Катар купува американски воени авиони | Свет | DW | 15.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Катар купува американски воени авиони

Среде дипломатската криза околу Катар, САД со емиратот склучи воен договор тежок милијарди долари. Заливската држава купува американски вони авиони од типот Ф-15.

Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис потпиша договор со својот катарски колега Калид ал-Атија за продажба на 36 американски воени авиони. Договорот е тежок 12 милијарди долари. Во соопштение на Пентагон се вели дека Катар со договорот добива модерна опрема, со која ќе биде зајакната и воената соработка на САД и Катар. Во Катар се наоѓа најголемата американска база во регионот. Двајцата министри се единствени во ставот дека тензиите во регионот на Заливот мора да се намалат.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и други држави на почетокот на јуни ги прекинаа своите дипломатски односи со Катар, воздушниот сообраќај беше прекинат, а границите затворени. Со тоа емиратот беше изолиран. Арапските држави го обвинуваат Катар дека поддржува сунитски терористички организации, како Исламска држава, Муслиманското братство или Хамас.

Riad Treffen Donald Trump Tamim Bin Hamad Al-Thani Emir Katar (Getty Images/AFP/M. Ngan)

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со емирот на Катар, Тамим Бин Ал-Тани, во Ријад на крајот на минатиот месец

За кризата околу Катар од САД доаѓаат спротивставени сигнали. Додека Трамп го повторува своето обвинување кон Катар за поддршка на тероризам и го поздравува ставот на останатите арапски држави, министерот за надворешни работи Рекс Тилерсон настапува многу поумерено. Тилерсон апелираше до Саудиска Арабија и другите држави да стават крај на изолацијата на Катар. Тој истовремено од владата во Доха бара сериозно да ги сфати забелешките на другите земји и да направи повеќе во борбата против тероризмот.

Инаку, Министерството за надворешни работи на САД даде зелено светло за договорот за авионите уште во ноември минатата година. Тогаш на власт сѐ уште беше администрацијата на Обама.

 

DW.COM

Реклама