Коронавирус: САД сакаат да почнат со вакцинирање во ноември | Свет | DW | 03.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Коронавирус: САД сакаат да почнат со вакцинирање во ноември

САД се подготвуваат за дистрибуција на една или повеќе вакцини веќе од крајот на октомври. Критичарите во ова гледаат политизација на вакцината пред претседателските избори во ноември.

Центрите за контрола на болести и превенција (ЦДЦ) побарале од сите американски сојузни држави да се подготват за разделување на потенцијални коронавирус вакцини на најризичните групи луѓе, според документите објавени вчера во медиумите.

„ЦДЦ им достави на сојузните држави на располагање одредени плански мерки, вклучувајќи и евентуално ограничени количини на вакцина во октомври и ноември", изјави портпаролка на ЦДЦ за новинската агенција Ројтерс. До 1 ноември дистрибутивните центри мора да бидат целосно подготвени, побарал директорот на ЦДЦ Роберт Редфилд од гувернерите, кој во писмото споменува укинување на административните ограничувања, издавање на дозволи и лиценци. Документите кои ги објави весникот „Њујорк тајмс" споменуваат една или две можни вакцини од редот на најуспешните кандидати на фармацевтските концерни Модерна, АстраЗенека или Пфајцер. 

Гледај видео 01:24

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

Експертите одново предупредуваат да не се брза и на пазарот да не се вади потенцијална вакцина без претходни неопходни студии. Регулаторните служби во целиот свет повторуваат дека брзината на развој на вакцини нема да влијае врз сигурноста на вакцината доколку забрзаните резултати резултираат од водење паралелни студии, кои инаку вообичаено се одвиваат едноподруго.

Водечкиот американски виролог д-р Антони Фаучи минатата недела изјави дека е можно на располагање да се стави вакцина за одредени групи и пред завршувањето на клиничките студии, но доколку резултатите бидат дотогаш непобивни.

Повеќе:

ЕУ планира првична вакцинација од коронавирус на 40% од населението

Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

Коронавирус: Оздравени пациенти брзо ги губат антителата и можат повторно да се заразат

САД се посебно тешко погодени од пандемијата на коронавирус, веќе се регистрирани преку шест милиони инфицирани и преку 183.000 смртни случаи.

Можното воведување на почетокот на ноември некои критичари го толкуваат како политизација на вакцините. На 3 ноември во САД се одржуваат претседателските избори, а коронавирус вакцина може да влијае врз политичката и општествената клима, во услови кога претседателот Доналд Трамп се бори за реизбор.

Белата куќа веќе склучи договори со потенцијални производители. Исто така и ЕУ осигура опции и договори купување на повеќе милиони дози вакцина.

Реклама