Една третина од граѓаните на ЕУ сметаат дека корупцијата се зголемува | Економија | DW | 15.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Една третина од граѓаните на ЕУ сметаат дека корупцијата се зголемува

Глобалниот барометар за корупција (ГЦБ) на Транспаренси Интернешнал покажува дека околу една третина од граѓаните на ЕУ сметаат оти корупцијата во нивната земја се зголемува.

Колкава е перцепцијата за корупција во земјите на ЕУ? Истражувањето на Транспаренси Интернешнал покажува дека речиси една третина од граѓаните во Унијата сметаат дека корупцијата во нивните земји е во пораст. Освен тоа, според Глобалниот барометар за корупција, објавен денеска, во европски просек 62% од испитаниците оценуваат дека корупцијата во нивните влади претставува голем проблем. Притоа, најниски се бројките во Данска (12%) и Финска (16%), а највисоки во Бугарија (90%) и Хрватска (92%).

Со репрезентативното истражување со кое се опфатени 40.600 граѓани од 27-те земји членки на ЕУ, меѓу другото, се истражува колкава е перцепцијата за корумпираност на одделни општествени сфери, како политика, економија, правосудство и цивилно општество.

Речиси една половина од испитаниците се уверени дека нивните влади не преземаат доволно мерки против корупцијата. Седум проценти од испитаниците одговориле дека во изминатите 12 месеци дале пари за поткуп со цел да стигнат до јавни услуги како што се здравствена нега или образование. Во апсолутни бројки и пренесено на ниво на цела ЕУ тоа би биле околу 18 милиони луѓе.

Повеќе:

Европското обвинителство ја почнува борбата против корупцијата

„Бугарија мора да го промени имиџот на корумпирана држава“

ФинЦЕН: што преземa ЕУ против перењето пари?

Во Германија 26,4% од граѓаните се уверени дека корупцијата во 2020 година се зголемила, а 38,5% се на мислење дека владата лошо или многу лошо се бори против корупцијата. Во текот на изминатите 12 месеци 3,2 од испитаниците дале поткуп за да стигнат до јавни услуги, а 21,1 од испитаниците се послужиле со лични врски за да дојдат до некаква јавна услуга.

Довербата во сојузната влада е во основа голема - 79,1%, но 34,3% од испитаниците сметаат дека проблем претставува корупцијата во рамки на владата. Впечаток дека сојузната влада е под влијание на големи лобистички групи имаат 61,6% од испитаниците.

Symbolbild Korruption

Компаниите поткупуваат или се служат со врски за да стигнат до јавни проекти, уверени се повеќе од половина од германските граѓани

Што се однесува до правосудството во Германија, довербата е процентуално повисока - 85,8% (од тоа 49,1% имаат голема доверба), а така е и со довербата во полицијата - 90,7% (од тоа 54,2% имаат голема доверба).

Алармантни се резултатите од истражувањето за перцепцијата за корупција во германската економија - дури 34,9% од испитаниците сметаат дека раководните лица во економијата се вмешани во корупција. 57,5 од испитаниците одговориле дека се на мислење оти компаниите плаќаат пари или со врски добиваат јавни проекти. Десет проценти од испитаниците дури се уверени и дека повеќето невладини организации се вмешани во корупција.