во САД.

Исклучок во Европа се Швајцарија и Норвешка, две неутрални земји кои негуваат контакти со Хамас. Некои други држави дури и го поддржуваат. 

Кратка историја

Хамас е основан во втората половина од 80-те како опозиција на Палестинската ослободителна организација, ПЛО на Јасер Арафат. Спорно прашање е дали Хамас всушност е „создаден“ со пари на израелската влада, како противтежа на ПЛО. Не изненадува што таквото сценарио денес го демантираат и Израел и Хамас. Зашто, за разлика од ПЛО, Хамас не го признава правото на Израел да постои како еврејска држава.

На грбот на Хамас е насликана џамијата Ал Акса со познатата златна купола, а меѓу палестинските знамиња се наѕираат контурите на неподелена палестинска држава, територија која го вклучува и денешното државно подрачје на Израел.

Арафат во 1993 година, во рамките на Мировниот процес во Осло склопи мир со Израел и така ја оконча Првата интифада, како што се нарекува палестинското востание. Хамас не го призна тој договор и продолжи со напади на израелски подрачја.

Повеќе:

Ракетната војна не стивнува: 52 илјади Палестинци без покрив над главата

Зошто се заострува ситуацијата и на Западниот брег?

„Животното осигурување“ на Израел

На изборите во 2006 година во Појасот Газа, Хамас освои апсолутно мнозинство, а една година подоцна по воен пат ја зацементира власта. Во областите на Западниот Брег на власт е умерената партија Фатах под водство на Махмуд Абас. Поради таа констелација често може да се чуе дека палестинските области не се раздвоени само географски, туку и политички.

Од Појасот Газа Хамас продолжи со напади врз Израел, опишувајќи ги како самоодбрана. Овие денови сме сведоци на четврта ескалација на воени судири по 2008/2009, 2012 и 2014 година.

Кој го поддржува Хамас?

Појасот Газа е едно од најгусто населените подрачја во светот, со околу два милиони жители на 360 квадратни километри. Газа е речиси целосно изолирана поради скоро целосно херметички затворените граници со Египет на југ и Израел на исток и север и Средоземно Море  на запад. Голем дел од населението живее во сиромаштија, осудено на хуманитарна помош, која минатите години, под притисок на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, беше многу намалена.

Кога Хамас врши напади, често цивилното население му служи за човечки штит. Ракети се испалуваат од станбени населби, а командите се наоѓаат во згради. Хамас често копа и тунели за шверц на оружје, првенствено од Египет. Но, тамошната влада тврди дека не е заинтересирана за продолжување со таа пракса. 

Еден од најважните донатори од странство за Хамас е – Катар. Тамошниот емир во 2012 година како прв странски државник го посети Хамас во Газа. Оваа мала заливска држава досега на Хамас му има префрлено преку 1,5 милијарди евра. Израел се надева дека Катар и некои други арапски држави ќе пристапат кон „Абрахам акорд“, инициран од Трамп, па така ќе воспостават дипломатски односи со Израел.

Уште еден важен сојузник на Хамас е Турција. Непосредно пред последните ракетни напади од страна на Хамас, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше со политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханија и му ветил поддршка.

Освен Катар и Турција, Хамас го поддржува и цела низа невладини иницијативи и здруженија, меѓу кои и од Германија. Според пишувањето на германсиот магазин Шпигел, германските здруженија блиски до Хамас во Појасот Газа испраќаат донации во милионски износи.

Bildergalerie Nahost Konflikt

Илјади ракети истрелани од Газа врз Израел

Од каде се ракетите?

Бројот истрелани ракети во нападите врз Израел од почетокот на минатиот понеделник, во многу ги надмина досегашните ескалации на насилство, бројките велат дека Хамас, според сопствени наводи, само минатиот вторник испалил 130 ракети во рок од неколку минути.

Со таков интензитет не може да излезе на крај ни израелската противвоздушна одбрана, надалеку прочуената Железна купола. Во една недела врз Израел се испалени преку три илјади проектили. 

Ракетите на Хамас долго стигнуваа воглавно од Иран. Аналитичарот Фабијан Хинц, специјализиран за тематиката ракети на Блискиот Исток, за втората програма на германскиот јавен телевизиски сервис ЦДФ изјави: „Беше познато дека разни групи во голема мерка ги зголемиле своите арсенали. Беше познато и дека количината на ракети кои им стојат на располагање  се движи околу илјади парчиња, тоа во повеќе наврати е потврдено и од страна на израеслки извори.“

Весникот „Ерусалим пост“ цитираше извори од редовите на тајните служби кои тврдат дека арсеналот на Хамас опфаќа до 6.000 проектили. А тука се и и до 8.000 ракети кои ги поседува Исламски џихад, организација која делумно соработува и со Хамас.

Според Хинц, иранските ракети долго во Појасот Газа биле шверцувани преку Судан, односно Египет. Но, сега тоа веќе не е толку едноставно, посебно откако во 2019 година суданскиот диктатор Омар ал Башир беше соборен од власт. Во меѓувреме Хамас, се претпоставува, најголем дел од арсеналот го произведува сам, на лице место, од суровини и со алат прокриумчарени од странство.