Комплицирани времиња за гласачите на Трамп со големо срце | Свет | DW | 26.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Комплицирани времиња за гласачите на Трамп со големо срце

Сузи и Вејн Пејн се горливи поддржувачи на Трамп. Сакаат поцврста доселеничка политика. А, се борат за тоа еден Африканец кој го прекршил законот, да не биде протеран. Инес Пол ги посети во Колорадо.

Секој кој поминува покрај нивната ќука од цигла обрасната во растенија-ползавци, треба веднаш да види за кого политички им бие срцето на Сузи и Вејн Пејн. Двојката на драго срце за човекот кого го нарекуваат „најдобриот претседател” би го поставила синиот знак со натписот „Трамп/Пенс” во градината, но „постојано ни го крадат”, се жали Сузи.

Политичкото расположение во гратчето Пуебло во Колорадо со стотина илјади жители, на два часа јужно од Денвер, е напнато. Пред четири години Донал Трамп тука извојува победа. Но, само со еден процент предност. Пуебло е град на работници со повеќе од 50 проценти доселеници од Латинска Америка. Покрај економскополитичките програми на кандидатите, тука пред сѐ е битна доселеничката политика. 

Се бореле со зависности

Семејството Пејн од 1977 живеат во Пуебло. Во нивниот живот имале неколку големи кризи. „Имавме проблеми со зависности и претрпевме тешки периоди”, вели Вејн Пејн. Семејството за малку ќе се распаднело поради тоа. Но, потоа двојката доживеала пресврт. „Бог нѐ повика”. Тоа било во 1983 година. Од тогаш се ангажирани христијани, Вејн Пејн редовно држи миси во независната „Црква на Исус”. Зборува пред околу 60 членови на црквата за правото на живот, против абортус и за построги закони за доселување. На таа тема за двојката заболекари во пензија нема дилеми. „Демократите ќе ни ја уништат земјата, тие секого пуштаат да се досели”, вели сопругата Сузи.

USA | Reportage Trump Unterstützer | politische Vorlieben (Ines Pohl/DW)

Поддршка за Трамп

Тие се молат и за Доналд Трамп. Да биде здрав и реизбран и понатаму да презема строги мерки каде што има потреба. „Секако ни требаат доселеници за многу работи кои инаку никој не сака да ги работи. Но, не може секого да пуштаме. Тоа не може да си го дозволиме.”

Повеќе:

Трамп не гарантира мирно предавање на власта

Дали разочараните републиканци ќе го сменат Трамп?

САД: Предизборна кампања со Калашников

Трамп би можел навистина да ја добие битката

Да завршува приказната тука би биле исполнети разни стереотипи. Белци, верници на слободна црква кои се викаат христијани, но богатството не сакаат да го делат со никого и го гласаат Трамп за мнозинството од општеството да остане привилегирани и белци. И да биде забранет абортус. Вејн Пејн ја има токму таа грижа кога го среќаваме во ходникот од неговиот дом. Сака да знае точно од кој медиум сме. И дали навистина сакаме да известуваме за тоа што ќе го видиме. Или само тоа што и онака го имаме како оформено мислење за гласачите на Трамп. „Оти тоа го прават многу американски медиуми”. 

Идриса Камара веќе шест години живее кај нив 

Ја придобивме довербата на Вејн и Сузи Пејн. Нѐ поканија во нивниот дом во кој од жештината се кријат зад венецијанери. Светлото паѓа од еден лустер и ги осветлува солзите на Вејн при молитвата за Идриса Камара. За триесет и едногодишниот маж од Гвинеја кој секој ден живее со опасноста да биде протеран. И кој веќе шест години живее заедно со нив. Тој за двајцата, кои имаат три возрасни деца и веќе шест внуци, е како син. Камара на 12- годишна возраст дошол во САД. За Сузи Вејн е важно да нагласи дека дошол како „легален доселеник”. Дошол со двајца братучеди од западноафриканската земја Гвинеја. Татко му веќе бил во САД. Во 2007 направил глупост. Бил фатен како продава дрога. За 90 долари. За тоа бил ставен во затвор. Со условот никогаш веќе да не направи престап ако сака да остане во САД. Тој успеал. Не завршил како многу други со таква приказна уште подлабоко во криминал. Одел на школо, добил работно место, се ангажирал волонтерски и станал христијански верник. Бил растен како муслиман, но потоа станал член на нивната Црква на Исус. Еден пријател на Вејн го крстил. Во 2016 ја запознал Американката Ари Вудсон, двајцата работеле во истото непрофитно претпријатие. 

