1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Коцките се фрлени, се гледаат контурите на решението за името“

25 февруари 2010

Такис Михас е еден од малубројните Грци, кои очекуваат скорешно надминување на јазолот околу името на Република Македонија. Тој гледа индиции за подготвеност на двете страни за надминување на долгогодишниот спор.

https://p.dw.com/p/MAcA
И Атина има проблем со силните лобистички групи за иметоФотографија: Nikos Pilos

Такис Михас е активен публицист и соработник на либералниот весник „Елефтеротипија“. Тој смета дека постојат некакви индиции за подготвеност на двете страни во спорот за компромис и приближување. Тоа е впрочем и причината за повторното доаѓање на посредникот во спорот Метју Нимиц во Скопје и Атина. Дали токму овој пат ќе му појде од рака да оствари пробив по долги години дипломатски настојувања или не, останува отворено. Но, Такис Михас смета дека „коцките се веќе фрлени“: „Мислам дека веќе сега може да се насетат контурите на решението. Тоа би изгледало вака некако: од една страна, нашиот северен сосед ќе прифати компромисно име со географска додавка, на пример Република Северна Македонија. Ова име веројатно би се користело и во меѓународните организации. За возврат грчката страна би требало да даде гаранција дека името на јазикот и на нацијата на соседот не ја интересираат...“

Проблемот е во лоби-групите

Такис Михас во Грција се смета за интелектуалец кој ги крши табуата, кој се зафаќа за проблематични теми и и’ ја соопштува на јавноста непријатната вистина поврзана со нив. Меѓу нив спаѓа, на пример, ангажманот на грчки доброволци во масакрот во Сребреница. Запрашан дали смета дека изнаоѓањето решение може да биде спречено преку националистичката реторика и недостатокот на доверба меѓу двете страни во спорот, Михас одговара: „Сметам дека како во Грција, така и во соседната земја постојат силни лобистички групи, на кои не им одговара да се најде решение. Овде кај нас многумина се уверени дека само грчка Македонија има право да се вика така. Од другата страна на границата, пак, се лобистите на т.н. Егејски Македонци, кои зборуваат за прогони и бараат враќање на нивните наводно конфискувани имоти. Сите овие лобистички групи имаат стекнато широка поддршка кај населението и со тоа успеваат да го блокираат изнаоѓањето решение. Јас сепак мислам дека во сето тоа премиерот Груевски има нешто поголем простор за маневрирање, бидејќи голем дел од населението во неговата земја не е засегнат од проблемот со името, имено, албанското малцинство.“

Dossierbild 2 von 3 Griechenlands Finanzkrise
Економската криза во Грција ја комплицира ситуацијатаФотографија: DW/AP

Дополнителна компликација

Ионака тешката ситуација дополнително ја комплицира и сегашната финансиска криза, во која се наоѓа Грција. Растечкиот притисок на тоа поле го смалува маневарскиот простор за надворешно-политички иницијативи. Наспроти тоа, официјална Атина покажува и такви амбиции преку најновата иницијатива за интегрирање на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ до 2014 година - токму на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна. Но, таквата идеја не е лесно да се реализира, оценува публицистот Такис Михас: „Тоа не би го сметал за многу сериозно со оглед на актуелната економска состојба во Грција. Прашање е во каква позиција ќе бидеме ние во 2014 година... Освен тоа во Централна Европа се забележува и замор по прашањето на натамошното проширување на ЕУ. Оваа иницијатива на грчката влада е секако знак дека таа има добра информативна политика и може да придонесе за подобрување на општата клима на Балканот. Но, во моментов се сомневам дека ќе добие поголема политичка тежина...“ - нагласува грчкиот публицист и соработник на весникот „Елефтеротипија“, Такис Михас.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска