Кина: Трамп е „наивен“ | Свет | DW | 12.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина: Трамп е „наивен“

Доналд Трамп неодамна водеше историски телефонски разговор со тајванската претседателка, а сега ја доведе под прашање и политиката за единствена Кина. Пекинг реагира со отворена закана.

Кинеските државни медиуми во своите критички коментари го потсетуваат американскиот претседател дека т,н. политика за една Кина во оваа држава не е „предмет за пазарење“. Еден надворешнополитички експерт новоизбраниот американски претседател го оценува како дипломатски незрел: „Затоа, мора јасно да му укажеме на сериозноста на проблемот и да извршиме притисок врз него“, изјави Ли Ксаидонг, професор на Универзитетот за надворешни работи во Пекинг. Прашањето за Тајван не е предмет на преговори. Трамп за дипломатијата знае колку и едно дете. Ако тој во прашањето за Тајван воведува отворено промена на политиката, мора да биде подготвен на вистинска бура, потенцира експертот.

Отворени закани

Кина би можела да се сврти кон „силите кои се непријателски расположени кон САД“, доколку Трамп отворено ги поддржува стремежите на Тајван кон независност или сака да ги зајакне испораките на оружје од САД за островот. Пекинг би можел отворено да поддржува вакви држави или тајно да им продава оружје, шпекулира весникот „Глобал Тајмс“. Во интервју за „Фокс њус“ идниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека целосно ја разбира досегашната американска политика на признавање на владата во Пекинг за единствена за цела Кина. Но, тој не разбира зошто САД би морале да останат врзани за „политиката на една Кина“, сѐ додека со Кина не бидат постигнати договори за други работи, на пример за трговијата. Тој побара отстапки од Кина во нејзината трговска, монетарна и надворешна политика.

Политика за една Кина од 1979 година

САД во рамките на својата политика за приближување кон Кина во 1979 година ги прекинаа дипломатските односи со Тајван и владата во Пекинг ја признаа за единствена за цела Кина, што се означува како „политика за една Кина“. Трамп уште претходно ги разбранува духовите со телефонскиот разговор со тајванската претседателка Тсаи. Комунистичкото раководство во Кина Тајван го смета за „одметната“ провинција и се заканува со негово насилно враќање. Според Пекинг, Тајван е неразделен дел од Кина. Според оваа логика, Пекинг бара другите земји да не воспоставуваат дипломатски и други официјални односи со демократската островска држава, доколку сакаат нормални односи со Кина.

 

 

DW.COM

Реклама