Се вљубиле еден во друг и станале двојка. Како што му наложувале властите, тој редовно се јавувал кај службата за доселеници и се надевал дека конечно ќе добие регулиран престој и ќе може со Ари Вудсон да основа семејство.

Без интерес за големата политика

Висока политика не го интересирала. За заострените правила за протерување кои ги пропагира претседателот кого го гласале неговите „заменски родители”, тој и не размислувал. Сѐ до оној ден. Всушност била само рутинска посета кај за него надлежното лице од Службата за доселеници. На тој ден во септември 2018 го поздравиле мажи кои до тогаш ги немал видено. Камара не си помислил ништо. Поканата била како и секогаш, рутинска посета. Погрешна проценка која завршила во страшна трагедија. Уште во влезот му ставиле лисици, бил одведен и држен 250 дена. Администрацијата на Трамп ги заострила законите за да може да се протеруваат луѓе како Камара, само затоа што пред десет години продавал дрига, треба да се врати во земја која ја напуштил како 12-годишно момче и во која не стапнал речиси 20 години.

USA | Reportage Trump Unterstützer | Idrissa Camara (Ines Pohl/DW)

Неизвесна иднина во САД за Идриса Камара

Неговата девојка не можела да ја издржи разделбата

Со секој изминат ден и неизвесност на девојката на Камара, Вудсон, и било сѐ полошо. Камара ѝ бил голема љубов. Луѓето кои ја познаваат добро велат дека била интровертна личност која уште повеќе се повлекла во себе. Заканата од депортација била толку неподнослива што таа девет месеци по неговото затворање си го одзела животот. Се застрелала во срцето. Во прошталното писмо напишала дека ниту еден поддржувач на Трамп не смее да присуствува на нејзиниот погреб. Вејн и Сузи Пејн со поддршка од заедницата уште од првиот ден му обезбедиле адвокат на Идриса Камара. Тие се бореле за негово ослободување. Залудно. Сѐ до самоубиството на неговата девојка. Два дена подоцна бил ослободен. Засега. Никој не знае дали и кога повторно ќе биде затворен. И дали овојпат навистина ќе биде депортиран.

Сочуствуваат со Идриса Камара

Пејнс ја познавал Вудсон. Можете да ја почуствувате растревоженоста кога зборува за тоа колку се зарадувал за „неговиот Идриса“, дека пронашол партнерка. Тој сочувствува со Идриса за тоа што го преживува и смета дека константниот страв од депортација е ужасен. Но, тоа не ја менува поддршката за политиката за доселување на Трамп. Во основа е исправно да се оди пожестоко. Но, мора да се најдат начини луѓето да се третираат поединечно. Идриса е прекрасен човек кој грешел во минатото. „Како и многу луѓе, па и јас,“ вели Вејн и додава: „Господ ни ги простува грешките, па тоа мора да го направиме и ние луѓето.“ Кога ќе навлезат сомнежи, молете се. „Тоа ни помага.“ Одговорноста за трагичната судбина на Идриса во никој случај не ја гледа кај Доналд Трамп. Тој може да ги постави само основните политички линии, додека деталите се одговорност на останатите. И тие ќе мора да го проценат секој случај поединечно. Секако дека не е исправно Камара да биде депортиран. „Тој е прекрасен човек.“

Тој и неговата сопруга, неговото семејство и заедницата и понатаму ќе се борат за Идриса, ќе собираат пари и ќе се молат. Тој исто така ќе може да живее кај нив до кога сака. „Премногу е лесно секогаш да се обвинува Доналд Трамп за сѐ. Но, секој од нив може конкретно да помогне.“ Онака како во духот на христијаните.

Реклама