Косово - „камче во чевелот“ кое го жули Балканот | Информации и анализи за Балкан | DW | 08.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Косово - „камче во чевелот“ кое го жули Балканот

Една изјава на премиерот на Бугарија предизвика жестоки реакции во Србија. Амбасадорите се „повикуваат на рапорт". Како гледаат на сето ова во Бугарија? Од Софија, Емилија Милчева, новинарка на ДВ на бугарски јазик.

За време на прес-конференцијата на самитот во Познањ минатата недела, бугарскиот премиер Бојко Борисов беше прашан да оцени како назначувањето на шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, ќе влијае на евроинтеграцијата на Западен Балкан. „Кога се зема толку важна функција", одговори Борисов, „последно нешто што треба да се прави е да се заштитуваат своите национални интереси - туку мора да се штитат интересите на целата Унија. Ако биде избран Борел, тоа не значи дека позицијата на Шпанија ќе биде релевантна за другите земји, за нас кои го признавме Косово ".

Меѓутоа, не постои единствена позиција на ЕУ за Косово. Од 28-те земји членки на ЕУ (Велика Британија сѐ уште нема излезено од ЕУ), 23 ја признаа најмладата држава на Балканот. Останатите пет се Шпанија, Романија, Кипар, Грција и Словачка.

Но, позицијата на едните и на другите има иста тежина, и бројот на земји тука не е важен. Премиерот Борисов требаше да ја научи оваа лекција за време на бугарското претседателство со Европската унија, а најдоцна во мај минатата година, кога самитот на ЕУ и Западен Балкан во Софија за малку не пропадна - и поради позицијата на петте земји на ЕУ, но и поради и Србија, чии претставници не сакаа Фотографираат со косовскиот претседател Хашим Тачи. Според неофицијални информации, Борисов лично морал да преговара со српскиот претседател Александар Вучиќ за да се избегне бојкот на самитот.

Повеќе:

-Западен Балкан: И по самит... самит

-Западниот Балкан во редот за чекање

-Познањ: Многу пари, малку успешни приказни

Се разбира, се подразбира дека еден шпански политичар, кога ќе стане шеф на дипломатијата на ЕУ, мора интересот на Унијата да го стави пред националните интереси. Дури и италијанскиот премиер Џузепе Конте своевремено вети дека ќе работи на укинување на санкциите против Русија, но доскорешната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Италијанката Федерика Могерини, ја спроведуваше и застапуваше политиката на ЕУ за овие санкции.

Многу дрска изјава

Изјавата на Борисов предизвика (очекувано) бурна реакција на српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ. Тој во одделна изјава за агенцијата Танјуг рече дека ставот на ЕУ не е дека Косово е независно и оти бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој тврди дека е, треба да го земе тоа предвид.

„Србија сака добри, пријателски и сојузнички односи со соседна Бугарија, што подразбира високо ниво на разбирање на најважните интереси на двете земји и на двата народа. Бидејќи имаме разбирање за прашањето за бугарскиот национален идентитет, јазикот или прашањето за Гоце Делчев, исто така очекуваме разбирање за значењето на косовското прашање за српскиот народ. Изјавата на бугарскиот премиер не се однесува на квотата за риболов или квалитетот на српското сирење во преговорите со Европската унија, туку се однесува на територијалниот интегритет на Србија ", рече Дачиќ.

Покрај тоа, Дачиќ потсети дека статусот на Косово е неутрален - затоа во документите на ЕУ, Косово се споменува со ѕвезда и фуснота, и сите официјални претставници на ЕУ се обврзани да го почитуваат ова.

На вчерашниот конгрес на владејачката бугарска партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија), министерката за надворешни работи Екатерина Захариева оцени дека изјавата на Дачиќ е несоодветна и емотивна, додавајќи дека не би било лошо Дачиќ да се извини. Според Захариева, на Балканот секогаш се реагира премногу емотивно, иако „говорот на бугарскиот премиер бил политички и правно апсолутно коректен. ЕУ не признава држави, ниту една организација не признава држави, државите се признаваат од страна на држави“.

„Камче во чевелот“

Односите помеѓу Србија, земја кандидат за членство во ЕУ и нејзината поранешна покраина Косово, која сега е независна република и потенцијален кандидат за членство во ЕУ, се многу сложени и тешки. Постојат тензии и помеѓу Белград и Сараево, а проблемите со етничките тензии во Босна и Херцеговина не запираат.

Тешко е некој би се осмелил да предвиди кога ќе се смират страстите на Балканот. Сите обиди на ЕУ и на САД да интервенираат во решавањето на споровите, користејќи притоа адути како членството во ЕУ и во НАТО - не успеаја. Може да се слушнат гласови дека на страните во спорот ќе им биде препуштено самите да се договорат.

За Бојко Борисов проблемот меѓу Србија и Косово е ... „камче во чевел". На маргините на конгресот на ГЕРБ, тој рече: „Без оглед колку болно, мора да има конечно решение. Не случајно такви состаноци организираа францускиот претседател и германската канцеларка. Тоа е како камче во чевелот - ако не го извадиме, тогаш нема начин да разговараме за инфраструктурата или за дигиталното поврзување.“ 

Своето „камче во чевелот“ Атина и Скопје го извадија - по повеќе од 30 години. Поминаа нешто повеќе од десет години откако Приштина унилатерално прогласи независност во 2008 година.

Во обид да ја смири балканската кавга, српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого Борисов повеќепати демонстрираше разбирање, најави дека лично ќе се погрижи Белград и Софија да се вратат на нивните одлични односи. Вучиќ, кој она што се случи го опиша како „мало недоразбирање", неделава ќе зборува со бугарскиот претседател Румен Радев, како и со премиерот Борисов. Вучиќ, истовремено, во изјава што ја објави Танјуг, некако успеа да го вметне и тоа дека во Србија живее и бугарско малцинство кое „не треба да страда поради такви несогласувања“. Но тоа страда без тоа. Ова „камче во чевелот" не е отстрането сто години*.

*Во 1919 година бугарските земји денес познати како западни покраини му беа предадени на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците со Нејскиот мировен договор.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама